Тевдовски: Oколу 400 милиони евра од Светска банка за пакет проекти во Македонија

Од:

Светска банка ќе и стави на располагање околу 400 милиони евра на Македонија за проекти во следните четири години. Ова беше истакнато на годишните средби на ММФ и Светска банка на кои учествува македонска делегација предводена од министерот за финансии Драган Тевдовски и гувернерот на НБРМ, Анита Ангеловска Бежоска.

За пакет проектите и новата стратегија за соработка со Светска банка, како што соопшти Министерството за финансии, е зборувано на состанокот на македонската делегација со потпретседателот на Светска банка, Сирил Мулер и директорот за Западен Балкан, Европа и Централна Азија, Линда Ван Гелдер.

Со овие средства ќе се поддржи подобрувањето на конкурентноста на приватниот сектор, развојот на вештини и создавањето на повеќе можности за најранливите категории, како и подобрена институционална и фискална одржливост.

– Со новата стратегија 2019-2023 ќе се вложат значајни средства во подобрување на конкурентноста на македонската економија и постигнување на инклузивен и одржлив раст. Тоа може да се постигне преку подобрување на конкурентноста на приватниот сектор, заштита на најранливите категории и отворање нови можности за нив, како и зајакнување на институциите и одржливоста на јавните финансии. Станува збор за околу 35 проекти од областа на поддршка на бизнисот, транспорт и врски, здравство, социјална заштита, труд и социјала, информатичко општество и администрација, образование и наука, животна средина, финансии и земјоделство, рече министерот за финансии Драган Тевдовски.

Во рамки на овие 35 проекти планирани се и инфраструктурни проекти за рехабилитација на национални, регионални и локални патишта во периодот од 2019 до 2021 година.

Планирани се и проекти за поддршка на приватниот сектор преку микрофинансирање, советодавни услуги, поддршка за технолошка модернизација и поддршка за иновации. Ќе се поддржат и инвестиции во обновливи извори на енергија.

Би можело да ве интересира

Средби со Светска банка: Светска банка со поддршка на реформските активности на Народната банка за пристапување кон СЕПА

Николоски на средби во СБ – Продолжуваме со спроведување на реформите дефинирани со нашите партнери, 695 милиони долари поддршка од СБ

Наместо замрзнување на цените, да се обезбедат подобро платени работни места препорачува Светска банка

Светска банка: Македонија со најнизок економски раст во регионот

Преку проект на Светската банка ќе се модернизираат и ќе се поврзуваат платните системи на Западен Балкан

Светска банка планира да одвои околу 700 милиони евра за спроведување на новата стратегија за соработка со Македонија