Изгласани измени на Законот за тутун, рокот за откуп продолжен за еден месец

Од:

Собранието денеска едногласно го донесе Законот за изменување и дополнување на Закон за тутун, предложен од група пратеници од владејачкото мнозинство. Сите пратенички групи се согласија дека треба да им се помогне на тутунопроизводителите и да се продолжи рокот за откуп на тутун за еден месец. Но, не изостанаа и меѓупартиските препирки, кој повеќе се грижи за тутунопроизводителите, дали власта или опозицијата.

Предлог-законот го образложи пратеникот од СДСМ Миле Талевски, кој е еден од предлагачите.

– Целта на измените и дополнувањата на Законот за тутун е да се продолжи периодот на откуп за еден месец со што ќе се надминат проблемите со откупот на тутун и ќе им се овозможи на откупните претпријатија да го откупат целокупното производство на тутун, истакна Талевски.

Тој посочи дека зголеменото производство на тутун во оваа производна година, како и проблемите кои се појавиле со откупот, на што дополнително влијаело и тоа што една од фирмите регистрирани за откуп не обезбедила финансиски средства, со што нема да може да се откупи целокупното производство на тутун во законски предвидениот рок, мнозинството поднело предлог-закон со цел да им се излезе пресрет на тутунопроизводителите и да се продолжи рокот за сиот тутун да биде откупен.

Предлагачите на измените на законот, појаснуваат дека се работи за околу 785 производители и околу 451 409 килограми тутун кој може да остане неоткупен во законски предвидениот рок и затоа се бара продолжување на рокот за еден месец.

– Ќе добиеме време да изнајдеме решение за да ја спасиме оваа лоша сезона за тутунот. Реално гледано, ние и јавно кажавме дека во петтиот пакет економски мерки, предвидени се околу пет милиони евра за тутунопроизводителите, но динамиката и начинот на исплаќање на средствата ќе се утврди откако ќе заврши целиот откуп, рече Талевски.

Пратеникот Кастриот Реџепи од БЕСА рече дека предлог-законот треба да се изгласа што побрзо и да им се помогне на тутунопроизводителите.

– Сите политички субјекти овој предлог го имаат поддржано, го продолжуваме рокот кој беше до крај на февруари, откако ќе го изгласаме законот ќе се овозможи уште еден месец за откуп, објасни Реџепи.

Љупчо Димовски од Социјалистичката партија изрази задоволство што ќе се реши проблемот на тутунопроизводителите.

– На 22 декември 2020 година кога ја поднесовме информацијата за тутунопроизводители, една од мерките, која ја предложивме беше продолжување на рокот оти бевме убедени дека откупувачките компании нема да се придржуваат на законски планираниот рок до крајот на февруари. Вишок на производен тутун нема, има ориентален тутун кој не беше дел од договорите. Да не навлегувам како се склучуваат и по кои услови тие договори, секако на штета на производителите, за што целосна вина сносат откупувачките компани, кои не го почитуваат дури и авторитетот на Министерството за земјоделство, рече Димовски. Тој нагласи дека и опозицијата поднела предлог-закон за тутун, но, како што рече, да не се навраќаме кој поднел, подаваме рака за добро на тутунопроизводителите.

Би можело да ве интересира

(ВИДЕО) Филипче: Нови субвенции за тутунопроизводителите по 6.000 денари за секој хектар тутун

Бектеши: За уште 35 денари се зголемува откупната цена на тутунот, носиме одлуки во интерес на тутунарите

Откупувачите ги потпишаа анексите со зголемена цена на тутунот, откупот веднаш се интензивираше

Во Прилеп се очекува да се интензивира откупот на тутунот

Николовски: Очекувам цена до 400 денари за тутун од прва класа и минимум за 20 отсто повисоки откупни цени за годинава

Стомнароски: Откупот на тутунот нема да почне без зголемени цени