Народната банка ја затегнува монетарната политика во насока да се справи со инфлацијата во земјава која во моментов е 8,3 проценти и повторно ја зголеми основната каматна стапка, овојпат за 0.15 процентни поени до ниво од 6,30% проценти што ќе влијае врз каматите на кредитите во деловните банки.
Пред 14 месеци, односно во јули 2022 година Народна банка утврди основна каматна стапка од 2,5% и ова зголемување за една година ќе има негативни последици врз цената на кредитните производи.
На седницата беше донесена одлука за зголемување и на каматните стапки на расположливите депозити, исто така за по 0,15 п.п., со што каматните стапки на депозитите преку ноќ и на 7 дена ќе изнесуваат 4,20% и 4,25%, соодветно. Понудата на благајнички записи на редовната аукција е непроменета и изнесува 10 милијарди денари.
Удар за граѓаните и фирмите ќе биде зголемувањето на каматните стапки на расположливите депозити преку ноќ и на седум дена. Пред една година каматните стапки на депозитите беа на ниво од 0,40 и 0,45 % со што се покачени за речиси четири отсто.
Ова значи дека НБРМ ги стимулира деловните банки ликвидните средства да ги депонираат кај неа поради повисока камата, односно се намалува оптекот на пари, што за крајните корисници ќе значи и поскапи кредити.
„Одлуката за промена во каматните стапки е условена од најновите податоци и оцени за клучните показатели за монетарната политика, коишто упатуваат на постепена стабилизација, иако сѐ уште постојат ризици. Во согласност со монетарните мерки преземени од крајот на 2021 година наваму, како и намалените притисоци од увозните цени, домашната инфлација и натаму забавува и во август 2023 година на годишна основа изнесува 8,3%.
Базичната стапка на инфлација исто така забавува, укажувајќи на значително помали ценовни притисоци од помалку променливите ценовни категории, а во согласност и со постојаното забавување на растот на личната потрошувачка. Во однос на светските цени, и натаму се очекува нивно намалување, при поголема надолна корекција, во споредба со претходните оцени. Сепак, домашната инфлација и натаму е на релативно високо ниво, што претставува ризик за инфлациските очекувања. Овие аспекти, заедно со непредвидливоста на светските пазари заради војната во Украина, налагаат потреба од натамошна претпазливост во водењето на монетарната политика. Со оглед на применуваната монетарна стратегија, при носењето на монетарните одлуки се зема предвид и поставеноста на политиката на Европската централна банка (ЕЦБ), којашто на последната седница повторно ги зголеми каматните стапки заради натамошно стабилизирање на инфлацијата во еврозоната“, соопшти НБРМ.
Советот на Народната банка донесе одлука за дополнително зголемување на стапката на задолжителна резерва на девизните обврски на банките од 20% на 21%, а зголемен е и процентот на одржување на задолжителната резерва од обврските во странска валута којашто се исполнува во евра. Овие измени ќе се применуваат од 20 декември 2023 година.