Туристичките работници бараат итно решавање на проблемите од Владата

Од:

Туристичките работници испраќаат честитки до новата Влада, која вети дека по формирањето веднаш ќе ги стави на дневен ред барањата кои чекаат да бидат разгледани повеќе од три месеци.

„Честитки за новата Влада. Очекуваме дека Министерството за економија и Владата веднаш ќе превземат мерки за нашиот сектор туризам, кој дефинитивно е најзагрозениот и најпогодениот во оваа Ковид 19 криза. Нашите барања се веќе доставени до Министерот за економија, Кресник Бектеши, кој е запознаен со огромните проблеми со кои се соочивме со затворањето на границите и неможноста да продолжиме да работиме и да егзистираме. Се надеваме на слух и разбирање од нивна страна, бидејќи помошта ни е неопходна за да можеме да опстоиме“, велат туристичките работници.

Тие напоменуваат дека доаѓаат есенските и зимските денови, кои секако се мртов период, а со неможноста да се реализираат летните аранжмани, уште повеќе им се отежнува ситуацијата.

„Голем дел од агенциите, превозниците и водичите со престанувањето на финансиската поддршка за плата не исплатија плати за јули и август, а веќе ни пристигнуваат опомени. Не сме во можност да ги покриеме ниту основните трошоци за плата, кирија, сметки и останатите тековни трошоци. Бараме конечна разврска на нашите проблеми, бидејќи се грижиме за работните места на вработените и нашата иднина. Подготвени сме да ги прикажеме извештаите од нашите приливи во изминатите шест месеци, за да докажеме дека состојбата е сериозна и не бараме да профитираме, едноставно да опстоиме додека да дојдат подобри времиња“, додаваат тие.

Сметаат дека институциите се веќе доволно запознаени со проблематиката и затоа под итно треба да се донесе одлука за помош.

„Најавивме втор протест, кој го одложивме до формирањето на Владата. Сега очекуваме позитивен одговор од нивна страна, или ќе бидеме приморани повторно да излеземе на улиците, секојдневно додека не добиеме каков било одговор“, велат туристичките работници.

Во секторот туризам работат повеќе од 5000 лица, а им се заканува затворање на повеќе од 300 агенции. Тука секако спаѓаат и превозниците и туристичките водичи. Агенциите повеќе од шест месеци се спречени да ја работат својата дејност. Доколку продолжи овој тренд, ќе згасне една цела гранка на економијата, која придонесува во буџетот на државата.

Би можело да ве интересира

Прогласени најдобрите дестинации во светот за ноќен живот

Предраг Петровиќ

„Руси доaѓајте, сметаме на вас“

Предраг Петровиќ

Туристичките капацитети за празниците исполнети до 80 отсто

Горан Наумовски

Јаневски поднесе оставка од функцијата директор на Агенцијата за туризам

Катерина Ѓуровски

Во земјава нема доволно кустоси, странски водичи раскажуваат поинаква историја за нашите локалитети

Катерина Ѓуровски

Продолжениот Велигденски викенд повеќе од половина ќе ги исполни сместувачките капацитети на охридското крајбрежје

Ана Ололовска