Влада: Новата мерка за субвенционирање на придонесите на платите ќе го задржи стручниот кадар

Од:

Новата мерка за субвенционирање на придонесите за платите ќе го задржи стручниот кадар, ќе ја поттикне и продуктивноста на компаниите за нов економски раст што ќе ја придвижи спиралата за дополнителен раст на платите, а со тоа и на развојот, оцени денеска Владата, прецизирајќи ги во соопштение новините со мерката по усвоениот ребаланс на Буџетот, што вчера го презентираа премиерот Зоран Заев и министерката за финансиии Нина Ангеловска.

Со мерката за субвенционирање на придонесите од задолжителното социјално осигурување за претпријатијата кои ќе ги зголемат платите на своите вработени до 100 евра во денарска противвредност се предвидени 400 милиони денари. Со неа, истакнува Владата, се сузбива сивата економија и давањето плати во кеш.

– Мерката е од исклучително значење, бидејќи со неа ќе се поддржат компаниите кои се соочуваат со потешкотии за наоѓање и задржување на стручен кадар. На тој начин, ќе се поттикне и продуктивноста на компаниите што е основа за економски раст. Од друга страна ќе се поттикне спиралата на плати, што ќе се рефлектира на забрзан раст на платите. Мерката прво важи еднакво за сите компании и вработени во приватниот сектор. Тоа се околу 610 илјади наши сограѓани. Оваа мерка на ја опфаќа јавната администрација бидејќи во оваа дејност нема исплата на плати во кеш, а со покачувањето на платите во овој сектор, нормално си оди и плаќањето на придонесите зголемени соодветно на секое покачување, стои во соопштението.

Благодарение на добрите перформанси на Буџетот, на неговата ликвидност и финансиска стабилност, како што потенцира Владата утврдено е дека може да се алоцираат предвидените 400 милиони денари за субвенционирање на придонесите за да се овозможи пораст на платите.

– Со оваа мерка, наместо да даваат пари во кеш како дополнување на платата на работниците, за да ги мотивираат, да ги задржат, работодавачите не ја даваат целата бруто плата, зашто вкупно придонесите на бруто плата изнесуваат 47 отсто заедно со персоналниот данок. Целта е навистина да се демотивира исплатата на дел од платата во кеш, велат од Владата.

Со новата мерка што ја предлага Владата, работодавачите ќе платат само 11 проценти персонален данок, а другиот дел, пензиско, здравствено и социјално осигурување, ќе го покрие државата. – Така, вработените ќе добијат повисоки нето плати и ќе бидат мотивирани да останат на работа. Тоа е мерка која ќе придонесе кон мотивацијата и младите луѓе, и сите други, да останат во државата зашто платите ќе растат, истакнуваат од Владата и дополнуваат дека во креирањето на мерката се водела грижа за влијанијата на мерката на Буџетот и заради тоа е воведен лимит на висината на придонесите што ќе бидат субвенционирани и тие се соодветни на зголемувањето на платата до 100 евра во денарска противвредност.

Според Владата, дополнителен ефект од оваа мерка е што, во суштина, со субвенционирање на придонесите за здравствено и пензиско, ќе се помагаат двата фонда, и здравствениот и пензискиот, наспроти на фактот што заради исплатата во кеш, овие фондови не ги добиваа тие средства.

– Оваа мерка го обезбедува приливот на средства во овие два фонда, ги стабилизира, но и отвора можност за дополнителен раст на платите, на пример – во здравството. Овој ребаланс на Буџетот ја има токму таа цел да го забрза растот и да вбризга повеќе пари кај граѓаните и компаниите за раст на платите, се вели во соопштението.

Би можело да ве интересира

Универзалниот снабдувач избран без да се овозможи конкуренција, граѓаните ќе плаќаат милиони евра повеќе за струја

А1он

Влада: Веднаш по изборите да се подготват законски решенија за статусот на специјализантите по медицина

Штрајк на приватните специјализанти: Работиме 24 часа за 26.000 денари, а немаме ниту здравствено

Орце Костов

ДКСК: Владата и Апелациските судови не доставиле податоци за бројот на службени возила

Орце Костов

Влада: Одлука за кадровското решение во ЦУК на наредната седница

Студентите и вработените на ФИНКИ на протест пред Владата