Зајакнати капацитетите на Бирото за јавни набавки со финансии од ЕУ

Од:

Улогата на јавните набавки станува уште поважна во време на економска криза бидејќи треба да им овозможат на субјектите што нудат најквалитетни услуги и најевтина цена да преживеат на пазарот, но тоа да се направи во најтранспарентна постапка во што Бирото за јавни набавки има клучна улога.

Тоа го изјави денеска вицепремиерот за економски прашања Владимир Пешевски на завршната конференција за твининг проектот „Поддршка на системот за јавни набавки“ што го спроведе Македонското биро за јавни набавки во соработка со администрацијата од германското Сојузно министерство за економија и технологија.

Усогласувањето на националните системи на јавни набавки на земјите-членки и земјите-кандидати за членство, укажа Пешевски, е еден од најважните инструменти за јакнење на внатрешниот пазар и отстранување на пречките за слободна трговија во рамки на Европската унија.

– Во изминативе години во областа на јавните набавки беа спроведени бројни мерки и активности за развој на правната рамка и институционалните капацитети, а постојаниот напредок се оценува и во сите извештаи на Европската комисија за напредокот на Република Македонија, укажа вицепремиерот Пешевски.

Според него, Македонија е лидер во регионот во електронските набавки и е-аукциите. Забележителни се придобивките во тој поглед со зголемување на транспарентноста, конкуренцијата и ефикасноста во постапките за доделување на договорите за јавни набавки. Досегашните искуства од електронските набавки и е-аукции, според Пешевски, генерираа позитивни ефекти за буџетските финансии, односно заштеди во пари, време и човечки ресурси, поради што од годинава границата за задолжителни електронски набавки е подигната на 100 проценти од вкупната проценета вредност на сите јавни договори.

Иако јавните набавки се динамична област, нагласи, и тие не се имуни на тековните трендови, како на пример економската криза.

– Во оваа смисла академската јавност, како и креаторите на политиката на јавните набавки во ЕУ, ги сметаат јавните набавки за една од клучните алатки преку кои се остварува стабилен економски пазар како на земјите-членки, така и на земјите-кандидати. Предизвик за наредниот период ќе биде поттикнувањето на иновациите и воведувањето на зелените набавки како нови трендови во таа област, рече вицепремиерот за економски прашање.

Директорката на Бирото за јавни набавки Маре Богева Мицовска оцени дека со реализацијата на проектот за поддршка на системот за јавни набавки, Бирото за јавни набавки добило многу придобивки со оглед дека биле успешно реализирани сите предвидени компоненти.

Ова за нашиот систем значи уште еден чекор за целосно усогласување со правилата и регулативата на ЕУ, посочи Богева Мицовска.

Таа посочи дека системот е поставен да ги спречи сите можности за корупција. Владата преку Бирото за јавни набавки со воспоставување на електронскиот систем за јавни набавки ја постави на максимално ниво транспарентноста која е една од основните алки за борба против корупцијата, укажа директорката на Бирото за јавни набавки.

Според евроамбасадорот Аиво Орав, јавните набавки се многу важни за бизнисот бидејќи ја зголемуваат конкурентноста и за потрошувачите со оглед дека ги намалуваат цените и гарантираат квалитет на услугите. Ако се користат одговорно јавните набавки можат да донесат додадена вредност на парите, посочи Орав.

Европската унија, како што рече, постојано го препознава сигурниот и стабилен пат што го води оваа држава во поглед на јавните набавки. Последниот извештај за напредокот на Република Македонија од ЕК го потврдува тоа. Се разбира дека останува да се направат уште работи во тек на процесот на пристапување, а ЕУ ќе продолжи да нуди поддршка и насоки во тие активности.

Твининг проектот „Поддршка на системот за јавни набавки“ се спроведе во изминатите 17 месеци со буџет од милион евра.

Би можело да ве интересира

Универзалниот снабдувач избран без да се овозможи конкуренција, граѓаните ќе плаќаат милиони евра повеќе за струја

А1он

Влада: Веднаш по изборите да се подготват законски решенија за статусот на специјализантите по медицина

Штрајк на приватните специјализанти: Работиме 24 часа за 26.000 денари, а немаме ниту здравствено

Орце Костов

ДКСК: Владата и Апелациските судови не доставиле податоци за бројот на службени возила

Орце Костов

Влада: Одлука за кадровското решение во ЦУК на наредната седница

Студентите и вработените на ФИНКИ на протест пред Владата