(ВИДЕО) Спасовски: За три години изградени повеќе од 300 километри атмосферска канализација

Од:

За три години изградивме повеќе од 300 километри атмосферска канализација во сите општини во државата, а Јурумлери е единственото населено место во нашата земја и во регионот кое доби иновативна вакуум фекална канализациска мрежа, порача премиерот Оливер Спасовски по увидот во работите на фекална канализација во Трубарево и увид во градежните работи на изградба на вакуум канализација во Јурумлери заедно со градоначалникот на Општина Гази Баба Борис Георгиевски.

Тој во изјава за медиумите истакна дека дури и во вонредни околности Владата успешно ја спроведува долгорочната стратегија за изградба на инфраструктура која ќе остане и за идните поколенија.

-Кризата предизвикана од пандемијата не ги попречи капиталните инвестиции. Спротивно на тоа, капиталните проекти продолжија со изведба и тоа со забрзана динамика. Градиме инфраструктура за сите, во вонредни околности, почитувајќи ги мерките за заштита. Тоа е новото нормално. На овој начин и помагаме на економијата во многу важен период. Интензивно и во услови на корона криза се работи на локалната инфраструктура во фаза во која е отпочната изградба на дополнителни 500 километри водоводи и канализации за што обезбедивме 100 милиони евра за сите општини, рече Спасовски.

Тој посочи дека во Трубарево, заедно со Општина Гази Баба, која од своја страна инвестираше 80 милиони денари, е ставена во функција фекалната канализација и после 17 години на граѓаните им е обезбеден приклучок кон примарната мрежа.

-Вкупната должина на мрежата е 13 километри, со изградени три нови препумпни станици, а уште една препумпна станица ќе се гради во Чукур маало. Изградени се 400 нови шахти за приклучок кон примарната мрежа. Ги поврзавме левата и десна страна на Трубарево во една колекторска линија која води кон населеното место Гоце Делчев, која претходно не беше воопшто поврзана. Со овие капитални проекти работиме директно за решавање на децениските проблеми кои овие населени места ги имаа, обезбедувајќи им конечно фекална мрежа, потенцира Спасовски.

Јурумлери, посочи, е единственото населено место во нашата земја и во регионот кое конечно доби иновативна вакуум фекална канализациска мрежа.

-Ова е сложен проект бидејќи самата местоположба на ова населено место и подземните води налагаа изградба на посебен вакуум систем на канализациска мрежа. Проектот за реализација на вакуум станицата се реализира со средства на општината, на Светска банка и на Владата. Изградени се и 3.100 метри примарна мрежа и поставени се 68 примарни шахти, го објасни проектот премиерот Спасовски.

Тој прецизираше дека дополнително со средства на Светска банка, во висина од 72 милиони денари, се гради нова пречистителна станица кај реката Вардар, како втората фаза од проектот и додаде дека со третата фаза ќе се заокружи овој голем капитален проект на целата територија на населеното место Јурумлери.

-Со овој проект јамите стануваат минато. Решаваме уште еден голем проблем кои со години ги мачеше жителите на ова населено место. Она што е за поздравување е што при изградбата на овој голем проект општината не барала самопридонес во стотици евра од граѓаните, како што било пракса во минатото. Единствен трошок на граѓаните е приклучокот од нивниот дом до примарната линија, истакна премиерот.

Посочи дека паралелно се работи и на изградба на водоводна мрежа во Раштак и Булачани, изградба на водоводни линии во Ченто и Стајковци и најави наскоро почнување на фекална мрежа во Смилковци.

Градоначалникот Георгиевски рече дека пред две и пол години наследиле населени места кои немаат чиста вода за пиење или канализациска мрежа и со посветена работа и поддршка од Владата успеале да започнат со решавање на овие децениски проблеми.

-Денес по цели 17 години ја ставивме во функција фекалната канализација во Трубарево. Од вкупно 13 километри проектирана фекална мрежа, до сега изградена е 10 километри примарна и секундарна фекална мрежа. Оваа година со буџетот обезбедивме осум милиони денари за изградба на фекална мрежа на осум краци во должина од 1.285 метри. Во Јурумлери, пак, ја работиме изградбата на вакуум канализационата мрежа, која е единствена во нашата земја и регионот, истакна Георгиевски.

Би можело да ве интересира

Влада: Веднаш по изборите да се подготват законски решенија за статусот на специјализантите по медицина

Штрајк на приватните специјализанти: Работиме 24 часа за 26.000 денари, а немаме ниту здравствено

Орце Костов

ДКСК: Владата и Апелациските судови не доставиле податоци за бројот на службени возила

Орце Костов

Влада: Одлука за кадровското решение во ЦУК на наредната седница

Студентите и вработените на ФИНКИ на протест пред Владата

Зошто се одложува изборот на нов универзален снабдувач на струја за домаќинствата?

А1он