Конференцијата за одржлив развој на туризмот во Тирана: Ни треба регион отворен за нови пазари и иновативни идеи

Од:

Туризмот може да промовира нов имиџ за земјите од Западен Балкан зашто сме опкружени со природни убавини, но потребни ни се инвестиции и треба заедно да работиме за развојот на туризмот, порача генералната секретарка на Регионалниот совет за соработка (РЦЦ), Мајлинда Брегу на отворањето на Конференцијата за одржлив развој на туризмот во Тирана.

– Ни треба регион кој ќе е отворен за нови пазари и за иновативни идеи во туризмот кои ќе ги пласираат младите заедно со дигитализацијата во секторот. Токму 61 отсто од младите во регионот сакаат да заминат од своите земји и затоа треба со умна политика да ги задржиме дома, рече Брегу.

Таа нагласи дека туризмот има голем потенцијал за создавање работни места и затоа е нормално што нашиот регион зависи од развојот на туризмот.

– Одржливиот туризам бара добра инфраструктура за хотелско сместување, но треба да ги смениме и нашите навики. На туризмот му е потребна трансформација и има сила да не зближи сите нас. Тој има економска и социјална важност и е најбрзо растечкиот економски сектор во последните неколку години, посочи Брегу.

Туризмот, како што рече генералната секретарка на РЦЦ, не е само одмор и авантури, туку оваа неверојатна гранка предизвикува раст преку поддршката на локалните бизниси и зголемувањето на локалниот БДП.

Пред пандемијата туризмот придонесуваше со 15 отсто во БДП на регионот на Западен Балкан, вработуваше околу половина милион лица и донесе многу позитивни резултати што се прелеваа во различни општествено економски области. Во 2019 година регионов го посетија повеќе од 12 милиони туристи што му донесе на Западен Балкан добивка од околу 7,2 милијарди евра.

Туризмот учествуваше со 10,2 отсто во БДП на регионот и со повеќе од 25 отсто во извозот. Во просек 11,4 отсто од вкупно вработените во земјите од Западниот Балкан беа во овој сектор, од кои 55 отсто беа жени. Во летото 2021 година бројот на туристички посети изнесуваше 70 отсто во споредба со претпандемиската 2019 година, а кај патувањата имаше опоравување од 92 отсто. Тоа покажува дека регионот има една од најбрзо растечките стапки на опоравување.

Сепак туризмот беше, а можеби и понатаму е еден од најпогодените сектори. Доколку продолжи кризата, се предвидува дека економскиот раст во регионот во 2022 година ќе биде намален од 3,6 на 2,6 отсто заради последиците од глобалните нарушувања, кои доведуваат до помали приходи од туризмот, зголемени цени на храната и енергенсите и инфлацијата. Сепак туризмот има голем потенцијал да го забрза растот и да ги трансформира заканите во можности, доколку со нив се управува добро и мудро.

– Туризмот за жал ќе биде трет најпогоден сектор од војната во Украина, заради недоаѓањето на руските туристи, посочи Брегу, додавајќи дека дури 50 отсто од странските туристи во Црна Гора биле токму од Русија.

Сепак, туризмот, истакна таа, има голем потенцијал да предизвика развој.

– На Западниот Балкан му е неопходно да ги тргне бариерите за движење на туристите и да овозможи патување само со лична карта на луѓето од регионот, но и да овозможи слобода на движење и за туристи од трети земји, рече Брегу.

Таа нагласи дека беа важни одлуките за слободен роаминг на Балканот со што се овозможи поголема поврзаност и придонесе за 500 отсто користење на податоците во мрежите.

Албанската министерка за туризам и екологија Мирела Кумбару рече дека минатата година Албанија имала шестмесечна туристичка сезона и додаде дека целта им е да имаат 12-месечна понуда.

– Албанија не е класична туристичка дестинација, како Грција или Хрватска, но се претвори во дестинација која треба да биде откриена од страна на туристите, како земја со море, но и снег на планините, рече Кумбару.

Таа посочи дека магазините кои пишуваат за туризмот ги имаат опишано плажите во Албанија како едни од најчистите во светот.

– Во Албанија во 2019 година имавме шест милиони странски туристи, а во 2021 над шест милиони. Тоа е пример дека домашниот туризам доби нова димензија и ги охрабри малите инвеститори, па дури и земјоделците, да се отворат и да вложат во туризмот како вински, кулинарски и земјоделски туризам, потенцира Кумбару.

Во рамки на Конференцијата, ресорните министри од Западен Балкан, претставници од Европската комисија и други релевантни засегнати страни, на четири панели расправаат за состојбите што ги остави пандемијата со Ковид-19 во туризмот, како и за подобрување на деловната клима за одржливи инвестиции и на човечкиот капитал во туризмот. Ќе стане збор и за подобрување на компетентноста во туризмот, како и за иновациите и креативноста во служба на туризмот.

На првиот панел посветен на состојбите предизвикани од Ковид-19 се разговара за влијанието на имплементираните мерки, како и за оние кои допрва треба да се преземат за да се решат тековните ефекти од пандемијата врз туризмот, а препораките од него ќе послужат како почетна точка за работата на Комитетот за кризи и закрепнување на туризмот на Западен Балкан.

Вториот панел е посветен на подобрување на деловната клима за одржливи инвестиции во туризмот и на состојбата во туристичките инвестиции во регионот со препораки за подобрување на деловното опкружување за да се привлечат поодржливи инвестиции во туризмот и да се преземат мерки за отстранување на административните бариери во регионот за патување за авантуристички туризам.

Третиот панел е за подобрување на компетентноста на човечкиот капитал во туризмот со опфат на главните предизвици во подобрувањето на вештините, признавање на стекнатите вештини и дипломи и развивање заеднички професионални стандарди во туризмот во регионот.

На четвртиот панел, кој е посветен на иновациите и креативноста во туризмот, ќе се говори за справувањето со барањата на современиот туристички пазар и новите трендови во креативните индустрии со цел да се искористи креативниот потенцијал на регионот во промоцијата, развојот и валоризацијата на туризмот.

Извор: МИА

Би можело да ве интересира

Молотови коктели на протест во Тирана

Истрагата за двојно убиство во Албанија се проширува во Македонија, уапсен за дрога во Прилеп контактирл со убиените

Катерина Ѓуровски

ВИДЕО: Тешка несреќа во Албанија, осуммина мртви

Во несреќен случај во Албанија, загина жена од Осиек

Само Албанија е понесреќна земја од Македонија во регионот: ООН го објави извештајот за среќа

Орце Костов

Зетот на Трамп објави фотографии од луксузни архитектонски проекти за Србија и Албанија