Народната банка сѐ повеќе ги отвора вратите за модернизација на платежниот пејзаж

Од:

Дигиталните технолошки решенија на кои се засноваат отвореното банкарство и брзите, или инстант плаќањата се само бројни иновации коишто ветуваат револуција на финансиските услуги и најавуваат сосема нови удобности за плаќањата. Но, тие се и предизвик за регулаторите – да се олесни пристапот за новите учесници на пазарот на платежни услуги. Народната банка веќе прави големи залагања и има стратегиска цел согласно со која, во периодот што следи, се предвидени низа активности за поттикнување модернизација на платежниот пејзаж, особено по носењето ново законско решение усогласено со европската регулатива. Со залагањата на Народната банка, вратите за оваа модернизација во нашата економија сѐ повеќе се отвораат и се потребни залагања од сите финансиски регулатори.

Ова, меѓу другото, беше посочено на затворањето на 13. конференција за плаќањата и пазарната инфраструктура „Плаќањата во дигиталната ера: од внатре кон надвор“, во организација на Народната банка во соработка со Банката на Холандија, којашто се одржуваше изминатите два дена, во виртуелен формат.

-Одржувањето виртуелна конференција беше предизвик за сите нас, додека нејзината успешност е потврда дека сите ние кои сме сведоци на денешното дигитално опкружување, покрај набљудувачи, подготвени сме да ја преземеме и улогата на иницијатори, поддржувачи и носители на дигиталните промени, истакна вицегувернерката на Народната банка, Емилија Нацевска, во обраќањето во коешто ги изнесе заклучоците од Конференцијата.

Во обраќањето, таа се осврна и на предизвиците за регулаторите во повеќето земји од Европската Унија и во регионот, вклучително и во нашата земја, за коишто и се разговараше во голем дел од Конференцијата. Притоа, го истакна настојувањето за олеснување на пристапот за новите учесници на пазарот преку воспоставување порти за иновации, или регулаторни лаборатории, чијашто цел е да ги советуваат, но и да го поддржат нивниот влез. Нашата централна банка формира порта за иновации уште пред повеќе од две години.

–За да имаме корист од тоа, ни е потребен и национален, и меѓународен пристап, имајќи предвид дека дигитализацијата и безбедноста од напад од дигиталниот простор се „двете лица на иста паричка“ , истакна вицегувернерката Нацевска.

Изнесувајќи ги заклучоците од Конференцијата, Нацевска се осврна и на дискусиите на еминентните експерти коишто учествуваа на панел-дискусиите. Притоа, се задржа на најновите трендови и предизвици коишто произлегуваат од влијанието на новите технологии врз пазарот на платежни услуги, промената во навиките за плаќања во дигиталната ера, можностите и предизвиците од отвореното банкарство, трансформациите водени од финтек-компаниите, безбедноста од напад од дигиталниот простор, како и дигиталните валути издадени од централни банки.

–На национално ниво, ги финализираме активностите поврзани со усвојувањето на новата регулаторна рамка со која се транспонира широк сет прописи од Европската Унија во областа на плаќањата, коишто, веруваме, ќе бидат поттик и охрабрување за иновациите и конкуренцијата, со што дигитализација на платежните услуги ќе се доведе на повисоко ниво, потсети Нацевска.

На Конференцијата, како што е наведено во соопштението од Народна банка, учествуваа повеќе од 200 учесници, претставници на Европската централна банка и националните централни банки од Европската Унија, централните банки на земјите од регионот, домашните регулатори, домашниот банкарски сектор, како и домашните небанкарски институции. Со своето активно учество на Конференцијата, поставувајќи релевантни прашања и отворајќи нови перспективи за развојот на платежните услуги во земјата и пошироко, тие го дадоа својот придонес за нејзината успешност.

Од Народната банка велат дека и натаму активно ќе ги следат новитетите и трендовите од областа на плаќањата во дигиталната ера и ќе се залагаат за поттикнување на активностите за подобрување на платежните услуги кај нас, имајќи ги предвид искуствата споделени на Конференцијата.

Би можело да ве интересира

НБ: Инфлацијата се намалува, економскиот раст под проектираниот

Горан Наумовски

Граѓаните ќе можат бесплатно да проверат колку се кредитно изложени: Нова алатка на Народна банка

Орце Костов

Во Македонија се помалку се плаќа во кеш: Раст од 20 отсто кај плаќањето преку мобилен

Орце Костов

Ангеловска-Бежоска: Инфлацијата и натаму ќе се намалува, но потребни се структурни реформи за да станеме поотпорни на шокови

Средба со Светска банка: Народната банка придонесува за одржување на здравоста на финансискиот сектор преку својата макропрудентна политика

Средби со ММФ: Успешен пристап на Народната банка во совладувањето на инфлацијата и одржување на стабилноста

А1он