Иако здравствениот систем пука по шевови, непотпишаниот кредит од Светска банка одложен за да не се политизира

Од:

На пари од Светска банка за брзо закрепнување од кризата предизвикана од пандемијата Министерството за здравство, Министерството за труд и социјала и Агенцијата за вработување може да се надеваат по изборите. Откако дополнителната заменик – министерка за финансии Гордана Димитриеска – Кочоска одби да го потпише заемот, по договорот за датум за избори на 15 јули, неделава, министерката за финансии Нина Ангеловска со писмо ја известила Светската банка дека за заемот ќе одлучува новата влада за да се избегне негова политизација.

„ Испратеното писмо има содржина која јасно и недвосмислено кажува дека поради избегнување на политизација на овој заем, како и поради значајната намена на средствата од истиот и можноста за негово ратификување по формирање на Влада и Собрание, подобро е за неговата ратификација и потпишување да одлучи Влада и Собрание со полн легитимитет, наместо техничка Влада во вонредна состојба во услови кога не постои консензус. Ова уште повеќе имајќи предвид дека Владата досега одлучила дека е значаен политички консензус за сите заеми – па претходните 4 потпишани заеми меѓу кои еврообврзницата, заемот од ММФ, заемот од ЕУ и заемот од Светска Банка во висина од 50 милиони за поддршка и финансирање на мерката за финансиска поддршка на работодавачите заради исплата на плати се потпишани и од министерот за финансии и од дополнителниот заменик министер за финансии“, вели Нина Ангеловска, министерка за финансии.

„ Поради избегнување на политизација на овој заем подобро е за неговата ратификација и потпишување да одлучи Влада и Собрание со полн легитимитет, наместо техничка Влада“, смета министерката Ангеловска

Таа има одговор и на повиците од дополнителната заменик – министерка за финансии да го потпише кредитот на ист начин како што сама го потпишала кредитот во февруари.

„ Заемот од месец февруари на кој се повикува дополнителната заменик министерка не е воопшто споредлив со овој ако имаме предвид дека за истиот имаше донесен Закон за задолжување од страна на Парламентот пред неговото распуштање. Согласно тоа потпишувањето на заемот произлегуваше од веќе донесен закон, а истиот беше потпишан по негово усвојување на бордот на Светската банка. Јасно е дека оваа криза не најде во предизборен период и тоа го прави менаџирањето уште потешко, но јас верувам дека граѓаните и јавноста може да направи вистинска и реална проценка на нештата. Затоа е важно да ги има секогаш потполните и точни информации„, вели министерката Ангеловска.

Дополнителната заменик – министерка Димитриеска – Кочоска откако беше посочена од министерот за здравство Венко Филипче дека два месеца го кочи кредитот, јавно ги кажа прашањата на кои барала одговори за кредитот.

Таа прашала зошто е предвидено ретроактивно финансирање до 30 отсто од кредитот за трошоци настанати од 1 февруари кога првиот случај кај нас е регистриран подоцна. Прашала која е оправданоста на трошок од 800 илјади евра од кои 360 илјади евра се за ангажирање експерти, а остатокот за обуки за медицинскиот кадар и зошто обуките не се онлајн. Дополнителната заменик министерка – побарала податоци за тоа како се оправдува итноста за надградба на системот „Мој термин“ што се предвидува во временска рамка од 8,5 месеци, а чини 200 илјади евра. Не добила одговор ниту на прашањата зошто има неусогласување на износите за набавка на медицинска опрема во планот од Светска банка и планот на Министерство за здравство, а прашала и која е потребата од набавка на дронови и која е потребата од 830 илјади евра за доделување пакети за храна кога е веќе донесена Уредба за доделување платежни картички за храна и основни средства.

Едно од прашањата на дополнителната заменик – министерка Гордана Димитриеска – Кочоска е како се оправдува итноста за надградба на системот „Мој термин“

На прашањата за кои дополнителната заменик – министерка тврди дека не добила одговори, од Министерството за здравство и од Министерството за труд и социјала велат дека одговориле неколкупати.

За министерот за здравство Венко Филипче непотпишувањето на кредитот во вакви услови е „нон сенс“.

