„Прото тема“: Грците оставаат милиони евра во македонските казина

Од:

Со познати имиња од грчката естрада, бесплатна храна и пијалоци, македонските казина го цедат она што е останато од колабираната економија во северна Грција, најмногу од Солун, пишува грчкиот портал „Прото Тема“ во уште една репортажа за Грците кои се редовни посетители на македонските казина кај Гевгелија.

Потсетувајќи дека Македонија и Грција имаат постојано несогласувања околу национални прашања, „Прото Тема“ пишува дека со атмосферата што може да се забележи за време на викенди на грчко-македонската граница, се докажува дека никој не обрнува внимание на тоа.

„Скопјаните ни извезуваат туристи, ние им извезуваме играчи за нивните слотови и маси за Блекџек“, коментира порталот.

Според „Прото тема“ македонските казина, најмногу трите во близина на границата со Грција, годишно имаат 550 илјади посети од грчки граѓани кои трошат 60 милиони евра.

Во овие казина, наводно работеле и многу Грци кои не биле осигурани и кои се „невидливи“ за грчките даночни власти. Порталот наведува дека претставници на грчката Комисија за контрола и супервизија на игри на среќа никогаш не ја посетила Гевгелија, и покрај постојаните информации дека таму се одлеваат многу пари на грчките граѓани, но и се враќаат големи добивки, кои не се оданочуваат. За оваа појава не бил заинтересиран ниту одделот за финансиски криминал, ниту грчката полиција.

Како втор „феномен“ за она што се случува на грчко-македонската граница, порталот го наведува и купувањето во фри-шопот на грчка територија, за кој коментира дека во сабота навечер е полн како супермаркет во викенд.

„Корпите се полни со неоданочени виски и цигари, а само неколку метри после границата, бензините се поевтини за околу 30 проценти“, се информира во текстот.

Претседателот на Трговската и индустриска комора на северна Грција Димитрис Бакацелос за „Прото тема“ изјавил дека Комората постојано ја истакнувала потребата од зајакнување на контролата на границата за да се спречи шверцот, но во исто време ги подвлекол и придобивките од туризмот во областа. Градоначалникот на Солун Јанис Бутарис, пак, одбил да даде изјава на оваа тема.

Би можело да ве интересира

Земјотрес го погоди денеска грчкиот остров Самос

Преспанскиот договор оспорен во предизборието, анализира грчки Катимерини

Александар Тодески

Дводневен штрајк на царинските служби во Грција

Орце Костов

По силниот земјотрес во Грција, тлото продолжува да се тресе

Два силни земјотреси ја погодија Грција

Горан Наумовски

Тело на мртов маж најдено во Јанина, околу главата и нозете му биле врзани вреќи со ѓубре

Горан Наумовски