ВИДЕО: Исплатени близу 255 милиони денари субвенции за градинарско производство

Од:

Денеска се исплатија близу 255 милиони денари субвенции на 11.828 земјоделци, за мерката за директни плаќања за градинарско производство во контролирани услови за пиперки, краставици и домати. Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Трајан Димковски, посочи дека денешната исплата е во рамки на динамиката за исплата на субвенции, во период кога им се најпотребни на земјоделците.

„Продолжуваме со континуирана и навремена исплата на субвенциите, во период кога им се најпотребни на земјоделците. Овие пари им се потребни на производителите на градинарски производи во овој период за подготовка на расадот за новата производствена реколта. За да придонесеме кон развојот на оваа гранка, ги олеснивме критериумите, односно засадената површина се пријавува збирно за сите градинарски култури. За градинарството во годинешната програма за финансиска поддршка на земјоделството останува дополнителната субвенција од 3 денари за предадени градинарски производи во преработувачки капацитети“, изјави министерот Димковски.

Директорот на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој, Николче Бабовски, потенцираше дека заедно со денешната исплата, од почетокот на годинава, по Програмата за земјоделство 2019 година исплатени се вкупно 1 милјарда и 214 милиони денари за земјоделците кои одгледуваат поледелски култури, за лозарите и денеска за градинарите.

„Маката на земјоделците мора да биде наградена. Оваа Влада се грижи за земјоделците и ја вреднува нивната мака и труд. Агенцијата ќе продолжи и во иднина навремено, согласно закон и без селекција да ги исплаќа субвенциите и да создава поволни услови за развој на агро секторот“, изјави директорот Бабовски.

Министерот Димковски потенцираше секоја мерка за градинарството е во насока на развој на оваа земјоделска гранка, за зголемено производство на градинарски производи и зголемен извоз. Во моментов извозот на свежите градинарски производи во вкупниот извоз на земјоделско-прехранбени производи учествува просечно со околу 9,5% со вредност од околу 50 милиони евра. Извозот на преработениот и сушен зеленчук во вкупниот извоз на земјоделско-прехранбени производи учествува просечно со околу 11,5% со вредност од околу 60 милиони евра.

Паралелно се преземаат мерки и за обезбедување на сигурен откуп и пласман на земјоделските производи. Бордот на директори на Светска банка деновиве го одобри проектот за модернизација на македонското производство во износ од 46 милиони евра, од кои 32 милиони евра се за откупно-дистрибутвни центри.

Откупно-дистрибутивните центри ќе се градат на три локации, во Скопје, Струмица и Ресен.

Би можело да ве интересира

МЗШВ: Кон 4.033 одгледувачи на говеда исплатени 100 милиони денари дополнителни субвенции за обележани грла говеда

МЗШВ: Исплатени субвенциите за остварено производство во овоштарство и градинарство со вредност од 302 милиони денари кон 13.440 земјоделци

МЗШВ: Со измените во Законот за стокови резерви, оризовата арпа се вбројува во листата на стратешки култури за државата

МЗШВ: Ништо ново од Трипуновски, лаги и измислици наместо проекти и визија за земјоделците

Горан Наумовски

Кривична пријава за несовесно работење во службата против двајца членови на комисија во МЗШВ

МЗШВ: Повик до откупувачите на сончоглед да достават податоци за извршениот откуп