Средби со ММФ: Народната банка придонесува за успешно одржување на макроекономската стабилност

Од:

Преку одржувањето стабилен курс на денарот за време на инфлациската криза, преземањето одлучни чекори за намалување на инфлацијата и зачувувањето на стабилноста на банкарскиот сектор, Народната банка имаше клучна улога во одржувањето на стабилноста во економијата, придонесувајќи кон попредвидливо окружување за фирмите и поддршка и заштита на домаќинствата.

Ова било посочено на состаноците коишто ги оствариле гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска и вицегувернерката Емилија Нацевска со директорот на ММФ за Европа, Алфред Камер, извршниот директор на ММФ, Пол Хилберс, алтернативниот извршен директор, Лук Дресе, Жероен Клик кој ќе ја преземе функцијата извршен директор на ММФ и Марникс ван Рај кој ќе ја преземе функцијата алтернативен извршен директор, во рамките на Годишните средби на ММФ и Светската банка, коишто годинава се одржуваат во Вашингтон, САД. Средбите биле одржани заедно со министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска и нејзиниот тим.

На средбите, како што информираат од Народната банка, било искажано признание за Банката, којашто преку комбинација на монетарни и макропрудентни мерки, успеа да ги стабилизира инфлациските очекувања и истовремено да ја задржи финансиската стабилност. Соодветната поставеност на монетарната политика, велат од Банката, придонела кон намалување на инфлацијата од 19,8 отсто во октомври 2022 година на 2,6 отсто во септември 2024 година. Банкарскиот сектор за целиот кризен период ја задржал и ја подобрил отпорноста и бил значајна потпора за фирмите и домаќинствата.

-Гувернерката Ангеловска-Бежоска посочи дека најновите оцени за инфлацијата, којашто се движи во рамките на очекувањата, како и постојаните поволни движења на девизниот пазар, овозможуваат и натаму постепено и претпазливо да се нормализира монетарната политика. Сепак, таа нагласи дека Народната банка и во иднина ќе има внимателен пристап при носењето одлуки за монетарната политика и ќе ги следи ризиците од надворешното и домашното окружување. „Водењето внимателни макроекономски политики ќе биде нашиот приоритет и во иднина и Народната банка и натаму е подготвена да ги употреби сите неопходни инструменти и да презема соодветни мерки со коишто ќе се придонесе за задржување на стабилноста на девизниот курс и ценовната стабилност на среден рок“, посочи гувернерката, се вели во соопштението од Народната банка.

Според есенските проекции на Меѓународниот монетарен фонд, објавени во октомврискиот Светски економски преглед, инфлацијата во земјава ќе се намалува и годинава (3,3%), и следната (2,3%), а до 2026 година ќе се сведе на 2%. Од ММФ препорачуваат натамошно водење претпазливи политики и будно следење на состојбите.

Во рамките на Годишните средби, делегацијата ќе има состанок и со заменикот на генералниот директор на ММФ, Бо Ли.

Би можело да ве интересира

Ангеловска-Бежоска за „НИН“: Носење проактивни економски политики за поголема отпорност на идните предизвици

Народна банка предупредува на измами: Лажно се претставуваат во име на реномирани компании и бараат лични податоци

Средба на Народната банка и ЕБОР за новата Стратегија за земјава за 2025-2030 година

Народна банка со препораки до граѓаните за безбедно онлајн купување

Комитет за финансиска стабилност: Финансиската стабилност е задржана

Раст и на депозитите и на кредитирањето, граѓаните најмногу земаат потрошувачки и станбените кредити