Со нов проект на ФАО ќе се зајакнува отпорноста на земјоделството кон климатските промени

Од:

Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Трајан Димковски, денеска присуствуваше на онлајн работилницата организирана од Организацијата на храна и земјоделство при ООН (ФАО), на која се разговараше за Проект за климатски промени „Зголемена отпорност на земјоделскиот сектор преку промовирање на пaметни климатски практики во земјоделството”.

На состанокот, како што соопшти МЗШВ, беше заклучено дека земјоделството е особено чувствително на екстремни временски услови и катастрофи. Климатските промени предизвикуват големи штети на земјоделското производство и влијаат на руралната егзистенција и сигурноста на храната. Особено ранливи на климатските промени се малите земјоделски стопанства поради нискиот капацитет за адаптација предизвикан од низа фактори меѓу кои ограничена едукација за влијанијата на климатските промени, недостаток на средства за тестирање и демонстрација на адаптивни земјоделски практики, недоволни системи за наводнување во однос на капацитетите и техниките за заштеда на вода, итн.

– Стратегијата ќе биде насочена кон дијагностицирање на проблемите и дефинирање на концепт на развој и одржливост на хидро мелиоративните системи во Република Северна Македонија во наредните 20 години, а ќе се утврди и потребата од инвестиции во постоечката инфраструктура, како и градење на нови системи согласно потребите на земјоделското производство. Во Проектот е предвидена поддршка со Управата за хидрометеорлошки работи, која имаше активно учество во претходниот проект, преку кој се поставија три автоматски агро-метеоролошки станици во земјоделските региони во државата и се изработи наменска веб страна agro meteo, изјави минисерот Димковски.

На денешна онлајн работилница, ФАО и Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство го најавија започнувањето на нов проект од програмата на ФАО за техничка соработка чија цел е да се зголеми отпорноста на земјоделскиот сектор преку зајакнување на координацијата и капацитетите на институционално ниво, како и преку промовирање на добри земјоделски практики за отпорност кон климатските промени за самите земјоделци.

Во рамки на новиот проект, ФАО ќе му помогне на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство да развие нова стратегија за наводнување. Дополнително, ќе се обезбеди техничка поддршка за унапредување на дел од активностите на Управата за хидрометеоролошки работи, подобрување на размената на климатски информации и нивната примена во земјоделството, како и поддршка за други политики како Методологија за штети и загуби во земјоделството како резултат на природни катастрофи.

Од Министерството за земјоделство посочуваат дека важно е тоа што овој проект ќе пилотира нови, климатски паметни технологии на терен со цел да ја приближи нивната примена до земјоделците и другите засегнати страни.

Заменик – регионалниот претставник на ФАО за Европа и Централна Азија, Набил Ганги, истакна дека ФАО е долгогодишен партнер на македонската влада и дека овој проект е продолжение на претходни заеднички напори за подобрување на продуктивноста, конкурентноста и отпорноста на македонското земјоделство, меѓу кои зајакнување на системот за следење и рано предупредување за заштита од екстремни временски појави, развој на капацитетите на клучни институции од областа агрометерологија, контрола на штетници и болести кај растенијата и животните, мерки за адаптација на добитокот кон климатските промени, воспоставување агро-еколошки зони и агро-еколошки информативен систем, итн.

Проектот ќе трае 19 месеци и во неговата имплементација ќе бидат вклучени релевантни министерства, институции, владини агенции, земјоделски здруженија, академијата како и релевантни меѓународни партнери.

Би можело да ве интересира

МЗШВ: Со измените во Законот за стокови резерви, оризовата арпа се вбројува во листата на стратешки култури за државата

МЗШВ: Ништо ново од Трипуновски, лаги и измислици наместо проекти и визија за земјоделците

Горан Наумовски

Кривична пријава за несовесно работење во службата против двајца членови на комисија во МЗШВ

МЗШВ: Повик до откупувачите на сончоглед да достават податоци за извршениот откуп

МЗШВ: Земјоделците од Свети Николе со силна поддршка на решението за продолжување на договорите што го понудивме

МЗШВ: Блокадите на Трипуновски и ВМРО-ДПМНЕ оставаат 200 земјоделски стопанства без субвениции