Што значат броевите на дното од пакувањето на млекото?

Од:

Последниве години во медиумите и на социјалните мрежи сретнувавме разни информации за тоа што значат броевите на дното од пакувањето на млекото. Пласираните информации, првенствено во светските медиуми, и тоа претежно оние што се ориентирани кон теми поврзани со здравата исхрана, се однесуваа на тоа дека овие бројки, всушност, значат колку пати е преработено млекото, што предизвика низа сомневања и кај македонската публика.

Информацијата отиде дотаму што се пишуваше дека според законските прописи, млекото на кое ќе му истече рокот, доколку се врати на пастеризација на 190˚С, може потоа повторно да се консумира. Медиумите се осврнуваа на некои законски нормативи дека тоа може да се прави 5 пати, па тука ја најдоа причината зошто на дното на некои амбалажи има броеви од 1 до 5, во смисла дека 1 е со најдобар квалитет, а 5 значи дека на млекото 5 пати му истекол рокот и е 5 пати преработено.

Сепак, фактите говорат дека овие информации не се точни. Броевите на дното на амбалажите се чисто технички информации, кои немаат никаква допирна точка со самиот производ и во никаков случај не означуваат дека млекото е неколку пати пастеризирано.

Од „Битолска млекарница“ велат дека во Македонија воопшто и не постои линија за стерилизација (пастеризација) на 190 степени. „Во млекарската индустрија не постои технологија со која еднаш стерилизирано млеко може повторно да оди на температура на стерилизација, без притоа да се случат биохемиски процеси кои крајно и видливо ќе го нарушат составот на млекото, односно ќе го направат неупотребливо за исхрана. Имено, стерилизацијата е термички процес кој еднократно се применува во млекарската индустрија со цел да се добие производ со добар микробиолошки квалитет и максимален рок на траење од 6 месеци. На дното на нашите амбалажи броевите што се испишани се технички информации на производителот на амбалажата, а втиснатите броеви означуваат со која полнилка на машината е наполнет соодветниот производ. Овие бројки се многу важни за нашиот систем на следење, односно во случај на добивање одредена рекламација за производите поефикасно да се дојде до коренот на евентуалниот проблем со полнилката“, вели Радмила Чобанова-Василевска, директор за контрола на квалитетот во „Битолска млекарница“.

Според Сашо Василевски, технички директор во млекарницата „Здравје Радово“, темата стана актуелна последниве години. Станува збор за класична дезинформација. За појаснување, млекото во својот состав содржи протеини, јаглеродни хидрати (шеќери), масти, витамини, минерали и вода. Самиот состав на млекото не дозволува повеќекратни термички третмани. Доколку млекото термички се третира повеќепати, млечниот шеќер (лактозата) ќе карамелизира, што би резултирало со промена на бојата и вкусот на млекото. Протеините ќе денатурираат, односно нивното разложување ќе го блокира процесот на стерилизација, со што производот станува неупотреблив за исхрана. Клучното прашање што се наметнува е во значењето на бројките на дното од амбалажата. Производителот на амбалажата и производителот на машината за пакување ги користат овие бројки како ознаки за следење на производниот процес. Почитувајќи ги стандардите за квалитет и безбедност, следливоста е наша задолжителна обврска. Целта е да имаме можност да го следиме квалитетот на секој наш одделен производ во секое време.

Производителите на амбалажи, кои истовремено се и нивни доставувачи, SIG Combibloc, велат дека броевите поставени на дното на секое пакување се технички информации релевантни за нив како доставувач на материјали за пакување и се користат за внатрешна контрола на квалитетот и за следење.

„Оваа информација е референца единствено за материјалот на пакувањето и не е релевантна за ниту еден производ што се наоѓа во амбалажата. SIG Combibloc има воспоставен систем за идентификување на серијата на производите со цел да може да се следат суровите материјали од преработка до дистрибуција“, изјави Масимо Анаратоне, извршен директор на SIG Combibloc, Италија и директор на продажба за Југоисточна Европа.

Во овој случај бројот 8 или т.н. Blank identification укажува од која ролна доаѓа амбалажата.

Бројот 488 933 или т.н. Print number укажува на единствениот код за распознавање што е поврзан со секој поединечен производен дизајн.

Во овој случај, втиснатиот број 1 или т.н. Track number укажува на машината за полнење каде што е формирана амбалажата.

Сите овие броеви, велат од SIG Combibloc, се неопходни записи што се достапни за да се обезбедат докази за ефективното функционирање на системот за управување на компанијата и за производствениот процес.

Од „Тетрапак“, кој исто така е доставувач и на „Битолска млекарница“ и на „Здравје Радово“, но нејзините пакувања се разликуваат од оние на SIG Combibloc, велат дека броевите на дното на амбалажата се користат исто така за нивен интерен процес на квалитет во случај на рекламации.

„Овие броеви на дното на амбалажите што ги користиме за млеко или за сокови се однесуваат исклучиво на начинот на кој самиот материјал на амбалажата е продуциран и на ниту еден начин не се поврзани со производот што се наоѓа внатре. Тоа се серии броеви што се додаваат однапред, во самиот процес на производство на амбалажата, со цел да им овозможи на производителите на храна да го идентификуваат конкретното пакување во случај на проблем со неговиот квалитет“, ни изјави Јован Глигоревиќ, директор на фабриката „Тетрапак“ во Горни Милановац.

Од „Тетрапак“ објаснуваат дека секој број ја претставува специфичната лента или позицијата на поголемата ролна хартија што се внесува во печатарската преса на начин како лентите на автопат. За некои пакувања (на пример, од 1 л) постојат 5 производствени ленти (линии), а за некои поголеми пакувања и до 12 линии. Еден број секогаш недостига од секвенцијата или, пак, таа е проследена со буквата L и уште еден дополнителен број. И двата случаја укажуваат на конкретната лента на тоа пакување во производствениот процес на „Тетрапак“. На пример, доколку од секвенцијата недостига бројот 4 или на крајот од броевите е испишано L4, тоа значи дека конкретната амбалажа била испечатена на четвртата лента од големата ролна производствен материјал. Ова се два метода за идентификација што се користат за да се обележи одредена производствена лента, објаснуваат од „Тетрапак“.

Би можело да ве интересира

Нема веќе гарантирани цени, државата уште не го донела законот за контрола на трговците

Орце Костов

АХВ: Трипуновски повторно лажно шири паника, млекото со афлатоксин се враќа во Србија

Војната во Украина ќе предизвика криза со снабдувањето на млеко, предупреди Ковачевски

Орце Костов

„Доаѓа зима, ќе бираме помеѓу студ и глад“: Македонија пред силен бран поскапувања

Орце Костов

Итно се повлекува млекото „МИЗО 2,8%“: АХВ нареди да не се пие и да се врати од каде што е купено

Орце Костов

(ВИДЕО) Внимавајте: Напивка за слабеење, суплементи за црниот дроб, млеко, чоколади – повлечени како небезбедни

Анита Петровска Рајковиќ