„Северен поток 2‟ ја налути источна Европа

Украина, Полска и Словачка се гневни што западните енергетски гиганти со „Газпром‟ склучија договор за проширување на гасоводот до Германија

23 септември 2015

Политика – Белград

Одлуката на западноевропските енергетски гиганти заедно со руски „Газпром‟ да влезат во проект за изградба на гасоводот „Северен поток 2‟, кој двојно ќе го зголеми количеството на гас што доаѓа од Русија во Германија, во најмала рака ги разбесни безмалку сите источноевропски лидери.

За полскиот претседател Анджеј Дуду тоа е удар на „единството на Европа‟, за словачкиот премиер Роберт Фицо – „предавство‟, а за украинскиот премиер Арсениј Јацењук целиот план за проширување на гасоводот е „антиевропски и антиукраински‟.

Рускиот енергетски гигант на 4 септември склучи акционерски договор со германските концерни Е.Он и БАСФ, холандско-британскиот „Ројал Дач Шел‟, австриската ОМВ и француската „Енжи‟ за изградба на крак на гасоводот „Северен поток‟, кој од 2019 година треба да оди од Русија под Балтичкото Море до Германија. Капацитетот на овие дополнителни две цевки гасовод, кој ги заобиколува Полска, Украина и Словачка како досегашни транзитни земји за рускиот гас кон Германија, ќе може да подмири околу 15 отсто од вкупните потреби на ЕУ за енергенсот.

Како што е соопштено „Газпром‟ има 51 отсто удел во проектот; Е.ОН, „Ројал Дач Шел‟, ОМВ и БАСФ по 10 отсто, а „Енжи‟ девет отсто од акциите.

– Ненадејно стигна најава од ‚Газпром‛ дека е потпишан договор со компаниите од западните членки на ЕУ за изградба на нов крак на „Северен поток“. Тие нас не прават идиоти?, рече Фицо во Киев, додавајќи дека со месеци на состаноците на Европскиот совет се разговара за потребите да и се помогне на Украина да остане земја за транзит на гас и да и се помогне во тешките зимски месеци. – Тие предадоа една членка на ЕУ, Словачка, и со тоа одат против политичките дискусии за Украина, кои се водеа на состанокот на Европскиот совет, додаде тој.

Словачка е главна влезна точка за рускиот гас кој оди по гасоводите преку Украина до Европската унија. Меѓутоа, Русија настојува да ја заобиколи Украина како транзитна земја, па така се обиде да го гради „Јужен поток‟, а во меѓувреме се обидува да направи договор и околу „Турскиот поток‟.

Според Фицо, со проширувањето на „Северен поток‟ Украина ќе изгуби милијарди евра кои очајнички и се потребни, а сега ги заработува од надомест за транзит на гас, а и Словачка ќе изгуби стотици милиони евра приход.

Ништо помалку изненаден од одлуката на западноевропските гиганти не е ни украинскиот премиер Арсениј Јацењук, кој овој план го нарече „антиевропски и антиукраински‟. Тој истакна дека поради тоа Украина ќе изгуби две милијарди долари приход од транзит на гас во ЕУ, а дека Унијата ќе ја изгуби можноста за испораки на гас по најкус пат преку Украина.

– Таа загуба изнесува 140 милијарди кубни метри гас, кој може да оди низ транспортниот систем на Украина. Тоа значи дека изградбата на „Северен поток 2“ ја загрозува безбедноста и континуитетот на испораките на земјите на југоисточна Европа, рече Јацењук.

Конзорциумот на енергетските компании процени дека овој проект ќе ги чини 9,9 милијарди евра, а низ овие цевки кон крајот на 2019 година треба да почне испорака на 55 милијарди кубни метри гас годишно од Русија до Германија.

Во обраќањето на учесниците на Европскиот форум во Криници, на југот на Полска, полскиот конзервативен претседател Анджеј Дуда го критикуваше овој договор, истакнувајќи дека со него се занемаруваат полските интереси.

– Со оглед на тоа дека е склучен договор за изградба на гасоводот „Северен поток 2“, кој во целост ги ингонира интересите на Полска, потребно е некој да го постави прашањето во поглед на единството на 28-члената Европска унија, рече Дуда и додаде дека ова го поставува и прашањето за единството на ЕУ во решавањето на судирот во Украина. – Несигурноста во тој контекст произлегува од егоизмот на некои земји и нивно целосно игнорирање на интересите на другите земји, поради што се намалува вербата во единството на Европа, смета тој.

Според оценката на полските експерти кои учествуваа во дебатите на овој форум, кој важи за „источноевропски Давос‟, ЕУ го спречи проектот „Јужен поток‟ кој требаше со заобиколување на Украина гасот да го доставува по нова рута во југоисточна Европа, но тоа не ја спречува Германија да и помогне на Русија сепак да ја заобиколи Украина.

Од договорот за двојно зголемување на капацитетот на „Северниот поток‟ изненаден е и Словакот Марош Шефчович, потпретседател на Европската комисија задолжен за Енергетската унија.

– Како е тоа во согласност со нашата стратегија за диверзификација во снабдувањето? Каков вид на заклучок треба да изведеме, ако целта на таквиот проект е практично да ја затвори украинската транзитна рута, праша Шефчович во разговор за европското издание на весникот „Политико‟. – Што значи тоа за централна и источна Европа? Бидејќи, целосно ќе се измени гасната рамнотежа во овој дел на Европа, вели тој.

Според него, Европската комисија повеќе инсистира на развој на постоечката инфраструктура преку која рускиот гас се доставува преку Украина во Европа, отколку на изградба на големи нови проекти.

– Се надевам дека овие компании ја сфатат својата одговорност за целокупната безбедност за снабдување на цела Европа, а не само на некои нејзини делови, рече Шефчович, кој инаку е задолжен со рускиот министер за енергетика Александар Новак, да преговара за украинскиот увоз на руски гас, за кој парите, судејќи според се, ќе ги даде ЕУ.

Би можело да ве интересира

Бектеши: Гасоводот Скопје-Тетово-Гостивар еден од најдобрите реализирани проекти оваа година

Ана Ололовска

Борисов и Ципрас ќе го означат почетокот на изградбата на интерконекторот за гас меѓу Грција и Бугарија

Ана Ололовска

Газпром: Турски поток почнува со работа во декември

Ана Ололовска

ЕУ усвои измени на Директивата за природен гас

Ана Ололовска

Источниот Медитеран како нов извор на природен гас

Ана Ололовска

„Куманово-Гас“ распиша тендерска постапка за избор на компанија за проширување на гасоводната мрежа

Ана Ололовска

Leave a Comment

1 × 4 =