Отворени се сите пунктови за откуп на тутунот, просечната цена е 181,6 денари

Од:

Денеска и официјално, законски почна откупот на тутутнот во земјава. Сите осум откупувачи ги отворија 173-те пункта. Досега се откупени 2050 тони по просечна цена од 181,6 денари.

Според Зоран Шапуриќ, директор на Државниот земјоделски инспекторат, динамиката е добра и полека се зголемува просечната откупна цена.

– Тутунот се откупува со добра динамика. Отворени се сите 173 пунктови во земјава и тутунот го купуваат осум откупни претпријатија. Досега нема никакви проблеми. Конкретно, до вчера се откупени 2050 тони по просечна цена од 181,6 денари. Денеска е и последниот рок, или официјалниот старт на откупот и сите ги отворија пунктовите. Просечната цена полека се зголемува. Само за пример, вчера се откупени 600 тони по цена од 185 денари. Инспекторатот е постојано на теренот и ја следи откупната кампања, изјави Шапуриќ.

Игор Мирчески, координатор на четирите новоформирани тутунски здруженија вели дека не е постигната реалната проценка на родот којшто е квалитетен. Тутунарите очекуваат повисока цена. Вака, вели, цената не е соодветна ниту на трошоците, ниту на реалниот квалитет.

-Апелираме до инспекторатот будно да ја следи ситуацијата со откупот, а поверениците активно да учествуваат при проценката на вагите, а не да бидат декор, вели Мирчески.

Сојузот на земјоделските здруженија на Македонија, поради реакциите на тутунарите и што смета дека не е достигната реалната цена, почна со посета на откупувачите. Денеска беше на средба со најголемиот откупувач „Сокотаб“ од Битола. Најавена им е реална линија на проценка.

– Сите откупни пункта се отворени. Дел тутунари реагираат. Иако линијата последниве денови е подобрена, сметаме дека не е достигната реалната проценка, зашто тутунот е со мошне добар квалитет. За нас е реално да не биде под 200 денари за килограм, но сѐ уште се соочуваме со ниски цени по класи, што треба да се исправи за наредната реколта. Од „Сокотаб“ ни рекоа дека ќе се подобри линијата за откупот. Нашите повереници се на сите откупни пунктови и ги следат состојбите, рече Методија Стомнароски од Сојузот на земјоделските здруженија.

Во земјава се склучени договори за 22.000 тони тутун. Исплатата е редовна, за еден до седум дена. Откупот трае до крајот на март, наредната година.

Би можело да ве интересира

Бектеши: За уште 35 денари се зголемува откупната цена на тутунот, носиме одлуки во интерес на тутунарите

Откупувачите ги потпишаа анексите со зголемена цена на тутунот, откупот веднаш се интензивираше

Николовски: Тутунарите утре добиваат анекси на договорите, со зголемена цена од 365 денари на целокупната предадена количина тутун

Земјоделски инспекторат: Тутунарите да не прифаќаат усни најави, откупувачите да испратат писмени анекси за зголемени откупни цени на тутунот

Во Прилеп се очекува да се интензивира откупот на тутунот

За тутунарите дополнителни 20 – 30 денари субвенција, а од 2024 година и „зелена нафта“, како и 6.000 денари поддршка за хектар површина