Пратениците трет ден расправаат за Предлог-буџетот за 2022, Алијанса на Албанците нема да даде поддршка

Од:

Пратениците денеска трет ден расправаат за дополнетиот Предлог-буџет за 2022 година. Претпладневниот дел помина во меѓусебни обвинувања на власта и опозицијата за тоа дали доволно средства се одвојуваат за образованието, а беа упатени и критики за слабата реализација на капиталните инвестиции. Алијанса на Албанците се изјасни дека нема да даде поддршка на Предлог-буџетот за следната година.

Според пратениците од ВМРО-ДПМНЕ, Предлог-буџетот е преобемен и со него нема да се подобри секојдневното живеење на граѓаните. Предлог-буџетот, како што посочија, нема да донесе ништо добро за здравството, образование и социјалната.

– Буџетот е контрадикторен сам по себе, не нуди никакви одговори на засегнатите прашања што го обременуваат македонскиот граѓанин. Овој буџет нема да донесе ништо подобро во образованието, здравството и социјалата и во ништо друго што го засега битисувањето на секојдневното живеење. Успеавте во една година да ја донесете државата во три кризи, рече Бојан Стојановски од ВМРО-ДПМНЕ.

Забелешка на опозицијата е и тоа што помалку средства се одвојуваат за изградба на училишта, а повеќе за реконструкција, на што реагираше пратеничката Жаклина Лазаревска од СДСМ, која посочи дека тоа е така затоа што анализата што за првпат ја има направено Министерството за образование покажала дека има многу помалку побарувања од општините за изградба на нови училишта, а многу поголема потреба од реконструкција на училиштата.

Од Алијанса на Албанците се изјаснија дека нема да гласаат затоа што, според нив, приоритетите во Предлог-буџетот се нереални, има отсуство на транспаретност, загрижува нивото на јавниот долг и постојат причини поради кои може да не се реализира предвидената стапка на економски раст.

– Северна Македонија е типичен пример на земја со неуспеси и во реализацијата на капиталните инвестиции. Станува збор за несериозни предвидувања и слаба реализација на капиталните инвестиции. Капиталните инвестиции планирани за оваа година имаат реализација од 60 проценти. Уште две недели завршува оваа календарска година, а имаме реализација од 60 проценти, рече Елми Азири од Алијанса на Албанците.

Според Азири, загрижувачки показател е и порастот од 7,4 проценти на расходите за камати за задолжување во однос на 2021 година што ги прави, како што рече, некредибилни настојувањата за сериозно ангажирање за фискална консолидација.

На ова реагираше министерот за финансии Фатмир Бесими, кој посочи дека во овој буџет има најголемо ниво на капитални инвестиции и со него ќе бидат опфатени сите приоритети за следниот период. Во однос на финансиската консолидација рече дека се донесени сите документи кои се во насока на фискална одржливост и во кои се предвидени мерки за економски раст.

Седницата продолжува во 16:30 часот по редовната едночасовна пауза. Расправата за буџетот на пленарна седница трае пет дена.

Би можело да ве интересира

МЗШВ: Собранието го донесе новиот закон за вино, лозарите добиваат гарантирана откупна цена на винското грозје

Нов парламентарен состав до 28 мај

Катерина Ѓуровски

Последната седница на овој парламентарен состав ќе се одржи до крајот на месецов

Не е донесен Законот за игри на среќа, постапката заврши

Катерина Ѓуровски

СДСМ предлага отворање медицински факултет во Битола, ВМРО-ДПМНЕ смета дека нема услови

Џафери: Закажани се избори, не може да се потпишат колективни договори, протестите на универзитетите се за дневни политики