Во Прилеп почна откупот на тутунот, се очекува безбедна и реална откупна кампања

Од:

Прилепскиот тутунски комбинат денеска официјално го почна откупот на тутунот. Тој е втора, по Сокотаб од Битола, откупна компанија од вкупно десетте во земјава кои ќе го купуваат годинашниов род од околу 23.000 тони.

Тутунарите на стартот сметаат дека нереално се проценува нивниот труд и мака и дека им се скратува на класите.

-Јас денеска го ценев тутунот. Секоја година прв го носам за откуп. Лани многу убаво одеа цените, ама годинава многу тешко. Претежно оди 4 и 3 класа. Донесов 430 килограми, вели долгогодишниот тутунопроизводител Ваит Асаноски од Прилеп.

Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Аријанит Хоџа истакна дека сме на почетокот на откупот и дека не се очекуваат големи проблеми.

-Ова е втора компанија која го почнува откупот. Дојдени сме да видиме како се одвива откупниот процес. Сѐ уште е почеток и реално, очекуваме дека нема да има поголеми проблеми со откупот. Рано е да говориме за некаква процена, но очекуваме да биде во најдобар ред. Имав повеќе состаноци со откупувачите и со Земјоделските здруженија. Засега два откупни центри го почнаа откупот. Средствата се обезбедени и тоа што е договорено нема да остане неоткупено. Сакаме сѐ да помине во најдобар ред, посебно да се запазат сите мерки за заштита за да не дојде до затворање на цел откупен пункт. Ќе се следи ситуацијата. Не би сакал пораката во почетокот на откупот да биде негативна. Да почекаме како ќе се одвива, па да преземеме мерки доколку има проблеми, изјави Хоџа.

Кире Станкоски, директор на прилепскиот Тутунски комбинат, нагласи дека ќе се плаќа по еден ден од откупот и не се очекуваат проблеми. Најави дека деновиве ќе се отворат пунктовите во населените места.

-Официјално го почнавме откупот, парите се обезбедени. Имаме 21 откупен пункт со 31 вага. Деновиве ќе ги отвориме пунктовите и во населените места. Прво им посакувам добро здравје на тутунарите. Наше е да имаме реална процена на родот. Наша цел ќе биде обострано задоволство со тутунарите. За заштита на здравјето на кооперантите, целта ни е откупот да трае подолго за да нема турканици, посочи Станкоски.

Сојузот на земјоделските здруженија ќе ги штити тутунарите за да добијат реална цена при откупот. Менде Стомнароски, претседател на Сојузот вели дека ќе почекаат сите 10 откупувачи да ги отворат пунктовите.

-Досега се две откупни компании кои го почнаа откупот, најавата е дека другите осум ќе ги отворат пунктовите до 5 декември. Сѐ што е во нашиот домен, со нашите претставници на вагите ќе преземеме да ги заштитиме тутунарите. Со самото почнување на сите откупни компании, доколку има нереална процена, ние ќе преземеме сѐ што е во нашиот домен. Дури, ако дојде до таква ситуација, ќе ги повлечеме поверениците, за тутунарите да не бидат оштетени. Но, овој период е сушен, па оневозможува тутунарите да го спакуваат тутунот за откуп, изјави Стомнароски.

Би можело да ве интересира

Петмесечно бебе со голема кашлица хоспитализирано во Прилеп

Вандали уништиле мермерни плочки околу спомениците – Урни во Могилата на непобедените во Прилеп

Четири работнички од Непал му избегале на газдата во Прилеп, случајот пријавен во полиција

Орце Костов

Во прекин сообраќајот на патот Прилеп – Градско поради сообраќајка

Жена од Прилеп се заканувала дека ќе запали кафеана

Горан Наумовски

Одрон на патот Прилеп – Витолишта, сообраќајот се одвива отежнато

А1он