Светска банка: Економскиот раст на Западен Балкан 4,4 отсто во 2021 година

Од:

Земјите од Западен Балкан, по историската рецесија, годинава ќе имаат економски раст со намален интензитет, се наведува во денеска објавениот извештај на Светска банка. Како што е соопштено, шест земји од Западен Балкан – Албанија, БиХ, Косово, Црна Гора, Северна Македонија и Србија, очекуваат враќање на економскиот раст во 2021 година, по најтешкиот забележан економски пад кој го погоди регионот во текот на минатата година.

– По економското уништување предизвикано од пандемијата на Ковид-19, што доведе до проценет пад на економијата во регионот од 3,4 отсто минатата година, регионот на Западен Балкан се очекува да има економски раст од 4,4 отсто во 2021 година, оцени Светска банка.

Во следните години, растот се очекува да забави на 3,7 отсто во 2022 и 2023 година, додека последиците од пандемијата продолжуваат да ги попречуваат инвестициите и вработувањата во регионот.

– Ние, секако, гледаме некои позитивни трендови во регионот, поттикнати од брзата акција од многу земји преземени поради сузбивање на најтешките последици од пандемијата, но ефектите од пандемијата врз здравјето и економската девастација ќе продолжат да се чувствуваат, изјави Линда Ван Гелдер, регионален директор на Светска банка за Западен Балкан.

Таа додаде дека воведувањето на вакцини, заедно со зајакнување на довербата во економските перспективи, подобрување на потрошувачката и трговијата, ќе помогне во одржувањето на овој интензитет, но земјите мора да продолжат внимателно да ги насочуваат напорите кон воведување и зајакнување на политиките што тежнеат кон раст, заштита на здравјето и јакнење на човечкиот капитал.

Според Светска банка, иако стапката на невработеност на Западен Балкан се намали од 13,5 отсто во 2019 година на 12,6 отсто во 2020 година, тоа главно е последица на зголемената неактивност, со вкупна загуба на работни места во регионот која достигна речиси 70.000 до крајот на 2020 година.

– Овие загуби непропорционално влијаеа врз ранливите групи во регионот, вклучително на жените и младите, со што стапката на невработеност кај младите се зголеми на 33,6 отсто во 2020 година и беше запрен петгодишниот тренд на опаѓање, се наведува во соопштението.

Според извештајот на Светската банка, јавните политики во регионот треба да останат јасно насочени кон борба против пандемијата, ограничување на социјалните последици и поттикнување на закрепнувањето.

– Сите земји треба да обезбедат доволно ресурси на нивните здравствени системи за набавка и дистрибуција на вакцини, тестирање, терапии, опрема за лична заштита и подобрување и одржување на здравствените установи. Инвестициите во образованието, дигитализацијата и другите инфраструктурни проекти, како и зелените иницијативи, треба да станат приоритет, бидејќи можат да ја забрзаат неопходната транзиција кон намалена зависност од јаглерод на земјите за време на опоравувањето од пандемијата, соопшти Светска банка.

Би можело да ве интересира

Средби со Светска банка: Светска банка со поддршка на реформските активности на Народната банка за пристапување кон СЕПА

Николоски на средби во СБ – Продолжуваме со спроведување на реформите дефинирани со нашите партнери, 695 милиони долари поддршка од СБ

Наместо замрзнување на цените, да се обезбедат подобро платени работни места препорачува Светска банка

Светска банка: Македонија со најнизок економски раст во регионот

Преку проект на Светската банка ќе се модернизираат и ќе се поврзуваат платните системи на Западен Балкан

Светска банка планира да одвои околу 700 милиони евра за спроведување на новата стратегија за соработка со Македонија