Почнува собраниската расправа за ребалансот на Буџетот

Од:

Во Собранието на Република Македонија денеска почнува расправата по Предлогот за измени и дополнување на Буџетот на Република Македонија за 2017 година.

Ребалансот на Буџетот предложен од Владата е на дневен ред на собраниската Комисија за финансирање и буџет.

Со него се предвидува дефицитот да остане 2,9 отсто од БДП, а растот да изнесува 2,2 проценти наместо првично предвидените 3 отсто од претходната влада и проектираните 2,8 од Светска банка, односно 2,7 отсто од НБРМ.

Скратени се сите непродуктивни трошења на Владата и на сите нејзини институции како што се службени патувања, презентации, економски промоции и рекламирање со што е направена заштеда на финансиски средства. Од Владата посочуваат дека обезбедени се средства за укинување на радиодифузната такса, за субвенционирање на минималната плата која од 1 септември треба да изнесува 12.000 денари, како за трајно решавање на проблемот со стечајните работници.

Предвидено е кратење на расходите од речиси три милијарди денари и на капиталните инвестиции за исто толку, но, како што појасни премиерот Зоран Заев, ќе се реализираат сите веќе започнати инфраструктурни проекти, а ќе се додадат и некои нови.

Вкупните приходи се проектирани на 184,7 милијарди денари, расходите на 203,3 милијарди денари, а буџетскиот дефицит на 18,6 милиајрди денари или 2,9 отсто од БДП.

Предвидено е со девет милиони евра да се дополнат сите активни политики и мерки за поддршка на нови вработувања, пред се за младите луѓе и за проектот „Гаранција за младите луѓе“ кој, како дел од Програмата на новата Влада, предвидува на секој млад човек, државата да му понуди вработување или дошколување, практика и тренинг за да биде конкурентен на пазарот на трудот и да сака да остане да работи во својата земја.

Со околу 135 милиони денари ќе се обезбеди поддршка на малите и средните претпријатија, како и на домашни гринфилд инвестиции, а 500 милиони денари се наменети за поддршка во привлекување на донации од ИПА програмата за интензивирање на активности поддржани од Европската унија во предпристапниот период.

Ребалансот на буџетот е на дневен ред и на собраниската Законодавно-правна комисија.

Покрај комисиите за финансирање и буџет и Законодавно-правната комисија денеска во Собранието седница ќе одржи и Комисијата за труд и социјална политика која ќе расправа по предлог измените на Законот за исплата на платите.

Би можело да ве интересира

Собранието го донесе Законот за медиуми и други закони

Горан Наумовски

МЗШВ: Собранието го донесе новиот закон за вино, лозарите добиваат гарантирана откупна цена на винското грозје

Нов парламентарен состав до 28 мај

Катерина Ѓуровски

Последната седница на овој парламентарен состав ќе се одржи до крајот на месецов

Не е донесен Законот за игри на среќа, постапката заврши

Катерина Ѓуровски

СДСМ предлага отворање медицински факултет во Битола, ВМРО-ДПМНЕ смета дека нема услови