„Во услови кога во здравствениот систем не е надграден 30 години и кога ни пука по шевови, блокирањето на овој кредит, без да дадам политичка конотација, е нон сенс. За два месеци што ги изгубивме во дописи ние ќе имавме целосно обремени барем две одделенија за интензивна нега. Со парите од тој кредит планираме набавка на кревети опрема, апарати и се што е потребно за целосно опремување на одделите за интензивна нега ширум државата. Предвидовме набавка на мобилни рендген апарати за да не мораат да се преместуваат лежечките пациенти, компјутерски томографи, оддели за изолација за компјутерската томографија, респираторни машини, аспиратори, инфузомати… Со непотпишувањето од страна на дополнителната заменик – министерка за финансии се прави еден сериозен хендикеп, затоа што не знаеме што го чека здравствениот систем во есен, кога сите земји предвидуваат уште еден посилен бран“, вели за министерот Филипче за „А1он“.

„ Во услови кога во здравствениот систем не е надграден 30 години и кога ни пука по шевови, блокирањето на овој кредит, без да дадам политичка конотација, е нон сенс“, вели министерот Венко Филипче

Тој објаснува дека Светска банка им дозволила со дел од средствата да ги покријат веќе направените трошоци за Ковид – 19 пациентите издвоени од буџетот за здравство, но дека не станува збор за трошоци од 1 февруари. Итноста на надградбата на „Мој термин“, за министерот Филипче е повеќе од очигледна.

„Ако сега имавме надграден систем ’Мој термин’ многу полесно ќе ги доставувавме решенијата за изолација. Таа надградба се однесува и на електронското досие за секој пациент и многу ќе ни користи и во иднина, не само за пациентите заболени од Ковид – 19. Ќе ги поврзе Институтот за јавно здравје и центрите за јавно здравје“, објаснува министерот Филипче.

Според него прикажаните трошоци за ангажирање експерти за обуки на медицинскиот кадар биле по актуелни пазарни цени, а обуките не било возможно да се изведат електронски. Според него сите прикажани трошоци се во рамки на насоките од Светска банка.

Од Министерството за труд велат дека со заемот не се набавуваат дронови како што посочува дополнителната заменик – министерка за финасии. – Санела Шкријељ, дополнителна заменик – министерка за труд

Од Министерството за труд и социјална политика, чија проектна единица го подготвувала барањето за заем немаат објаснување единствено за забелешката за набавка на дрон.

„ Набавка на дронови не е предвидена во проектните документи и не е предмет на набавка. Не е планирано да се набавуваат дронови! “, тврдат од Министерството за труд.

Трошоците за пакети за храна и покрај Уредбата за платежни картички за граѓаните со кои може да купат храна од Министерството за труд велат дека се предвидени токму врз основа на предвидувањата на Светска банка.

„ Истражувањата на сите релевантни организации, вклучително и Светска Банка, укажуваат на ризик од продлабочување на сиромаштијата и токму во насока на грижа за нашите граѓани, оние најранливите кои се во системот на социјална заштита, имаат потреба од дополнителна поддршка како што предвидува проектот. Ваквата директна поддршка обезбедува дека децата од овие семејства ќе ја добијат таа помош“, велат од Министерството за труд.

Министерството за труд и социјална политика заедно со Министерството за здравство испратиле одговори на прашањата на дополнителната заменик – министерка во неколку наврати односно на 07.05, 12.05, 15.05, 23.05, 28.05 и на 04.06.2020.

Вкупниот износ на заемот е 90 милиони евра, исплатата е 12 години, а грејс периодот е 3 години. Предвидени средства за Министерството за здравство се 34.05 милиони евра, додека за Министерството за труд и социјална политика и за Агенцијата за вработување се останатите 54.83 милиони евра.

Би можело да ве интересира

(ВИДЕО) Димитриеска-Кочоска: Со „Платформа 1198“ се обврзуваме на економска трансформација на Македонија

Горан Наумовски

Граѓаните ќе можат бесплатно да проверат колку се кредитно изложени: Нова алатка на Народна банка

Орце Костов

Министерство за здравство: Петличковски и понатаму ја извршува функцијата претседател на Комисијата за заразни болести

Конкурси за вработување во здравство по избори, дотогаш продолжен договор на дело

Министерството за здравство тврди дека сите пациенти со дијабетес примаат инсулинска терапија

Преку проект на Светската банка ќе се модернизираат и ќе се поврзуваат платните системи на Западен Балкан