Ковачевски: Нови 350 милиони евра инвестиции на АД ЕСМ во енергетиката и екологијата во Битола и регионот

Од:

АД ЕСМ за Битола и регионот најави три нови проекти – изградба на гасна електрана, фотонапонски електрани и топлификација за градот Битола, инвестиции со вкупна вредност од 350 милиони евра.

Според генералниот директор на АД ЕСМ Васко Ковачевски, целта на сите овие проекти е да се засили енергетската трансформација која е во тек и за која, како што рече, имаме највисоки оценки како држава од страна на Европската енергетска заедница и да се вложи во обновливи извори на енергија низ државата, но и во регионот.

-Нашата политика со овие инвестиции се темели на два столба, односно да ја зачуваме енергетската стабилност на државата и истовремено да ја заштитиме околината и здравјето на граѓаните. Инвестициите во РЕК Битола во следниот период се во рамки на предвидената енергетска трансформација на комбинатот и движењето кон зеленото сценарио. Тука се когенеративната гасна електрана со моќност од 200-400 мегавати која ќе се користи и за производство на електрична енергија, како и за топлификација на Битола, и која ќе биде супституција за два од блоковите на РЕК Битола. Планираниот почеток на работа на оваа инвестиција е по завршувањето на грејната сезона 2025/2026 година. Вредност на инвестицијата во прва фаза ќе изнесува околу 100 милиони евра, односно вкупно 200 милиони евра, изјави Ковачевски.

Додаде дека во рамки на РЕК Битола ќе се градат и фотонапонски електрани, кои исто така се влезени во Интервентниот план за инвестиции. На почеток ќе бидат изградени две фотонапонски електрани од по 10MW и една фотонапонска електрана од 40 MW.

– Овие капацитети ќе бидат во целосна сопственост на АД ЕСМ, односно на државата, истакна Ковачевски.

Од АД ЕСМ најавуваат и проект за РЕК Осломеј, како и за пелагониските општини.

-Дополнително ќе се гради уште еден капацитет од 100 мегавати односно две фотонапонски електрани од по 50 MW, и тие ќе бидат изградени преку принципот на јавно приватно партнетство, односно ќе бараме приватни партнери како што е тоа сега случај во РЕК Осломеј, каде што сме пред потпишување договор со компании од Турција и Бугарија. За тој проект добивме особена пофалба од Европската енергетска заедница за успешно спроведување и на процесот на енергетска и на социјална транзиција. Друг значаен проект за градот Битола и околните населени места Новаци и Могила кои гравитираат кон РЕК Битола е Топловодната мрежа чија вредност е околу 35 милиони евра. Проектот е пред избор на изведувач. Очекуваме до крајот на месецот да потпишеме договор со избрана фирма и во текот на летото, а најдоцна есента, топловодната мрежа да почне да се развива. Овие три проекти кои ги наведов, гасната електрана, фотонапонските електрани и топлификација Битола, кои ќе бидат инвестиција во вкупна вредност од 350 милиони евра од страна на АД ЕСМ, нагласи Ковачевски.

На прес-конференцијата во РЕК Битола учествуваа членовите на управниот одбор на АД ЕСМ и директорот на РЕК Битола Златко Ќурчиевски.

Би можело да ве интересира

ЕСМ: ЕБРД ја нотира успешната реализација на соларната електрана Осломеј

Ана Ололовска

ЕСМ доби одобрување за стартување на ТЕЦ Неготино за обезбедување на недостатоците од струја

А1он

ЕСМ: Набавка на првите 90 илјади тони јаглен за РЕК Битола, отворен повик во текот на целата грејна сезона за останатите

Ана Ололовска

Бектеши: АД ЕСМ не го прекрши Законот за енергетика

Ана Ололовска

АД ЕСМ: Јагленот се набавува исклучиво за дополнително производство за потребите на компаниите

Ана Ололовска

ЕСМ: Девет компании доставија понуди на јаглен за РЕК Битола, понудите ги исполнуваат бараните количини

Ана Ололовска