Министрите за финансии на Еврозоната постигнаа договор за излез од кризата

Од:

По денови интензивни преговори, постигнат е договор синоќа за пакет мерки за излез од социоекономската криза предизвикана од пандемијата од Ковид-19 од страна на Еврогрупата.

Министрите за економија се согласија за четири основни мерки, меѓу кои активирањето на Европскиот механизам за солидарност (ЕМС), воспоставен за време на должничката криза во ЕУ, и кој служи како постојан фонд за спас на еврозоната.

За првпат ќе се активираат кредитните линии на овој механизам во износ од 240 милијарди евра, но за разлика од периодот на должничката криза, овие кредити нема да бидат предмет на строги услови и мерки на следење, како што беше случај со Грција. Сепак, на барање на штедливите земји како Холандија, ќе бидат воведени неколку “благи услови“, а парите ќе треба да служат за расходи ‘директно или индиректно’ поврзани за здравствените потреби, што е помалку од тоа што го бараа земји како Шпанија и Италија.

Трошоците поврзани за здравството ќе бидат ослободени од претходни услови, додека оние поврзани за социоекономските потреби ќе бидат условени, објасни холандскиот министер за финансии, Вопке Хукстра на Твитер.

Претходниот состанок на министрите за финансии заврши без договор поради огромните разлики помеѓу северните, штедливи, земји и јужните земји кои се најпогодени од кризата и бараат поголема солидарност.

Претседателот на Еврогрупата, Марио Сентено, порача дека ЕМС ќе биде оперативен во рок од две седмици.

Земјите надвор од еврозоната ќе можат исто така да користат делумно помош од механизмот според одредени критериуми. Министрите се заложија дека откако ќе заврши кризата, ќе ги “вратат во ред“ нивните јавни финансии. До тогаш и Европската Комисија, чувар на буџетот на ЕУ, прифати да ги одмрзне строгите буџетски правила за земјите членки.

Земјите синоќа се согласија да работат на Фонд за рестартирање на економијата кој треба да им помогне на европските економии да излезат од кризата што ги чека по оваа пандемија. Овој фонд, според комесарот за економија, Паоло Џентилони, ќе обезбедува финансирања преку буџетот на ЕУ и ќе биде директно поврзан за него, финансирањата би биле во согласност со главните политички приоритети на Европската Комисија, како Зелениот пакт, на пример.

-Овој фонд треба да овозможи да се распореди финансискиот товар низ времето и на иновативен начин, изјави Џентилони.

Фондот се очекува да биде функционален за шест месеци и да покрие потребни расходи во износ до петстотини милијарди евра. Сепак, никој во ЕУ не го користи зборот еврообврзница. Иако одредени земји сметаат дека финансирањето на фондот ќе треба да произлезе од издавање заеднички долг, други бараат “алтернативен“ начин на финансирање. Темата допрва ќе треба да се дискутира.

Земјите се согласија и за предлогот на Европската Комисија објавен минатата недела да се воспостави механизам за финансирање на националните системи за невработеност и со тоа да им се помогне на граѓаните кои останале привремено или трајно без работа поради кризата. Фондот, наречен СУРЕ, ќе им дава заеми на земјите члени до сто милијарди евра. Холандија смета дека овој механизам треба да биде привремен.

Договор беше постигнат и за помош од страна на Европската инвестициска банка за креирање на паневропски фонд кој ќе им дава гаранции на малите и средните претпријатија во ЕУ за излез од кризата.

Би можело да ве интересира

ЕУ е должна 13.272,7 милијарди евра, што е 84 отсто од нејзиниот БДП

Ана Ололовска

Невработеноста во еврозоната на рекордно ниско ниво од 6,5 проценти

А1он

Анализа: Пад во стопанството на Еврозоната втор месец по ред

А1он

Инфлацијата во август достигна 9,1 отсто во земјите од еврозоната

А1он

Потрошувачите во еврозоната очекуваат висока инфлација и послаб економски развој

ЕК: Очекувањата на потрошувачите во ЕУ и во еврозоната на рекордно ниско ниво

Ана Ололовска