„Стандард и Пурс“ и „Фич“: Монетарната политика е соодветна, а банкарскиот систем е здрав и останува стабилен

Од:

Кредитните агенции „Стандард и Пурс“ и „Фич“ кои денеска го потврдија кредитниот рејтинг на нашата земја се осврнуваат и на мерките коишто ги презема Народната банка, стабилноста на девизниот курс на денарот, нивото на девизните резерви и состојбите во банкарскиот систем. Оценуваат дека монетарната политика е соодветна, а банкарскиот систем е здрав и останува стабилен.

Во однос на банкарскиот систем, во соопштението на „Стандард и Пурс“ е истакнато дека системот останува стабилен. Од агенцијата наведуваат дека во услови на неизвесност, притисоците врз депозитната база биле од краткотраен карактер, како во однос на динамиката, така и во однос на промените во валутните преференции. Притоа ги потенцираат и последните трендови кај девизните резерви, коишто упатуваат на нивен раст и на стабилни движења на девизниот пазар, информира во соопштение Народната банка.

Од „Фич“ пак, напоменуваат оти банкарскиот систем има здрави основи и висока ликвидност. Според нивните оцени системот е во добра кондиција што овозможува тој да придонесе за ублажување на шокот од корона-кризата, обезбедувајќи кредитна поддршка за македонската економија. Притоа посочуваат дека е клучно што адекватноста на капиталот минатата година се зголеми на нивото од 16,3 проценти, како и тоа што нефункционалните кредити се на досега најниско ниво од 4,8 проценти. Во соопштението на „Фич“ е констатирано и дека банкарскиот систем е подготвен да ги апсорбира кредитните загуби коишто се очекувани во текот на корона-кризата, но истовремено и очекуваат оваа година да има благ пораст на вкупните кредити.

-Во соопштенијата на „Стандард и пурд“ и „Фич“ посебен акцент е ставен и на мерките на централната банка, преземени за поддршка на економијата во условите на глобалната пандемија на ковид-19, како што се релаксирањето на монетарната политика и регулаторната флексибилност, како мерки коишто треба да го поддржат кредитниот циклус и да придонесат економијата да се справи со ефектот од кризата. Во однос на следниот период, од двете агенции укажуваат на неповолните ризици од корона-кризата врз економијата од една страна, но и на позитивните ризици од засилени структурни и институционални реформи, во рамки на евроинтегративниот процес, велат од Народната банка.

„Стандард и Пурс“ го задржа кредитниот рејтинг на нивото ББ-, со стабилен изглед, а „Фич“ го потврди кредитниот рејтинг ББ+, при што изгледот е негативен, заради влијанието на пандемијата на ковид-19 врз економијата во глобални рамки.

И двете кредитни агенции, како резултат на КОВИД-19 кризата и проекциите за забавување на глобалната економија, предвидуваат контракција на економскиот резултат во 2020 година и закрепнување, односно раст во 2021 година, со тоа што Фич проектира -4,2 проценти за 2020 и 5,1 процент раст во 2021, додека „Стандард и Пурс“ -5 проценти во 2020 и 3,8 проценти во 2021 година.

Кредитните агенции, како што соопшти Министерството за финансии, ги нотираат мерките што се преземени од страна на Владата насочени кон зачувување на работните места, поддршка за најпогодените индустрии, како и меки регулаторни мерки.

Како што се наведува и во двата извештаја мерките ќе придонесат за зголемување на буџетскиот дефицит и ќе влијаат на зголемување на државниот долг кој според проценките на кредитните агенции ќе се приближи до 50 проценти. Заедно со опоравувањето на економијата се предвидува и намалување и стабилизирање на буџетскиот дефицит, соопшти Министерството за финансии.

Би можело да ве интересира

НБ: Инфлацијата се намалува, економскиот раст под проектираниот

Горан Наумовски

Граѓаните ќе можат бесплатно да проверат колку се кредитно изложени: Нова алатка на Народна банка

Орце Костов

Во Македонија се помалку се плаќа во кеш: Раст од 20 отсто кај плаќањето преку мобилен

Орце Костов

Ангеловска-Бежоска: Инфлацијата и натаму ќе се намалува, но потребни се структурни реформи за да станеме поотпорни на шокови

Средба со Светска банка: Народната банка придонесува за одржување на здравоста на финансискиот сектор преку својата макропрудентна политика

Средби со ММФ: Успешен пристап на Народната банка во совладувањето на инфлацијата и одржување на стабилноста

А1он