Од почетокот на јули ќе почне исплаќањето на средствата за „зелената нафта“

Од:

Од почетокот на јули ќе почне исплаќањето на средствата за „зелената нафта“, најави денеска министерот за земјоделство, Трајан Димковски на работната средба со претставниците на здружението „Бело злато“ и со земјоделци од кочанскиот регион.

На средбата на која присуствуваа и директорот на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој, Николче Бабовски како и градоначалникот на Кочани, Николчо Илијев, се разговараше за актуелни прашања од реализацијата на програмите на ресорното министерство, како и за подготовките за пријавувањето на земјоделците за добивање субвенции, со оглед на актуелната состојба со епидемијата од КОВИД-19 и почитувањето на посебните протоколи.

– Имавме конструктивен разговор на кој меѓу другото стана збор и за периодот по завршувањето на сеидбата на оризот, откупните цени и пласманот на арпата, како и за активностите околу спречувањето на палењето на сламата и стрништата по завршувањето на жетвата. Се бара посоодветно решение како сламата да се транспортира до местото каде што ќе се претвора во компост. Во меѓувреме, исплатата на дополнителната субвенција од пет денари за предаден килограм арпа е приведена кон крај, а ќе се продолжи со другата финансиска поддршка што е предвидена со планот, истакна министерот Димковски.

Тој додаде дека од почетокот на јули ќе почне исплаќањето на средствата за „зелената нафта“ за сите земјоделци кои минатата година добиле платежни картички, а оние кои годинава за првпат ќе бидат опфатени во програмата, ќе треба решенијата и картичките да ги подигнат во подрачните единици на ресорното министерство.

Градоначалникот на Кочани, Илијев го пренесе предлогот на земјоделците од регионот за изградба на каскадно решение на реката Брегалница.

– Земјоделските производители сè почесто се жалат за подводнување на нивите или пак повлекување на водата, што значи дека регулацијата на речното корито е од голема важност за целиот регион. Сметам дека треба да се направи студија што ќе ја потврди оправданоста од таквиот зафат, на потегот од Виница до Штип, со кој водата постојано ќе се држи на исто ниво кое нема да ги загорзува земјоделските површини. Тоа ќе овозможи добро планирање на земјоделските култури што ќе се сеат и поголема ефикасност во искористувањето на водниот потенцијал, истакна Илијев.

Во однос на изградбата на браната Речани на Оризарска Река, министерот Димковски информираше дека во почетокот на јули ќе почне ископот на т.н. опточен тунел, со што практично ќе стартуваат градежните работи на терен.

Би можело да ве интересира

МЗШВ: Ништо ново од Трипуновски, лаги и измислици наместо проекти и визија за земјоделците

Горан Наумовски

Кривична пријава за несовесно работење во службата против двајца членови на комисија во МЗШВ

МЗШВ: Повик до откупувачите на сончоглед да достават податоци за извршениот откуп

МЗШВ: Земјоделците од Свети Николе со силна поддршка на решението за продолжување на договорите што го понудивме

МЗШВ: Блокадите на Трипуновски и ВМРО-ДПМНЕ оставаат 200 земјоделски стопанства без субвениции

МЗШВ: Усвоена Интервентната програма за поддршка во земјоделството за 2024 година