Презентиран предлог Буџетот за земјоделство за 2023, историски најголем буџет со фокус на стабилно и зголемено производство на храна

Од:

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски заедно со министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски, денеска го презентираа предлог Буџетот за земјоделскиот сектор за 2023 година.

Во услови на светска криза, земјоделскиот сектор е еден од клучните столбови на сигурност дека храна ќе има доволно за сите. Позади нас е година во која успешно ги надминавме сите предизвици, реализиравме многу интервентни мерки за поддршка на земјоделците.

„За следната година го имаме најголемиот буџет за земјоделство со кој се реализира најголемата земјоделска реформа за промена на моделот за субвенционирање и тој преставува основа за понатамошен развој на земјоделството. Вкупниот предлог Буџет за 2023 за поддршка на земјоделството, во кој што се опфатени сите институции кои учествуваат во развојот на овој сектор, е во износ од 193 милиони евра што претставува зголемување за 45 милиони евра споредено со 2022. Вака проектираниот треба да обезбеди сигурност, стабилност и основа за развој на земјоделството, што крајно ќе влијае на вкупниот економски раст,“ рече премиерот Ковачевски.

Буџетот за 2023 е поставен на 5 клучни столба, а тоа се реформите во земјоделството, малите семејни бизниси, капиталните водостопански инвестиции, зелената транзиција и модернизацијата.

Првиот столб е историската реформа во земјоделството со која за прв пат во историјата започнуваме нов модел на субвенционирање и авансна исплата на субвенциите. Обезбедени се над 7 милијарди денари за субвенции и ова се рекордни средства со кои засекогаш ставаме ред во исплаќањето и тоа авансно, однапред за тековната година. Новиот модел на субвенционирање е насочен кон вистинските земјоделци и крајната цел е целокупното домашно производство да остане дома.

„Една од клучните промени за 2023 е Програмата за рурален развој, која прераснува во инвестициска програма со буџет од една милијарда и педесет милиони денари. Преку оваа програма и во 2023 ќе ги реализираме сите позитивни мерки кои постигнаа одлични резултати и огромен интерес кај земјоделците. Тоа се мерките рурална жена, млад земјоделец, набавка на опрема, системи за наводнување, педигриран добиток и многу други,“ изјави министерот Николовски.

Министерот појасни дека во рамки на руралната програма креирани се четири инвестициски програми: Програмата за поддршка на откупот за свежо овошје, зеленчук, млеко и млечни производи; Програмата за малите производители на храна; Програма за малите семејни винарии и Програма за задруги.

Вториот столб е насочен кон поддршка на малите производители преку Програмата за малите производители на храна со буџет од 35 милиони денари. Малите производители ќе ги поддржиме со грант до 600.000 денари. Сите нови мали производители треба само да се регистрираат во АХВ, за да можат да остваруваат продажба од праг или фарма. Очекуваме над 2.000 нови регистрирани мали производители. Со оваа програма ќе се создадат нови мали бизниси кои ќе развијат нови производи.

Третиот столб е силно насочен кон капиталните водостопански инвестиции. Најголемата сума од буџетот на Министерството во износ од 884,9 милиони денари е наменета за Управата за водостопанство. Со овие средства и во 2023 ќе продолжат започнатите капитални водостопански проекти. Во првиот квартал ќе заврши изградбата на браната Конско. Тоа е најголем капитален проект за водоснабдување во последните 50 години. Во 2023 година продолжува изградбата на Брана Речани, ќе се заврши и изградбата на ХС Равен – Речица. Со силно темпо тече и Програмата за наводнување на Северна Македонија, која вклучува изградба на четири системи за наводнување во рамки на речниот слив на Река Вардар (ХС Лисиче, Конско, Пепелиште и Јужен Вардар – трета фаза). Ќе почне големиот капитален проект со буџет од 22 милиони евра, а тоа е изградба на браната на река Слупчанска. Ќе продолжи изградбата на малите нискотрошковни системи за наводнување.

Четвртиот столб е зелената транзиција што е во согласност со Зелениот договор на Европската Унија. Токму затоа, во 2023 ставаме фокус на зелената транзиција преку проектите во шумарството. Програмата за проширена репродукција на шумите е со буџет од 25 милиони денари. Средствата ќе се користат за пошумување на голини и ерозивни земјишта во државна и приватна сопственост, спроведување на одгледувачки мерки за подобрување на квалитетот и структурата на шумите, со акцент на пошумување на опожарените површини. Со зголемените средствата за 2023 година, пошумувањето ќе биде една од нашите цели за успешно реализирање на зелените принципи.

Петтиот столб на кој се заснова буџетот на земјоделскиот сектор е модернизацијата во земјоделството која ја реализираме преку ИПАРД3 програмата, Светска Банка и Програмата за рурален развој, мерка 121 „Модернизација во земјоделското стопанство“.

„Би сакал да потенцирам дека имаме најголем вкупен земјоделски буџет до сега, но буџетот на Министерството за 2023 споредено со 2022 година е помал за околу 426 милиони денари, или за 31,5% поради инкорпорирани мерки за штедење. А ова е само уште еден доказ дека и во услови на криза може и да се штеди и да се постигнуваат резултати,“ потенцираше Николовски.

Буџетот за секторот земјоделство за 2023 година има развојна компонента со фокус на реформите, малите производители, капиталните водостопански инвестиции, зелената транзиција и модернизацијата. Буџетот е креиран домаќински, без непотребни трошоци и со вклучени мерки за штедење.

Би можело да ве интересира

МЗШВ: Со измените во Законот за стокови резерви, оризовата арпа се вбројува во листата на стратешки култури за државата

МЗШВ: Ништо ново од Трипуновски, лаги и измислици наместо проекти и визија за земјоделците

Горан Наумовски

Кривична пријава за несовесно работење во службата против двајца членови на комисија во МЗШВ

МЗШВ: Повик до откупувачите на сончоглед да достават податоци за извршениот откуп

МЗШВ: Земјоделците од Свети Николе со силна поддршка на решението за продолжување на договорите што го понудивме

МЗШВ: Блокадите на Трипуновски и ВМРО-ДПМНЕ оставаат 200 земјоделски стопанства без субвениции