Почна изградбата на ТИРЗ „Виница“

Од:

Почна изградбата на ТИРЗ „Виница“ која се простира на површина од 21 хектар, составена од 10 парцели. Се наоѓа на само два километра од Виница, пет километри од Зрновци, 10 километри од Кочани, 115 километри од аеродромот Александар Велики во Скопје и 160 километри од граничниот премин Богородица.

На поставувањето на камен-темелникот присуствуваа премиерот Никола Груевски, вицепремиерот Владимир Пешевски, министерот за економија Беким Незири, директорот на Дирекцијата за ТИРЗ Виктор Мизо и градоначалникот на Виница Емил Димитриевски.

Зоната, како што истакна премиерот Груевски, ќе има и соодветен патен приклучок, а од особена важност ќе биде изградбата на автопатот Скопје – Штип, експресниот пат од Штип до Кочани и натамошниот развој на патната мрежа во овој дел од земјата, меѓу кои и надградбата на магистралниот пат што води до Делчево.

– Со сите овие предуслови немаме причина да не веруваме дека оваа зона ќе биде успешен проект и во своите рамки ќе вдоми повеќе нови фабрики во овој регион. Тоа ќе значи нови работни места, заживување на регионот и подобар животен стандард за бројни наши сограѓани кои својата егзистенција ќе ја имаат во оваа зона, рече Груевски.

Владата со своите тимови, вети премиерот, ќе продолжи напорно и активно да работи на подобрување на инвестициската клима и промоции во други држави за изградба на зоните во државата и изградба на патиштата и локалната инфраструктура и се што е потребно за привлекување повеќе инвеститори и отворање повеќе работни места.

– Свесни сме дека транзицијата и затворањето на фабриките во минатото во голем обем ги истоштија македонските градови и дека не можеме наеднаш да ги решиме сите проблеми, но во исто време сме охрабрени од интересот за инвестирање во државата и од бројот на инвеститори кој постојано се зголемува, рече Груевски.

Тој потсети дека во октомври 2006 година беше поставен камен-темелникот на првата голема инвестиција во поновата историја на Македонија, првата фабрика на Џонсон Контролс, која се градеше во првата ТИРЗ Скопје 1.

– Многумина тогаш беа скептични и се подбиваа со нашите намери да отвориме колку што можеме ТИРЗ-и во државата и да привлечеме голем број странски инвестиции. Денес Џонсон Контролс веќе има две фабрики во државата, две фабрики има и Џонсон Мети, своја фабрика има италијанската Технохозе, американската Кемет Електроникс, германската Кромберг и Шуберт, рускиот Протек груп, германската Дрекселмаер, белгиската Ван Хул… Се градат фабрики  на италијанската ИТЕК и ДИАТЕК, на германската Техникал текстил, Технохозе гради втора фабрика, а за изградба се подготвуваат германскиот гигант ОДВ електрик, турската Менсан, украинската Енергија… Пред само два дена нова инвестиција најавија ирската компанија Етанол Јуроп Рињуабл и американската ДуПонт, а со уште многу други сме во фаза на разговори и интерес за инвестирање во нашата држава, истакна Груевски.

Реализацијата на инвестициите, подвлече, е резултат на напорната работа и долгогодишните активности за привлекување странски капитал во нашата земја. Една од мерките, додаде Груевски, е изградбата на ТИРЗ во државата, проект кој влегува во својата финална фаза. Во функција се зоните во Скопје и Штип, а во изградба се во Кичево, Прилеп, Гевгелија, Тетово, Струга, Радовиш, Струмица и Ранковце, додека денеска почнува изградбата во Виница и во Берово. Наскоро треба да почне и изградба на ТИРЗ во Делчево.

– Со тоа сите региони во државата ќе бидат покриени, а ние како Влада ќе имаме аргумент повеќе во привлекување на странските инвестиции, истакна Груевски.

Концептот за изградба на ТИРЗ, според вицепремиерот Пешевски, е дел од стратегијата за привлекување странски инвестиции што ќе овозможи подобар економски развој.

– Концептот досега даваше резултати, бидејќи голем број компании дојдоа во зоните да инвестираат, рече Пешевски.

Министерот Незири смета дека ТИРЗ во Виница ќе донесе голем економски бенефит за жителите од оваа општина, а почнувањето на изградба на зона и во Берово ќе даде економско заживување и рамномерен одлижлив развој за целиот источен регион.

– На 21 хектар ќе бидат привлекувани инвеститори кои ќе вложат во отворањето на производствени капацитети што ќе значи  и стимул повеќе за деловните субјекти од регионот, а ќе придонесе и за подобрување на нивната конкурентност, но и шанса која треба да  ја искористат во воспоставување на соработка со компании во зоната нудејќи ги своите суровини, производи и услуги. Не смееме да заборавиме дека Виница и Кочани покрај со земјоделство може да се пофалат и со текстилна, прехранбена и дрвна индустрија. Оваа зона ќе биде одлична можност за македонските компании кои имаат намера да учествуваат во градбата, да конкурираат за избор и на тој начин потенцијално да придонесат за својот бизнис, рече Незири.

Сообраќајното поврзување на зоната со основната патна мрежа, според Мизо, се предвидува да се изведе со клучка во две нивоа со кои ќе се овозможи едноставно и безбедно исклучување и приклучувње на сообраќајните токови од и во планираниот автопат А3 делница Штип – Делчево.

– Во изградбата на ТИРЗ Виница ќе се применуваат современи стандарди за внатрешната патна мрежа, водоводната и канализациската инфраструктура, електроенергетскиот систем и телекомуникациите. Ќе се почитуваат и еколошките, безбедносните и другите задолжителни стандарди за функционирање на зоната, додаде Мизо.

ТИРЗ Виница и Берово со целосно изградената и развиена инфраструктура, тој нагласи дека ќе можат да ги понудат сите потребни услови и поволности на потенцијалните инвеститори.

– Со преземените реформи за подобрување на бизнис-климата и поттикнувањето на економскиот развој на државата веруваме дека во ТИРЗ-овите во иднина свое место ќе најдат голем број инвеститори, додаде Мизо.

Изградбата на зоната во Виница, според градоначалникот Димитриев ќе значи подобри услови за нови инвестиции и отворање нови работни места.

– Локацијата се наоѓа на тромеѓето меѓу општините Виница, Кочани и Зрновци и ќе нуди вработување за жителите од трите општини. Отворањето нови работни места е единствен начин да ги вратиме нашите сограѓани кои отидоа на печалба во другите земји, истакна Димитриев.

Би можело да ве интересира

Отстранета опасност од истечен хлор во филтер станица во Виница

Горан Наумовски

Државата наплатила 62 милиони евра од патарини годинава, за три години приходот е двојно зголемен

Орце Костов

Вицепремиерот Битиќи на средба со странските инвеститори: Системски ја засилуваме предвидливоста на деловното опкружување за нови инвестиции

А1он

До 31 мај компаниите може да аплицираат за склучување на договори за финансиска поддршка на инвестиции

Виница: Ја претепал, силувал и снимал 20 – годишната вереница

А1он

„Јагео” влегува со 205 милиони евра инвестиција и ќе отвори 4 000 работни места

Катерина Ѓуровски