Нема веќе протести, тутунарите ќе го предаваат родот, иако не се задоволни од процената

Од:

Нема решение за проблемот со тутунот. Ќе продолжиме да го носиме на вагите, но и натаму не се согласуваме дека треба само да се предаде, зашто многу е важно по која цена ќе се откупи, изјави Игор Мирчески од Иницијативниот одбор на незадоволните тутунари по денешната средба со министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Арјанит Хоџа.

Според Мирчески, нови протести нема да има. Досега, за два месеца, се откупени пет милиони килограми од вкупно планираните 25 милиони. Просечната цена е околу 150 денари, а не 166,8 денари.

Цената, нагласи Мирчески, вештачки се крева преку откупот што го врши Тутунскиот комбинат – Прилеп, но таа не го одразува реалниот просек.

Од Владата испратија кусо соопштение во кое се наведува дека повторно се разгледале можностите за излегување во пресрет на барањата на тутунарите со цел успешна завршница на годинашната реколта и постигнување повисока просечна цена. Била изразена и волја Владата да вложи максимални напори за достигнување просечна цена од 180 денари и преземање мерки тоа реално да се оствари.

-Не прими министерот, премиерот наводно бил зафатен или отсутен. Разговаравме. Нема решение за проблемот. За она што го баравме, 100 денари субвенција за секоја класа, по 30 денари во просек, министерот дефинитивно кажа дека државата нема средства и покрај сите наши напори да го преубедиме дека има, зашто вчера беа исплатени 33 милиони за „Макпетрол“, а пред тоа и за секакви други непотребни работи. Значи, само за тутунарите нема средства. Едноставно, ни беше речено дека оваа реколта ќе оди курбан. Наше, како Иницијативен одбор, беше да го дигнеме проблемот на највисоко ниво и во тоа успеавме, но, ниту имаме механизам, ниту можеме да го решиме. Едноставно, државата не сака да го реши проблемот, рече Мирчески според кој, по секоја средба откупот на терен е полош.

Тутунскиот комбинат, објасни, ги откупува само поквалитетните класи, затоа се создава привид и на повисока откупна цена.

-Кога по празниците, сега, ќе почне да се цени тутунот од трета и четврта класа, просекот ќе падне и ќе се види вистински колкав е. Ќе биде околу 150 денари за килограм, дециден е Мирчески.

Тој смета дека Сојузот на здруженијата на тутунари, кој апелира на предавање на тутунот, е на страната на откупувачите и не работи во корист на тутунарите.

-Ова ни беше последен обид да го решиме проблемот. Ќе не згази реколтата, остануваат уште 37 работни дена до крајот на откупот, а треба да се преземат уште 20 милиони килограми од договорените количини или 70 отсто. Ова време лани веќе имавме откупени 19 милиони килограми, нагласи Мирчески и додаде дека не е реално да се достигне ланската цена од 22 денара за килограм.

Според него, околу два милиона килограми тутун се вишок. Така покажуваат теренските анализи ако се земе предвид дека некои производители имаат склучено договор за еден тон, а всушност имаат пет тона тутун.

Во однос на увезените количини, проценува дека се многу повеќе од 1,8 милиони килограми.

-Откупувачите знаат дека можат да си купат тутун во март и април, затоа нашиот го откупуваат како пониска и поевтина класа. Ако немаа од каде да купат, ќе го земаа нашиот и ќе го плаќаа реално, нагласува Мирчески.

Како што се наведува во владиното соопштение, според министерот Хоџа, во оваа фаза е потребно да се интензивираат комуникациите и напорите, откупувачите на тутун да останат на ветеното за исполнување на обврската за откупување на вишокот тутун и да продолжи динамиката на откупот со подеднакви количини од сите категории на тутун.

-Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Арјанит Хоџа на денешната средба со претставници на Иницијативниот одбор на незадоволни тутунари повторно ги разгледаа можностите за излегување во пресрет на барањата на производителите на тутун за да се оствари успешна завршница на годинашната реколта и повисока просечна цена на тутунот на ниво на целата држава. Министерот Хоџа истакна дека е потребно зајакнување на динамиката на откупот на тутунот, со цел да се заврши откупот на реколтата во законскиот рок. Истовремено беше изразена волјата Владата да вложи максимални напори за достигнување на просечната цена на тутунот во висина од 180 денари и ќе преземе мерки тоа и реално да се оствари.

Пред средбата со Хоџа, тутунарите протестираа пред Владата. Во знак на револт, симболично, запалија и одредена количина тутун. Ги повторија барањата за реална проценка и максимум одбитоци до пет проценти, но изнесоа и ново барање, за линерално зголемување на субвенциите до 100 денари за килограм.

Би можело да ве интересира

Бектеши: За уште 35 денари се зголемува откупната цена на тутунот, носиме одлуки во интерес на тутунарите

Талески: Ново зголемување на откупата цена на тутунот за 35 денари, досега имаме просечна цена од 365 денари

Николовски: Тутунарите утре добиваат анекси на договорите, со зголемена цена од 365 денари на целокупната предадена количина тутун

Земјоделски инспекторат: Тутунарите да не прифаќаат усни најави, откупувачите да испратат писмени анекси за зголемени откупни цени на тутунот

За тутунарите дополнителни 20 – 30 денари субвенција, а од 2024 година и „зелена нафта“, како и 6.000 денари поддршка за хектар површина

Станкоски: Откупните фирми може да ги зголемат цените со анекс, а не да ги условуваат тутунарите