Јаневски: Да продолжи рокот за искористување на ваучерите и да се отворат ски-центрите со посебни протоколи

Од:

Агенцијата за промоција и подршка на туризмот (АППТ) бара од Комисијата за заразни болести и од Министерството за здравство да донесе посебни протоколи кои ќе овозможат отворање на домашните ски – центри, а во понеделник, на состанок на Координативното тело, се очекува сите комори, здруженија и асоцијации да дадат дополнителни предлози за ублажување на корона-ударот. Предлог-мерки, среднорочни и долгорочни, ќе изнесат и АППТ, како и Министерството за економија.

Како што соопшти денеска директорот на Агенцијата, Љупчо Јаневски, иако досега се искористени само 43.000 ваучери за домашен туризам, ваквата поддршка дава резултати и треба да продолжи догодина. Треба, оцени Јаневски, да продолжи и рокот за ваучерите кои не се искористија, а се нешто над 50.000.

Закрепнувањето на туризмот, порача Јаневски, треба да биде „зелено“ и насочено главно кон регионот, што подразбира создавање воспоставување т.н. зелени коридори со Србија, Црна Гора, Албанија и Косово кои ќе овозможат да се патува без ПЦР тестови и без какви било задржувања на туристите, на што АППТ веќе работи.

Директорот информира дека годинава се исплатени околу 80 милиони денари за субвенции на домашните и на странските тур-оператори што е реализација на Буџетот на АППТ од 99,88 отсто. За идната година Агенцијата побарала 138 милиони денари буџет, но државата предлага да и одобри 96 милиони денари. Падот на туризмот во првите шест месеци од годинава е 34 отсто, што е најмал пад во однос на другите земји во регионот и нема да биде драстично поголем во третиот квартал.

Во првите девет месеци бројот на странските туристи е намален за 83,87 отсто, а на ноќевањата за 84 проценти зашто во тој период, но и се уште земјава е во т.н. црвена зона, односно оние што ќе ја посетат, по враќањето дома или треба да седат во изолација 10 дена или им следува 14-дневен карантин.

Јаневски е оптимист дека деновиве туристичките агенции ќе излезат со конкретни аранжамни за зимување или за дочек на новата година, како и за божиќните празници. Интерес да ја посетат земјава има од Албанија и Косово, но и од Белорусија и Украина. Промоцијата на македонскиот туризам активно продолжува, не само онлајн. Во октомври, потсети директорот на АППТ,15 албански тур-оператори беа на инфо тура во Маврово и Попова Шапка, а од 6 декември почнува редовната авио линија Киев – Скопје со летови двапати неделно, во четврток и недела, поради што се очекуваат поголем број туристи од Украина. Ако дозволи состојбата, додаде Јаневски, треба да се воведат и чартери за зимската сезона и од Белорусија.

-Искористеноста на ваучерите требаше да биде поголема. Понекогаш недостига контрола кога нашите туристички капацитеи се во прашање, но и дали статистиките се точни кога се работи за домашниот пазар. Да, треба да продолжиме со ист или сличен модел на субвенцинирање кој Агенцијата веќе го подготви и ќе биде доставен до Министерството за економија и изложен на Координативното тело во понеделник. Во однос на аранжамните, тие се оставаат на туристичките агенции и тур-операторите зашто патувањата во Србија, Албанија, Косово и Црна Гора се без ПЦР тест. Затоа очекувам деновиве да се излезе со аранжмани за зимскиот период или за новогодишните и божиќните празници, истакна Јаневски.

Според него, секторот треба да се стимулира, но мора и заеднички да се градат одржливи форми на туризам, земјава да се позиционира како дестинација за сите четири сезони, да се промовираат националните паркови, руралниот, алетернативниот и адреналинскиот туризам, а и гасторномијата мора да си го заземе своето место. Јаневски укажува дека поради корона ситуацијата, туризмот веќе добива нова форма – се повеќе се бараат поблиски дестинации, а и патувањето е најчесто семејно, во помали групи. Таков туризам треба да им се понуди на потенцијалните гости.

Прогноза на Јаневски е дека во првата половина на 2021 гподина ќе има многу малку чартер летови.

-Голем број тур-оператори се подготвени да летаат зашто сите бврски според нив АППТ ги има исплатено. Очекувам минусот да биде многу помал кога се работи за странскиот пазар. Сепак, тоа ќе зависи и од пандемијата, подвлече директорот.

Осврнувајќи се на досегашните резултати од 2020 година, Јаневски посочи дека кампањата „Дома си е дома“ се покажа како многу успешна. Хаштагот „Дома си е дома“ бележи преку 3.500 објави, 10-те промотивни видеа се прегледани 32000 пати, а посетеноста на страницата „Норт Маседониа тајмлес“ е зголемена за 22,5 проценти. И на престижниот „Лоунли планет“, рече Јаневски, земјава првпат беше претставена преку кратко видео со адреналинските и алтернативни форми на туризам.

Фокус, пак, на претстојните активности на Агенцијата ќе биде привлекување гости пред се од региноот, ставање во функција на Бислимската клисура, водичот „Виа игнатиа“, како и означувањето на чаршиите во Ресен, Охрид, Битола и Прилеп. Акцент ќе се стави и на зголемување на посетите на блогерите и инфлуенсерите, ќе се овозможи адреналински туризам во Крушево, Демир Капија и Маврово, како и ќе се тагираат 10-те најкачувани врвови во земјата. Ќе се понудат патеки, водичи и апликација, два електронски водичи – Скопје град на солидарноста и за 50 музеи што треба да се посетат, арехолошки водич и други промотивни алатки и материјали.

На новинарско прашање во однос на барањето за негово итно заминување од позицијата директор што денеска го реафирмираа Здружението на угостителството и туризмот при Стопанската комора на Македонија, Туристичко-угостителската комора на Македонија во рамки на Сoјузот на стопански комори (ССК) и Националната асоцијација за дојдовен туризам (НАИТМ), Јаневски одговори дека Агенцијата прва во регионот создаде Координативно тело, на нејзино барање, во кое учествуваат и членуваат сите засегнати страни од труизмот.

-Со здруженијата, асоцијациите и коморите работиме заеднички на донесување на сите можни мерки, предложени од нивна страна за ублажување на кризата. Сите четири сегменти и сетови мерки беа донесени по барање на коморите. Покрај соработката и отвореноста, АППТ секогаш работи со аргументи, статистики и постигнувања, напомена Јаневски.

Би можело да ве интересира

Прогласени најдобрите дестинации во светот за ноќен живот

Предраг Петровиќ

„Руси доaѓајте, сметаме на вас“

Предраг Петровиќ

Туристичките капацитети за празниците исполнети до 80 отсто

Горан Наумовски

Јаневски поднесе оставка од функцијата директор на Агенцијата за туризам

Катерина Ѓуровски

Во земјава нема доволно кустоси, странски водичи раскажуваат поинаква историја за нашите локалитети

Катерина Ѓуровски

Продолжениот Велигденски викенд повеќе од половина ќе ги исполни сместувачките капацитети на охридското крајбрежје

Ана Ололовска