Трифун Костовски: Оркестрирано се брани корумпираниот систем

Од:

Сопственикот на Еуростандард банка, Трифун Костовски реплицираше на реакциите на НБРМ, МБА, Јавното обвинителство и бившите гувернери Гошев и Богов дека оркестирано го бранат, според него, корумпираниот банкарски систем во земјава.

„Реакциите на сите погоре споменати институции и личности имаат заеднички именител, а тоа е да се брани нешто што не е одбранливо. Поривите на институциите до некаде ги разбирам, бидејќи објавениот извештај се однесува на севкупниот банкарски систем на Република Македонија, каде Еуростандард банка била само една мала алка во синџирот на незаконско работење.

Последиците од овој извештај може да бидат многу тешки за целата држава, доколку институциите повикани да делуваат го отворат случајот и се зафатат со вистинско расчистување на организираниот криминал во банкарскиот систем. Од тој аспект, токму поради можноста за евентуален банкрот на Македонија, упатувам апел до институциите да час поскоро се зафатат во костец со овој организиран криминал и да го елиминираат многу внимателно, при што главните креатори и носители на овој криминал да бидат изнесени пред лицето на правдата.

Извештајот недвосмислено укажува дека Еуростандард банка, како дел на овој децениски безмилосно воспоставен систем кој е во непречена функција веќе две децении, е колатерала. Зошто? Затоа што ние акционерите сакавме заедно со новиот Управен одбор на банката да излеземе од ваков систем на функционирање. Тоа не ни го дозволија. Прашање е кој? Тоа се токму институциите и лицата кои први реагираа на објавениот извештај. Објавениот извештај има несоборливи факти, пред кој посебно Обвинителството не смее да молчи, туку напротив треба да преземе сериозни чекори во расчистувањето на ова општествено зло, со најмали можни последици по државата“ се вели во соопштението.

Костовски ги повтори своите аргументи дека Народна банкасо умисла ја однела Еуростандард во стечај прескокнувајќи ги вонредните мерки.

„Ако јас сум згрешил во изборот на Управниот одбор, а Народна банка била свесна дека лиценцираниот од нејзе директор работи спротивно на законот за банки, тогаш таа требаше да ги одземе лиценците. Тоа од страна на Народна банка никогаш не беше сторено. Инструментот воведување администрација во банката се прескокна од причина само нив позната, а денес и во јавноста е јасно дека средства за наплата во банката имало и дека по едногодишна пауза повторно ќе ѝ беше вратена лиценцата.

Факт кој говори за тенденциозноста на Народна банка да го изврши овој чин е тримесечното одбивање да биде примен на разговор потенцијалниот инвеститор и купувач кој ги имаше исполнето сите критериуми, барани од страна на Народна банка.Повторувам, Народна банка е само егзекутор, додека наредбодавците се токму лицата кои го имплементираа незаконското банкарско работење со заеми кои доведоа до димензии на неподносливост“, реагира тој.

Во врска со изјавите на Гошев и Богов, Костовски вели:

„Според објавениот извештај првите индикации за појавување на недозволени позајмици во банкарскиот систем се евидентирани во 2004 година, токму во моментот кога за гувернер е назначен Петар Гошев. Се прашувам дали Гошев се брани себеси или го штити неговиот патрон? Реакцијата на господинот Богов е на место.

За многумина од нас сè уште е нејасно како може вака етаблиран банкарски систем да функционира“, вели Костовски прашувајќи го Богов кој му наредил Еуростандард банка да не ја купи Алфа банка (денешна Силк Роуд банка).

Би можело да ве интересира

Асоцијација на банки: Не може за пропаѓањето на една банка да се обвини цел банкарски сектор

Орце Костов

(ВИДЕО) Костовски: Гувернерите на Народна Банка се под ингеренција на Хари Костов од Комерцијална

Орце Костов

Трифун Костовски: На 22 август ја објавувам вистината за стечајот на Еуростандард банка

Костовски бара оставка од Антикорупциска, не покажала интерес и не отворила предмет за Еуростандард банка

Ана Ололовска

Костовски: Лицата кои се под истрага за Еуростандард банка да се идентификуваат со име и презиме

Жарко Настоски

Трифун Костовски по отфрлената жалба за замрзнатиот имот: Објавувам граѓанска непослушност

Жарко Настоски