КФС: Финансискиот систем успешно се справи со првичниот удар од кризата, подготвен е за натамошните ризици

Од:

Финансискиот систем успешно одговори на првичниот удар од ковид-кризата и е подготвен да се справи со понатамошните предизвици. Финансиските регулатори внимателно ги следат состојбите и одвивањето на ковид-кризата, со подготвеност да ги приспособуваат своите политики, гарантирајќи за финансиската стабилност, смета Комитетот за финансиска стабилност на Народната банка.

На вчерашната седница, како што денеска соопшти Народна банка, биле презентирани оценките и видувањата за секој од сегментите на финансискиот систем.

Според најновите показатели, како што истакнала гувернерката Анита Ангеловска-Бежоска, остварувањата на системот на крајот на третиот квартал се подобри отколку пред почетокот на ковид-кризата.

– Капацитетот на системот за справување со шокови е зголемен, со значителни капитални и ликвидносни заштитни слоеви, а истовремено значајно е и што се солидни показателите за ефикасност. Истовремено, на крајот на септември, нивото на нефункционалните кредити е на историски најниско ниво од 3,4 проценти, посочила Ангеловска-Бежоска.

На седницата било оценето дека е добро што нема позначителни промени во стапката на евроизираност на банкарскиот систем, односно дека таа е на речиси исто ниво како пред една година, со учество на девизните во вкупните депозити од околу 42 проценти.

Министерот за финансии Фатмир Бесими посочил дека Министерството со внимание го следи сегментот на финансиски друштва и компании за лизинг, иако со нивното учество од под 2 проценти во вкупната актива на финансискиот систем, не претставуваат закана за стабилноста. Тој посочил дека одржување на стабилноста на финансискиот сектор во време на ковид-кризата е од особено значење, вклучително и за реалниот сектор. Согласно со очекувањата на Министерството за финансии, а врз основа на движењата на пазарот, во претстојниот период се очекува засилување на активноста на финансиските друштва.

Претседателката на Комисијата за хартии од вредност Нора Алити истакнала дека основите врз кои се потпира пазарот на хартии од вредност се оценуваат како здрави, но оти променливиот и непредвидлив амбиент налага натамошно внимателно следење на трендовите и на потенцијалните ризици.

– На деветмесечна основа, вкупниот износ на прометот на домашниот пазар е поголем за 24 проценти во споредба со истиот период минатата година. Индексот МБИ10, по изразените ценовни флуктуации и пад на вредноста во првиот квартал, во понатамошниот дел од годината забележа мала осцилаторност и на годишна основа забележа благ пад од 3,52 проценти, односно најмал пад во споредба со главните регионални берзански индекси, посочила Алити.

На состанокот е истакнато дека капитално финансираното пензиско осигурување е стабилно со идентификувани ризици кои се анализираат и контролираат.

– Сепак, неизвесноста во четвртиот квартал од оваа година и натаму е на прилично високо ниво. Вториот бран на вирусот може да предизвика нови флуктуации на финансиските пазари, а со тоа и влијание врз вредноста на средствата на пензиските фондови. Развојот на технологијата, пак, бара брзо приспособување на регулативата на потребите на членовите на пензиските фондови, како и на супервизијата на пензиските друштва, за минимизирање на ризикот од ширење на вирусот и заштита на јавното здравје, при што треба да се обезбеди и деловна непрекинатост и непречено функционирање во пензиското осигурување, истакнал претседателот на на Советот на експерти на Агенцијата за супервизија на капитално финансирано пензиско осигурување (МАПАС), Максуд Али.

Претседателот на Советот на експерти на Агенцијата за супервизија на осигурување (АСО), Крсте Шајноски нагласил дека во првото полугодие од годината е подобрена финансиската состојба на друштвата за осигурување.

– Конзервативните политики и регулативата за вреднување на техничките резерви и вложувањата на средствата коишто ги покриваат техничките резерви, како и високиот квалитет на инструментите коишто се вклучени во пресметката на капиталот на друштвата за осигурување се добра основа и гаранција за зачувување на солвентноста во работењето на друштвата, напоменал Шајноски.

На седницата, како што соопшти централната банка, било посочено дека во изминатиот период има појава на дезинформации и тврдења за одделни финансиски институции, коишто не се засноваат на факти.

– Имајќи ги предвид можните последици од ваквите појави врз финансискиот систем, беше посочено на потребата од заеднички залагања на финансиските регулатори за да не се дозволи ваквата појава да создава ризици, што би било и дополнителен влог во натамошното јакнење на финансиската стабилност. Притоа беше истакнато и дека е важно економските агенти да ги следат референтните и официјалните извори на информации за финансиските институции и за сите сегменти на финансискиот систем, се вели во денешното соопштение од Народна банка.

Би можело да ве интересира

Средба со Мисијата на ММФ: Народната банка со преземените мерки успешно ја одржува стабилноста

Ана Ололовска

Позначајни движења кај останатите финансиски институции (ОФИ): прв квартал на 2023 година

Ана Ололовска

Позначајни движења кај каматните стапки на банките и штедилниците

Ана Ололовска

Ангеловска-Бежоска на Самит во Црна Гора: Истрајноста на политиките е од суштинско значење за стабилизирање на инфлацијата

Ана Ололовска

Ангеловска-Бежоска на Универзитетот во Штип: Дефицитот на тековната сметка во 2023 година ќе се намали при помали цени на енергентите

Ана Ололовска

Ангеловска-Бежоска: Инфлацијата ќе се намалува, на среден рок ќе се сведе близу до историскиот просек

Горан Наумовски