(ВИДЕО) Деспотовски: Нема поклон пари, компаниите кои ќе имаат добивка ќе ги враќаат парите добиени од државата

Од:

Околу 150 домашни микро, мали и средни компании имаат можност да добијат поддршка за брзо прилагодување на последиците од Ковид – 19 од Фондот за иновации кој за оваа намена има буџет од 3,3 милиони евра, а аплицирањето почнува денес. Компаниите ќе добијат државна помош во висина од 70 отсто од буџетот за планираните проекти , а останатите 30 отсто се обврзани сами да ги обезбедат. Микро компаниите можат да побараат најмногу 750.000 денари, малите компании 1,5 милион денари и средните компании можат да добијат поддршка која не треба да го надмине износот од 3 милиони денари.

Новитет во овој повик од Фондот за иновации како инструмент за технолошки развој за брзо прилагодување на последиците од кризата е тоа што компаниите ќе имаат обврска да ги вратат парите кои ќе ги добијат од државата доколку имаат добивка.

„Посебна новина за оваа мерка која сакам да ја акцентирам е дека владата станува партнер за развојна мерка, ова не е мерка за ликвидност, ова не е поддршка за опстанување, ова е поддршка за побрзо заздравување. Воведуваме иновативен пристап во финансирањето. Не даваме кредити, не даваме грантови значи нема поклон пари. Средствата кои ги доделуваме подразбираат поврат, но не по цена на опстанокот на компанијата и опстанокот на работните места. Ако сме партнер во добивката, односно во остварените резултати, ќе бидеме партнер и во делењето на ризикот. Компаниите кои ќе добијат средства за повратот ќе имаат обврска овие средства да ги вратат меѓутоа како процент од бруто добивката во првите три години по завршување на инвестицијата“, вели Јован Деспотовски, директор на Фондот за иновации.

Во Фондот направиле симулација на новиот модел на финансирање согласно финансиските резултати кои ги остваруваат компаниите кои во моментот ги финансира Фондот. Станува збор за финансиски резултати од 2018 и 2019 година.

„Тие покажуваат дека моделот што го предлагаме, а тоа е 15 проценти од бруто добивката во првите три години по завршување на инвестицијата, гарантира дека средствата ќе бидат вратени. Ова гарантира е секако релативна категорија бидејќи сепак сме во пост кризен период и никој со сигурност не може да каже колку ова ќе трае, меѓутоа тоа не не ослободува од обврската да се обидеме и да го забрзаме заздравувањето“, објасни директорот Деспотовски.

Рокот на реализација на проектите е 12 месеци. Аплицирањето за повикот почнува денес, а повикот ќе боде отворен до 26 јуни.
Спецификата на оваа мерка и на овој инструмент, според директорот Деспотовски е тоа што се фокусира на развојна поддршка на домашните компании кои имаат потенцијал за успешно работење. Потенцијалот се базира и на тоа како компаниите работеле во периодот пред кризата.

Новина во овој повик е и тоа што со добиените средства може да се покриваат и платите за оние кои ќе работат на реализација на проектите. Платите може да се предвидат како трошок.

Со буџетот од 3,3 милиони евра ќе се поддржи дигитализација во компаниите, воведување на протоколи за заштита на вработените, подобрување на организационата структура и реорганизација на работните процеси, воведување на нови производи и услуги или значително подобрување на постојните, особено на оној сегмент за кој што постои зголемена побарувачка и во време на криза и за кој се очекува дека ќе постои побарувачка и во време на пост кризниот период, обука за среднорочно планирање на бизнисот и обука за вработените како и сите мерки кои компаниите сметаат дека ќе им помогнат не само во подобро прилагодување туку и во развој, ќе се сметаат за подобни за финансирање со овој инструмент.

Пари од Фондот може да се побараат и за набавка, изнајмување или изработка на опрема, со тоа што под опрема не се подразбира само информатичка технологија туку може да биде било што што се смета за технологија.
Специфично за овој повик е и тоа што еден од критериумите е компанијата апликант во изминатите две години да нема регистрирано загуба.

Предност на овој повик ќе имаат компаниите од помалку развиените региони и компаниите управувани од жени или компании кои во сопственичката структура имаат жени.

Би можело да ве интересира

Јанушев: Обвинителството да отвори истрага за грантовите од ФИТР на Дрин Ахмети, од шест милиони по огласот, тој добил пет

ФИТР со реакција: Внукот на Ахмети барал повеќе пари за иновации ама му одобриле само 82.000 евра

А1он

Фондот за иновации потрошил еден милион евра за хонорарци и експерти кои не поминале интервју, открија ревизорите

Орце Костов

МАСИТ: Цоневски со волонтерски ангажман во Комисијата, не подлежи на поднесување анкетен лист

Катерина Ѓуровски

Саша Максимовски ги демантира тврдењата на ВМРО-ДПМНЕ

Катерина Ѓуровски

ФИТР: Почнува проектот за дигитализација на повеќе од пет милиони оргинални записи на Институтот „Крсте Мисирков“

Ана Ололовска