Стариот одмор во приватните компании мора да го искористат само хронично болните, бремените и оние кои се дома оти чуваат дете до 10 години

Од:

Неискористените годишни одмори од 2019 година како и првиот дел од одморот за 2020 година задолжително треба да ги користат само вработените во приватните компании кои ја користат мерката за чување дете до 10 години, бремените и вработените со хронични болести кои веќе останаа дома поради епидемијата од коронавирусот. Уредбата на Владата, без дополнителни насоки за постапување ги збуни приватните компании за тоа како и кому треба да му дадат годишен одмор за време на вонредната состојба. Од Државниот инспекторат за труд за „А1он “ објаснуваат дека Уредбата не важи за вработените кои работат, без разлика дали тоа го прават од дома или пак од канцеларија.

„ Уредбата не важи за сите вработени во приватните компании туку само за оние кои сега користат некоја од мерките за родители на деца до 10 години, бремени жени или хронично болни и веќе седат дома. Оваа Уредба е всушност олеснување за приватниот сектор за да не се доведат во ситуација да мораат двапати да им даваат одмори на дел од вработените. За да не се случи оние кои сега седат дома веднаш откако ќе заврши мерката да побараат одмор па работодавачите да мораат двапати да ги пуштаат на платен одмор“, објасни Злате Стојановски, раководител во Државниот инспекторат за труд.

Доколку вработените, кои се веќе дома, имаат стар одмор од минатата година Уредбата ги обврзува да го искористат заклучно со 31 мај. Првиот дел, пак, од новиот одмор за 2020 година во траење од две недели , треба да го искористат до 30 јуни годинава.

Уредбата не остава простор работниците или пак работодавачите да не се согласни да се користи одморот.

„Уредбата има сила на закон, нејзиното почитување е императив. Не е оставен простор да избираат ниту вработените дали ќе го користат одморот ниту пак работодавачите дали ќе ги пуштат работниците на одмор“, вели Аљадин Хавзиу, директор на Државниот инспекторат за труд за „А1он“.

Вработените кои не користат некоја од мерките на Владата за спречување на ширењето на коронавирусот, годишните одмори може да ги користат како и досега, односно стариот одмор од минатата година да го искористат заклучно со јуни, а првиот дел од новиот одмор до крајот на годината. Оние компании кои поради работниот процес нема да имаат можност да им дадат одмор на вработените, одморот треба да им го платат.

„Работниците треба да знаат дека по нивен избор може да користат само два дена од годишниот одмор. Кога ќе го користат останатиот дел од одморот законски одредува работодавачот. Ако поради организирање на работниот процес во приватна компанија работодавачот на работникот не му даде годишен одмор, тогаш тој е обврзан да му плати за секој ден од одморот, а за пресметка се зема последната исплатена плата“, објасни раководителот Стојановски.

Тој ги охрабри сите работници да пријавуваат нерегуларности во Државниот инспекторат за труд кој постапува по секоја претставка.

Техничкиот премиер Оливер Спасовски денес на прашање како ќе постапуваат со оние кои нема да ги почитуваат Уредбите на Владата, вклучително и Уредбата за годишните одмори, рече дека за секое непочитување има одредби во Кривичниот законик и дека надлежните институции ќе поднесуваат прекршочни и кривични пријави.

Мерката еден родител на дете до 10 години да остане дома, како и дома да останат хронично болните и бремените почна да се применува од 11 март со заклучок на Владата.

Уредбата со законска сила за примена на Законот за работни односи беше објавена во Службен весник на 4 април. Со оваа Уредба Владата ги презема трошоците што компаниите ќе ги направат за трите категории граѓани кои останаа дома како мерка за заштита од коронавируост.

Би можело да ве интересира

Грип, ковид и инфекции на дишните патишта ги полнат амбулантите и болниците

Ковид-19 од денес е обична заразна болест, укинати и последните мерки за носење маски

Орце Костов

Пендаровски го потпиша Указот за новиот Закон за амнестија за прекршоците во ковид кризата

Катерина Ѓуровски

Три години откако СЗО прогласи пандемија од Ковид-19, вирусот се уште присутен, но со намален интензитет

Ана Ололовска

Најзаразниот сој досега, „кракен“, не е откриен кај нас, но последната анализа е направена на 5 декември

Осум починати, 196 нови случаи на Ковид-19 минатата недела

Ана Ололовска