Пратениците ја почнаа расправата за прогресивниот данок

Од:

Пратениците денеска во рамки на 66. седница ја почнаа расправата за Предлогот на закон за данок на личен доход, со кој всушност се воведува прогресивен данок. Предложено е законот да се донесе во скратена постапка.

Како праведно решение го оцени овој закон министерот за финансии Драган Тевдовски, додека според опозицијата ова е лошо законско решение и катастрофа за македонската економија.

-Се предлага воведување прогресивен данок на доход со цел обезбедување на поголема праведност на даночниот систем, рече Тевдовски.

Освен даночната стапка од десет проценти се воведува и стапка од 18 отсто која ќе се однесува на даночна основа која надминува еден милион и осумдесет илјади денари на годишно ниво, односно 90 илјади денари на месечно ниво. За даночната основа до еден милион и осумдесет илјади годишно и до 90 илјади месечно останува примената на постојната даночна стапка.

Исто така се предлага и оданочување на доходот од закуп, подзакуп, дивиденди, капитални добивки, игри на среќи и друг доход да се врши со примена на единствена даночна стапка од 15 отсто.

-Дополнително со предлог-законот се врши и зголемување на соодносот на даночното намалување, односно ослободување што ќе важи на платите и пензиите со што даночното побарување кај пензиите ќе биде помало отколку што е со постојниот закон, рече Тевдовски и нагласи дека ова решение е дополнителен чекор, што Македонија треба да го направи за да влезе во редот на земји кои имаат праведно оданочување.

Додаде дека рамниот данок бил карактеристика на поранешни социјалистички земји и оти голем број од тие земји преминале кон прогресивен данок.

Димитар Стевананџија од собраниската говорница порача дека ВМРО-ДПМНЕ првиот ден по, како што рече, победата на следните парламентарни избори ќе го поништи ова законско решение и повторно ќе функционира рамниот данок.

Тоа, како што рече го бараат и домашните и странските инвеститори.

–Имаше јавна дебата, а вашите колеги поранешни министри од СДСМ ви пратија една порака, овој данок е катастрофа за македонската економија. Истата порака ви ја пратија и Стопанската комора на германските инвеститори во РМ и на американските инвеститори, рече тој.

За неговиот сопартиец Антонио Милошоски воведувањето прогресивен данок е антиреформа.

– Немаше ниту еден субјект во државата освен Тевдовски и пратениците на СДСМ кои излегле и кажале дека ова со зголемување на даноците е добар чекор. Многу луѓе сметаат дека овој данок само ги оптоварува нивните бизниси. Многу луѓе се чувствувата изневерени бидејќи сметаат дека за некој начин се работи за изборна измама, рече Милошоски.

Напомена дека со новите мерки ќе бидат погодени претприемачи, менаџери, професионалци на брзорастечки индустрии, информатички технчари и други инженери.

Расправата продолжува по 15 часот, до кога трае пазузата, што ја прогласи претседателот на Собранието, Талат Џафери.

Би можело да ве интересира

Собранието го донесе Законот за медиуми и други закони

Горан Наумовски

МЗШВ: Собранието го донесе новиот закон за вино, лозарите добиваат гарантирана откупна цена на винското грозје

Нов парламентарен состав до 28 мај

Катерина Ѓуровски

Последната седница на овој парламентарен состав ќе се одржи до крајот на месецов

Не е донесен Законот за игри на среќа, постапката заврши

Катерина Ѓуровски

СДСМ предлага отворање медицински факултет во Битола, ВМРО-ДПМНЕ смета дека нема услови