Слободните патувачи и алтернативниот туризам во фокусот за привлекување туристи

Од:

Со промоција на бањски, алтернативен и вински туризам земјава во наредниот период ќе се обиде да привлече што повеќе странски гости. Предвидена е изградба на најмалку две до три велосипедски патеки со сите стандарди, отворање на најмалку една пештера за туристи и воспоставување нови вински патишта во Гевгелиско-валандовскиот, Велешкиот, Штипско-радовишкиот, Кратовскиот, Кумановскиот и Охридско-струшкиот регион.

Како што беше речено на денешната тркалезна маса во Стопанската комора на Македонија, бројките засега се добри иако очекувањата за 2020 година се скок во туризмот од 5 до 7 проценти и зголемување во бројот на ноќевања од 7 до 10 отсто.

Експертите сугерираат при промоцијата на нашиот потенцијал, винскиот туризам да оди заедно со понудата на храна, како ено-гастро пакет. Мора да се преземат мерки и за надминување на некои бариери, како што се конкретно визите за кинеските туристи.

– Бројките годинава се добри. Има зголемување кај ноќевањата и на домашните и на странските туристи. Очекуваме процентот на учество на туризмот и угостителството во БДП кој лани беше 1,7 отсто, годинава да достигне 2,5 проценти, а до 2023 година да изнесува 5 отсто, истакна државниот советник во Министерството за економија, Зоран Павловски.

Тој нагласи дека продолжува владината поддршка која во 2020 ќе изнесува 36 милиони денари.

– Идната година ќе бидеме фокусирани на комуницирање со слободните патувачи и ќе помогнеме во промоцијата и на винскиот туризам, но дополнително ќе ги означиме и 10-те најкачувани врвови во државата, а првпат ќе издадеме и Водич за бег-пекери, истакна директорот на Агенцијата за промоција на туризмот Љупчо Јаневски.

Директорот потсети дека од денеска почнува онлајн промоцијата на македонските туристички потенцијали низ балканските земји, а стартот е од Словенија и Бугарија.

– Ќе бидеме сто отсто онлајн присутни на најпосетените портали, а комуницираме и со блогери. Во 2020 година очекуваме да не посетат повеќе слободни патувачи. Нашата земја е можеби последната неоткриена дестинација во Европа, нагласи Јаневски.

Неговите очекувања се наредната година земјава да ја посетат над 1,3 милиони туристи и да се приближиме до бројката од четири милиони ноќевања што, според него, укажува дека девизниот прилив треба да биде над 400 милиони долари.

Елена Младеновска, директорка на Здружението „Вина од Македонија“ дополни дека компетитивна предност на земјава се винскиот и гастро-туризмот и дека при промоцијата фокусот треба да се стави тука, но притоа е неопходно да се создадат и услови од страна на државата.

– Кинеските туристи се присутни во регионот, но земјава ја заобиколуваат зашто за влез им треба виза, посочи Младеновска.

Став на Стопанската комора е дека за успешна промоција на туризмот мора да имаме стратегија зад која ќе застанат сите засегнати страни: државата, експертите, научната фела и бизнис секторот.

Би можело да ве интересира

Јовановски: Се зголемува поддршката од компаниите за пошироката заедница

А1он

Бесполезни се планирања и очекувања од туристичка сезона во Охрид во услови на вонредна ситуација

А1он

(ВИДЕО) „Грција од дома“ – платформа на Министерството за туризам на Грција

А1он

Виз Ер автоматски ќе ги додаде кредитите од откажаните летови

Ана Ололовска

Загубите во туризмот до 80 отсто, секторот бара помош од државата

Ландов

Мораториум за средношколските екскурзии во странство, бара координативното тело за превенција на коронавирусот во туризмот

А1он