Дополнителниот заменик-министер за земјоделство, шумарство и водостопанство, Цветан Трипуновски денеска го посети селото Орман и направи увид во каналот за наводнување што покрива над 300 хектари површина. По увидот изјави дека ситуацијата е алармантна зашто каналот три години не е во функција и земјиштето не може да се обработува.
Ова, рече Трипуновски, е уште еден доказ за манипулацијата што ја прават актуелните министри од СДСМ, за нивната некадарност и немањето желба да работат во функција на земјоделците.
-Во текот на вчерашниот ден остварив средба со земјоделците од населените места Волково и Орман, каде што еден од соговорниците, чичко Ванчо, ми укажа дека има сериозен проблем со каналот за наводнување. Јас им ветив дека во текот на денешниот ден ќе направам лично увид. Веќе трета година по ред овие земјоделци кои одгледуваат житни култури и раноградинарски култури не можат да го обработуваат земјиштето бидејќи каналот е нефункционален и практично водата од реката Лепенец не може да оди низ него и да се користи за наводнување. Ова е само уште еден доказ дека не зборувам невистини и дека не манипулирам со јавноста. Ова е демант и за министерот Трајан Димковски кој три години заедно со неговиот директор на АД Водостопанство не излегол на терен за да го стави во функција овој канал кој значи егзистенција за земјоделците од овој регион, нагласи Трипуновски.
Тој апелира во наредните месеци надлежните да го стават каналот во функција зашто доаѓа нова производна година.
-По 12 април каде што практично ќе си оди оваа ненародна власт од фотелјите на Илинденска број 2, наредната влада која што ќе ја формира ВМРО-ДПМНЕ ќе ги засука ракавите и веднаш овој проблем ќе биде решен. Нефункционалноста на овој канал нема влијание само на земјоделските површини, туку буквално целата вегетација и високите дрва кои се на потегот на овој канал се исушени. Загрозена е целокупната животна средина, флората и фауната во овој дел на општина Ѓорче Петров, додаде дополнителниот заменик-министер.
Чичко Ванчо, како што го претстави Трипуновски својот соговорник, инаку жител на селото Орман, укажа дека проблем со каналот имаат и селата Никиштани и Волково.
-Околу нас гравитираат и Чучер, Бањани, Глуво, како и Бразда. И тие имаат тука парцели. Околу 350 хектари површина во овие три години е целосно напуштена. Нема никакво производство во моментов, никој во последните три години не дојде да ни помогне, а ние живееме исклучиво од земјоделство. Овие три години во нашево село и стоката се уништи, растителниот свет е уништен, животинскиот свет е уништен, белите дробови на ова месно население се уништени, што значи нема живот. Ние бараме егзистенција, државата да ни помогне, не бараме „преку леб погача“, туку да ни се помогне да опстанеме. Друг излез немаме. Нам овој канал ни значи живот. Тоа ни е најголемиот проблем, истакна жителот на Орман.