Претставници на АПИС на средба со потпретседателот на Собранието и координаторот на пратеничката група на коалицијата „Можеме“

Од:

На барање на двете асоцијации, денес претставници на Асоцијацијата на приредувачи на игри на среќа (АПИС) и на Асоцијацијата на спортски обложувалници (АСОМ) остваривме средба со Потпретседателот на Собранието на Република Северна Македонија, Г-дин Горан Мисовски и Координаторот на Коалицијата „МОЖЕМЕ“, предводена од политичката партија СДСМ, Г-дин Јован Митрески.

На претставниците на владејачкото мнозинство им понудивме аргументи дека постоечката регулатива во Северна Македонија е најстрога на Балканот, бидејќи ги опфаќа сите сегменти на контрола на игрите на среќа од сите надлежни институции. Наведовме дека не постои записник на надлежните државни органи каде е евидентирано присуство на малолетник во автомат клубовите и казината кои се под надлежност на Групацијата Новоматик и Апекс Македонија, што е потврда дека станува збор за исклучителни професионалци, општествено одговорни компании кои максимално го штитат јавниот интерес и неселективно ги спроведуваат законските норми.

Изразивме загриженост што нема никакво издржано објаснување зошто е одлучено токму на овие законски измени да им се стави Европско знаме, што никогаш претходно не било законодавна пракса, земајќи предвид дека измените предизвикуваат драматични финансиски импликации. Особено што во предложените измени има серија одредби кои не се во согласност со Уставот.

Ја искористивме приликата да упатиме генерален апел до сите пратеници, без разлика на нивната политичката и етничка припадност, пред да се изјаснуваат за овој Предлог на закон за измени и дополнување на законот за игри на среќа и забавни игри да си го постават следното прашање: Зошто Северна Македонија која тежнее да стане дел од ЕУ би била исклучок од европските земји и западните цивилизации каде има легални игри на среќа?

Повикавме да не се потпаѓа под влијание на црната кампања на оние критичари на игрите на среќа кои никогаш не одговорија за чии бизнис интереси одработуваат. Треба да се земе предвид дека токму тие никогаш нема да преземат одговорност за штетните последици кои ќе следат доколку овие законските измени стапат на сила. Трагично е што прават притисок врз политичките партии и суптилно се обидуваат да ги инволвираат и верските заедници. Ова е недозволиво и претставува злоупотреба на верските чувства на граѓаните за оцрнување на секој кој има допирна точка со игрите на среќа. Искушувањето на среќата е дел од човечкиот карактер, затоа игрите на среќа ги имало и ќе ги има секогаш, се’ додека постои цивилизацијата. Никој во Европа не ја прифаќа тезата дека потенцијалната зависност од игрите на среќа се решава со затворање на казината, автомат клубовите и обложувалниците, како што ни потенцијалната зависност од алкохол и никотин никаде не се решава со затворање на кафулињата, тобаката и продавниците на алкохол. Подигнувањето на општествената свест се прави со јавни кампањи и организиран пристап за насочување на младите генерации кон наука, култура и спорт.

Предупредивме дека доколку овие законски измени не се повлечат и низ една широка општествена, јавна дебата со вклучување на сите засегнати страни не се пристапи кон изработка на одржливо законско решение кое ќе ги следи сите светски стандарди за игри на среќа, ќе бидеме принудени да излеземе на масовни протести. Ќе се бориме до крај против неправдата со сите демократски средства. Доколку надлежните институции не сакаат да ги прифатат нашите аргументи ќе немаме друг избор. Наша должност е да ги заштитиме вработените и огромните инвестиции кои ја придвижуваат македонската економија напред. Станува збор за 10 илјади семејства кои доколку се изгласаат овие законски измени ќе бидат принудени, во најголем број да си ја бараат среќата во западните земји, членки на ЕУ, каде повторно ќе работат во истата економска дејност.

ПР текст

Би можело да ве интересира

АСОМ: Остануваме конструктивен партнер за вистинска јавна дебата за игрите на среќа

АПИС: Признание за сите пратеници кои одбранија 10 илјади работни места

АПИС до пратениците: Не се станува ЕУ член со селективно почитување на европските стандарди

АСОМ: Ќе дозволат ли народните избраници десетици илјади вработени да останат на улица

Катерина Ѓуровски

АСОМ: Примерот со Албанија ги потврди нашите апели – ограничувањето на легалните игри на среќа ја отвора вратата за игрите на црно

Катерина Ѓуровски

АПИС: Албанија ги врати игрите на среќа, Македонија сака да ги врати игрите на црно

Орце Костов