Преку апликацијата i-Kat достапни сите податоци од Катастарот

Од:

Секој што има т.н. смарт телефон со интернет од денеска ќе може да ја користи i-Kat апликацијата на Агенцијата за катастар и недвижности која овозможува лесен пристап и увид до сите нејзини податоци.

Како што беше речено на денешната промоција, i-Kat обезбедува графички приказ на секоја локација, како и информации од имотниот лист за саканата парцела, нејзин број, големина, сопственици и евентуална узурпираност.

Апликацијата е бесплатна и може да се симне од веб страницата http://i-kat.katastar.gov.mk. Наскоро ќе биде достапна и на Google Play.

– Нашата цел е да ги олесниме и поедноставиме процедурите и постапките за граѓаните, да овозможиме ефикасни и експедитивни услуги, нагласи заменик-министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Зоран Коњановски.

Според него, i-Kat апликацијата е особено погодна за земјоделците кои ќе можат веднаш и точно да дознаат каде се наоѓа некоја парцела, кој е нејзиниот катастарки број и индиректно, колку е квалитетна, за кои култури е погодна. Голем бенефит ќе има и Државниот инспекторат за земјоделство чии служби, рече Коњановски, во секој момент ќе можат да видат дали земјиштето е издадено под закуп, дали има договор за тоа или е узурпирано.

Од Катастарот очекуваат широка примена на апликацијата.

– Граѓаните и фирмите не можат да ги знаат броевите на парцелите и на имотните листови особено сега, кога интезивно се спроведуваат процесите на легализација и приватизација. Затоа очекуваме максимално да ја искористат можноста, преку мобилените  телефони да дојдат до потребните податоци и полесно да се ориентираат во просторот, рече директорот на Агенцијата за катастар и недвижности Славче Трпески.

Пребарувањето се врши на два начина, преку локацијата на парцелата, ако му е позната на корисникот, или, ако не му е позната, со внесување на бројот на парцелата и на катастарската општина каде што се наоѓа. Во ваков случај апликацијата дава резултати за податоците впишани во имотниот лист без приказ на товарите. За дигитализираните области на екранот може да се видат и архивиските оригинални снимки и ортофото, односно авионските снимки, додека за областите кои се уште не се дигитализирани достапни се само архивските снимки.

Апликацијата i-Kat е финансирана од Шведската агенција за меѓународна соработка (СИДА), а ја изработи македонска фирма.

Би можело да ве интересира

Прво намалување на цените на становите после четири години раст

Орце Костов

Рибароски: Агенцијата за катастар води хајка против приватните геодетски компании во спрега со судовите

Комора на геодетски друштва: Новиот тарифник е пресметка на директорот со приватните компании

Орце Костов

Поскапе имотниот лист: Катастар ги зголеми цените поради поскапата струја и повисоките плати

Орце Костов

Вработена во Агенцијата за катастар побарала поткуп од 2.000 денари

Горан Наумовски

Митева: Катастарот е уште една институција која СДСМ по само пет години ја донесе на раб на банкрот