Ребалансот на Буџетот чека на усвојување во Собранието

Од:

Ребалансот на Буџетот со кој практично треба да започне имплементацијата на четвртиот пакет мерки, ја помина амандманската расправа и сега се очекува негово усвојување на собраниска седница.

На веб страницата на Собранието, засега не е закажана собраниска седница за релабансот, кој е втор годинава заради справување со последиците од коронакризата.

Во него приходите се пониски за 0,2 отсто во однос на првиот ребаланс, расходите се повисоки за 4,2 отсто, а дефицитот е зголемен за 22,6 отсто во однос на првиот ребаланс. Вкупните приходи се планирани на ниво од 196,4 милијарди денари, а расходите на ниво од 253 милијарди денари. Дефицитот е 8,5 отсто од БДП.

Надлежните од Министерството за финансии уверуваат дека Буџетот е во добра кондиција и дека навремено ќе бидат исплаќани сите обврски.

Средствата за реализација на мерките од четвртиот пакет се обезбедени со реалокација на неискористените средства од сите институции. Очекувањата се дека со реализација на овие мерки ќе се придонесе за подобрување на вкупниот економски резултат, односно ќе се амортизира социо-економскиот удар од пандемијата, а веќе следната година се очекува заздравување на економијата со економски раст и постепена фискална консолидација.

Четвртиот пакет мерки е проектиран на 470 милиони евра и во него има 31 мерка насочена кон граѓаните и кон бизнис секторот. Дел од новиот пакет се платежните картички во износ од 6.000 денари кои ќе ги добијат самохрани родители, пензионери со пензии до 15.000 денари, пасивни баратели на работа и самостојни уметници… Платежни картички „Купувам домашно“ пак ќе добијат оние студенти кои беа заборавени со третиот пакет мерки.

За компаниите ќе бидат обезбедени нови 100 милиони евра поволни кредити од Развојната банка, а продолжува и мерката за финансиска поддршка за исплата на плати за вработените за која Предлог-законското решение веќе ја помина владината процедура. Новина е тоа што компаниите со најголем пад на приходите, ќе добијат најголема поддршка за исплата на плати. Компанијата која има намален приход од над 80 проценти, ќе добие финансиска поддршка за исплата на плати до 21.776 денари по вработен, додека компаниите со намален приход од 30 до 40 проценти, ќе добијат поддршка до 14.500 денари по вработен.

Со цел да се спречат злоупотребите од страна на работодавачите кои беа констатирани во изминатиот период, сега во законското решение предвидени се и заштитни механизми за платата да стигне до работникот, односно во случај работодавачот да исплати помала плата, превидени се глоби до 10 илјади евра, во зависност од големината на правниот субјект.

Би можело да ве интересира

Хрватскиот Парламент го усвои буџетот за 2021 година, предвидува амбициозен раст од пет отсто

Жарко Настоски

Бесими: Со буџетот за 2021 година се обезбедува поголема поддршка за домашното стопанство

Ана Ололовска

Пратениците од ВМРО-ДПМНЕ поднесоа 397 амандмани на Предлог буџетот за 2021

Ана Ололовска

(ВИДЕО) Тасевска: Со Буџетот за 2021 продолжуваме со социјалната реформа и санирање на последиците од коронакризата

Ана Ололовска

Со фокус на здравјето предлог – буџетот влезе во Собранието, за власта реален, за опозицијата огромен и неразвоен

Ана Ололовска

(ВИДЕО) Митрески: Државата е тука за граѓаните, со Буџетот 2021 економијата и здравството се нашиот фокус

Ана Ололовска