Владата бара идеи за најдобар модел за концесионирање со „Македонско село“

Од:

Владата ќе бара од бизнис заедницата и јавноста идеи и сугестии за функционирањето на комплексот „Македонско село“, со цел во транспарентен процес да обезбеди најдобар модел кој ќе биде вграден во тендерот за негово давање под концесија, а со тоа и поголем интерес за вклучување на бизнисот во процесот на негово стопанисување.

– Целта на Владата е да најде најдобар модел кој ќе биде содржан во рамките на конкурсот за избор на концесионер и на тој начин да се оствари од една страна профитабилен деловен потфат за субјектот кој ќе го стопанисува комплексот, а од друга страна да се обезбедат содржини, модалитети, атрактивност, интензивна посетеност што ќе биде од корист за граѓаните, изјави денеска владиниот портпарол Александар Ѓорѓиев.

Потенцира дека заинтересираните субјекти од Македонија и од странство можат до Министерството за економија да достават бизнис-концепт на не повеќе од три до четири страни во кои ќе ја истакнат својата визија, цели и согледувања како би можел да се развие и да функционира овој туристички комплекс, како би се обезбедувале туристи и како ќе функционираат одделни содржини во комплексот.

Ѓорѓиев појасни дека во текот на наредната недела ќе почне да се претставуваат можностите што ги нуди туристичкиот комплекс. За таа цел, рече, веќе од понеделник претставници од Владата, Министерството за економија и од други институции ќе имаат средби со претставници од стопанските комори, Комората на туристичките работници, експерти од оваа област, угостители, а воедно на тие средби ќе се соберат и идеи со цел тие да бидат внесени во документацијата за концесионерската постапка. Ќе се одржат јавни презентации и поголем број јавни настани на кои ќе бидат прикажани можностите кои ги нуди комплексот.

Владиниот портпарол информира дека наредната недела во Министерството за економија ќе бидат отворени понудите од понудувачите заинтересирани да ја изготват физибилити студијата која е законски услов за распишување на постапката за давање под концесија на комплексот.

– Се очекува дека по изборот на субјект кој треба да ја изготви, таа ќе биде завршена за 20 до 30 дена и кон средината на ноември ќе биде распишан конкурсот за избор на концесионер, рече Ѓорѓиев.

Додаде дека податоците кои ќе бидат содржани во изготвената физибилити-студија ќе бидат споени и со идеите и сугестиите што Владата ќе ги добие од јавноста, бизнис-заедницата, коморите, туристичките работници, угостителите… На таков начин, рече, ќе биде изготвен бизнис-моделот кој ќе биде предмет на самата документација во рамките на постапката за избор на концесионер.

– Согласно динамиката се очекува во јануари 2014 кога комплетно градежно ќе биде завршен туристичкиот комплекс да биде избран и концесионер кој ќе стопанисува со него и официјално да биде пуштен во употреба овој туристички капацитет. Очекуваме бизнис-заедницата активно да се вклучи со свои сугестии, а потоа да се вклучи и во постапката за концесија и да се здобијат со правото да стопанисуваат со комплексот бидејќи според сите параметри кои се направени тој нуди профитабилно водење бизнис, рече владиниот портпарол.

Туристичкиот комплекс се состои од 12 куќи. Секоја од нив симболизира одреден регион од Македонија. Тие се поделени на две нивоа. Горните нивоа се за сместувачки капацитети, а во долните можат да се воспостават содржини од занаетчиство кое го карактеризира односниот регион кој го симболизира куќата. Во туристичкиот комплекс има меана и ан, во кој потенцијалниот концесионер би можел да обавува бизнис од областа на угостителството, а има и останати придружни содржини како рибници, делови за симболично одгледување на добиток…

Со ставање во употреба на туристичкиот комплекс, сметаат од Владата, ќе се овозможи поголема туристичка посетеност на градот Скопје како од страна на македонските граѓани, така и од странските туристи со што ќе се обезбеди приход за останати стопански сфери кои се нужно поврзани со туризмот.

Би можело да ве интересира

Влада: Веднаш по изборите да се подготват законски решенија за статусот на специјализантите по медицина

Штрајк на приватните специјализанти: Работиме 24 часа за 26.000 денари, а немаме ниту здравствено

Орце Костов

ДКСК: Владата и Апелациските судови не доставиле податоци за бројот на службени возила

Орце Костов

Влада: Одлука за кадровското решение во ЦУК на наредната седница

Студентите и вработените на ФИНКИ на протест пред Владата

Зошто се одложува изборот на нов универзален снабдувач на струја за домаќинствата?

А1он