Одлука на ММФ: Нашата земја доби финансиска поддршка од околу 176 милиони евра

Од:

Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) одобрил финансиска поддршка за нашата земја, преку Инструментот за брзо финансирање, во износ од околу 176 милиони евра, информира Народна банка.

„Преку овој инструмент се овозможува исклучително брз и поволен пристап до финансиски средства од ММФ, во услови кога економија со здрави фундаменти е погодена од надворешен, неочекуван и привремен шок, каков што е пандемијата на вирусот ковид-19.Како и поголем дел од економиите во глобални рамки, и македонската економија привремено ќе биде погодена од појавата на новата вирусна инфекција. Ефектите ќе се почувствуваат и преку намалувањето на глобалната побарувачка, но и преку прилагодување на домашната побарувачка, во услови на неизвесност и преземени мерки за ограничување на ширењето на вирусот. Слично како и во другите економии, ваквиот контекст наметнува потреба од прилагодување на макроекономските политики за привремена и целна поддршка на економијата. Користењето на средствата од ММФ е важен елемент за спроведување на овие политики, обезбедувајќи дополнителни финансии за буџетска поддршка, како и поддршка на девизниот потенцијал на економијата.“, се вели во соопштението на Народна банка.

Во контекст на политиките, ММФ истакнал дека Народната банка, во рамки на својот мандат реагирала брзо за соодветно да одговори на економските предизвици поврзани со ковид-19. Покрај намалувањето на референтната каматна стапка и целните промени во задолжителната резерва, ММФ ги издвојува и регулаторните измени со коишто се овозможи привремено олеснување на финансискиот товар на корисниците на кредити погодени од корона-кризата, притоа запазувајќи го прудентниот пристап во управувањето со ризиците.

„ММФ се осврнува и на преземените фискални мерки за заштита на ликвидноста на компаниите и за обезбедување социјална заштита за погодените домаќинства. Притоа одделно се нотирани мерките донесени од Владата со коишто се намалуваат непотребните расходи во овој период и се обезбедуваат натамошни финансии за здравствениот сектор. Од ММФ се разгледани и мерките со коишто се промовира сигурност на работните места и стабилност на пазарот на трудот. Во рамки на комуникацијата со ММФ се потенцира посветеноста на носителите на политиките за одржување на макроекономската и финансиската стабилност, и за зголемување на потенцијалот за одржлив долгорочен раст на македонската економија. Во однос на стабилноста на банкарскиот систем, ММФ позитивно го оценува зајакнувањето на ликвидноста и на капиталната позиција на системот во изминатиот период, што сега обезбедува гаранција за заштита од потенцијалните загуби заради корона-кризата. Притоа, укажано е и на потребата банките и понатаму да обезбедуваат финансиска поддршка на економијата, во претстојниот период, заради што е неопходно својата капитална позиција и ликвидноста да ги одржуваат на адекватно ниво“, соопштува Народна банка.

Би можело да ве интересира

Прво намалување на цените на становите после четири години раст

Орце Костов

Се одржа јубилејната 50. сесија на Клубот на истражувачите

НБ: Инфлацијата се намалува, економскиот раст под проектираниот

Горан Наумовски

Граѓаните ќе можат бесплатно да проверат колку се кредитно изложени: Нова алатка на Народна банка

Орце Костов

МФ: ММФ го објави извештајот од Мисијата за член IV и ПЛЛ – Економијата зајакнува поттикната од јавните инвестиции, инфлацијата се намалува, се остваруваат фискалните цели

ММФ: Доброто водење на монетарната политика придонесе кон намалување на инфлацијата

Горан Наумовски