Владата со оперативни мерки за вработување на над 2.000 лица

Од:

Над 2.000 лица ќе бидат вработени годинава со шесте мерки од Оперативниот план за поддршка при вработување што Владата го усвои на последната седница. За нивната реализација ќе се одвојат седум милиони евра од Буџетот на Република Македонија.

Планот е составен од повеќе активни програми и мерки за вработување со кои треба да се овозможи стимулирање и поддршка на новите вработувања.

– На овој начин се дава сериозен придонес во отворањето на нови работни места, будење на приватната иницијатива, претприемачкиот дух кај граѓаните, но и директно финансиски се поддржува вработувањата на лицата преку давање на неповратни средства, преку субвенционирање на дел од платата, преку плаќање на целата плата или плаќање на придонесите, истакна денеска на прес-конференција владиниот портпарол Александар Ѓорѓиев.

Со Програмата за самовработување планирано е да се овозможи вработување на околу илјада лица и за таа цел ќе бидат одвоени 194 милиони денари. За секое самовработување и почеток на бизнис, државата ќе дава неповратни средства во висина од околу 200.000 денари од кои 180.000 за набавка на опрема и репроматеријали, а 15.000 за бизнис-план.

Втората мерка со која се опфатени невработените лица кои потешко се вклучуваат на пазарот на трудот треба да овозможи вработување на 500 лица и за нејзина реализација државата ќе одвои 700.000 евра.

Предвидено е за секое вработено лице работодавачот да добива по 13.000 денари за период од шест месеци со обврска да го задржи работникот на работа најмалку уште 12 месеци. Доколку биде вработено лице од ранливите групи финансиската поддршка од државата ќе изнесува 17.000 денари.

Оперативниот план вклучува и вработување на лица со инвалидитет и на деца без родителска грижа.

Со мерката за вработување на лица со инвалидитет планирано е да бидат опфатени околу 300 лица и за нив ќе се одвојуваат три милиони евра. Работодавачот кој ќе вработи вакво лице и редовно ќе му исплаќа плата и придонеси во период од девет месеци ќе добие од државата поддршка од 20 просечни плати, а во случаи кога лицето со инвалидитет е слепо или има потреба од помагало – количка ќе добие 40 просечни плати.

На работодавачот кој ќе вработи дете без родителска грижа државата ќе му дава по 9.000 денари месечно и ќе ги исплаќа 100 отсто придонесите за него во првите 12 месеци, а за втората година ќе плаќа 50 проценти од придонесите.

Со Оперативниот план опфатени се и вработувањата кај малите и средните претпријатија и кај занаетчиите. За секое ново отворено работно место тие ќе добиваат по 92.000 денари.

Владиниот портпарол најави дека и годинава ќе продолжи Програмата за доделување на државно земјоделско земјиште на користење на лица корисници на социјална помош.

За сите овие мерки најдоцна во првата недела од февруари ќе биде објавен календар за апликација за средствата за финансиска поддршка.

Според последните податоци од Агенцијата за вработување, со мерките за самовработување кои се реализираат веќе четири години вработени се над 8.000 лица. Процентот на успешност на новоотворените бизниси надминува над 85 проценти.

Би можело да ве интересира

Владата на Пленковиќ го преживеа гласањето за доверба

Платформата за ХИВ бара неопходниот буџет за заштита на населението од ХИВ-инфекција

Владата размислува користењето на криптовалути да го стави во законски рамки

Влада: Оставката на Дамева е единствената исправна одлука

Ставот на Владата за уставните измени е јасен и остануваме на истиот, изјави Митева

Азизи: Владата вонредно заседаваше, донесена одлука да се позајмат на градот Скопје дел од нафтените резерви на државата