Сметководителите под стрес оти Владата не попушта и не го продолжува рокот за поднесување завршни сметки

Од:

Сметководителите под стрес и притисок ги подготвуваат завршните сметки и остануваат на барањето рокот 15 март да се продолжи до 30 април за хартиено поднесување и 15 мај за електронско поднесување. Тие бараат продолжување на рокот оти и сметководителите биле на удар на Ковид – 19 , се разболувале и работата се издолжила, а имале и зголемен обем на работа оти сите владини мерки за помош на економијата поминале низ нивни раце. Овие барања ги кажаа и на неколкуте протести што ги организираа но Владата се уште останува на ставот да се почитуваат законските рокови.

„Во консултација со надлежните институции, Министерство за финансии и Централен регистар донесена е заедничка одлука да се почитуваат роковите согласно Законот за трговски друштва“, кусо велат од Министерството за економија.

Сметководителите и покрај тврдиот став на Владата, апелираат рокот да се пролонгира на ист начин како лани, но час поскоро за да не работат под стрес и притисок.

„Не сме имуни, што во поглед на самата болест, што во поглед на дополнителни обврски кои ни се наметнаа во пандемијата“, кажаа сметководителите. – Од протестот пред Влада во јануари

„Согласно член 477 од Законот за трговски друштва, има можност за пролонгирање на рокот за завршни сметки за еден месец. На овој член се повикаа и лани кога на 13 март ни пролонгираа за некои 10-11 дена. Веќе е употребен во пракса. Нашиот апел беше да не се чека до 13 март, да сме под стрес и притисок, бидејќи последен рок е 15 март. Два дена пред истек на рок, не ни значи многу пролонгирање“, апелираат сметководителите.

Членот 477 од Законот за трговски друштва вели дека годишна сметка се поднесува два месеци по истекот на календарската година, освен во случај кога законодавецот или надлежните институции ќе одлучат тој рок да е три месеци по истекот на календарската година.

„Ние баравме со законски измени да се пролонгираат роковите до 30.04 да биде хартиено поднесување и 15.05 за електронско поднесување на завршни сметки. Меѓутоа, бидејќи не се поднесени законски измени, ниту пак се поднесени амандмани од пратениците во Собранието од сите пратенички групи, иако до нив доставивме предлог-амандмани, а со оглед дека роковите се наближуваат, побаравме користење на членот 477 од Законот за трговски друштва. Немаме одговор, никаков, ни позитивен ни негативен“, велат сметководителите.

Тие тврдат дека првичните објаснувања од Министерството за економија дека мора да се запазат роковите кон ЕУ за статистичките податоци кои Македонија треба да ги достави, се нереални оти секаде роковите се подолги од нашите.

„Сметководителите во оваа пандемија, криза, во економскиот дел беа она што докторите беа во здравствениот дел“, велат сметководителите

„Да сме реални, во Европа секаде роковите се подолги од нашите, така што, не знам како ние би ги пробиле тие рокови, а дополнително што ниту еден статистички податок не може да е поважен од здравјето на граѓаните. Сметководителите во оваа пандемија, криза, во економскиот дел беа она што докторите беа во здравствениот дел. Сите можни мерки поминаа на наш терет. Сите средства кои стигнаа во стопанството, поминаа преку нас. А ниту ние не сме имуни, што во поглед на самата болест, што во поглед на дополнителни обврски кои ни се наметнаа во пандемијата. Во ек на пандемија имавме променет образец од завршните сметки, имаме дополнителни неколку барања кои треба да ги пополниме и поднесеме до УЈП поврзани со претходната финансиска поддршка за исплата на плати. Значи работата е многу зголемена, условите се отежнати поради ограничени човечки и временски капацитети, а роковите се исти како и во нормална година“, објаснуваат сметководителите.

Сега го чекаат петтиот сет на мерки, кој повторно тие ќе треба да го спроведат.

„Дополнително, со најавата на петтиот сет на мерки се најавува и дека во репер периодот за споредба ќе биде земен и јануари 2021 година. Во услови кога ние не можеме да ги изработиме навремено и точно податоците за 2020 година, со ова практично да ги имаме прибрано документите за јануари 2021 година, обработено, анализирано, искнижено и споредено. Апсолутно е невозможна мисија и не знаеме како никоја од институциите не најде за сходно да не послуша во се ова што го бараме“, револтирани се сметководителите.

Нивниот став е дека пролонгирање од 30 дена ќе им помогне и ќе им го олесни справувањето со обврските што ги очекуваат. Велат дека до последен момент се надеваат оти нивните апели ќе дадат резултат и се надеваат дека тоа нема да биде на ден или два пред истек на рокот, туку час поскоро.

Би можело да ве интересира

Затворен огласот за ваучер за клими поради преголемиот број на апликации

Орце Костов

Турканци за клими пред Министерството за економија, до денеска 2.500 апликации

Катерина Ѓуровски

Гужви за ваучери за клими: Над 500 барања пристигнати првиот ден во Министерството за економија

Орце Костов

Министерство за економија: Нема да дозволиме отворање рудник во Иловица без одобрение од локалното население

Предраг Петровиќ

МФ: Усвоен новиот закон за сметководствени работи, подигнување на капацитетите и стручната подготвеност на сметководителите

Бектеши: Ќе се крати бројот на членови во управните и надзорните одбори во јавните претпријатија, за прв пат преку јавен повик ќе се бираат нови кадри

А1он