И во јануари ќе се исплаќа помошта од 6.000 денари на лицата со блокирани сметки

Од:

Лицата со блокирани сметки распределени во банки кои не им понудија можност за отворање наменски сметки за исплата на 6000 денари од државата, помошта ќе ја добијат во текот на јануари. Владата го задолжила Министерството за финансии да подготви законски измени со кои ќе биде продолжен рокот за исплата на помошта на граѓаните со блокирани сметки.

„Со заклучок на вчерашната седница, Владата на Република Северна Македонија го задолжи Министерството за финансии да изготви измена на Законот за финансиска поддршка на ранливи категории граѓани за продолжување на рокот 25.12.2020 за ажурирање на сметките. Очекуваме процесот да заврши во текот на идниот месец, откако за законската измена ќе се изјасни Собранието на Република Северна Македонија. Законската измена ги покрива и граѓаните со блокирани сметки на кои не им беше извршена исплата“, велат од Влада за „А1он“.

Од таму тврдат дека граѓаните кои имаат сметки во банки без техничка можност да отворат потсметки биле прераспределени во други банки кои имаат техничка можност.

„Исплата беше извршена на тој начин. Банките кои немаа таква можност ги вратија парите во буџетот“, велат од Влада.

Дел од граѓаните со блокирани сметки уште минатата недела се пожалија дека баките им кажале дека нивните пари се вратени на државата и дека од нив треба да бараат начин парите да им бидат исплатени. Тие не се најдоа ниту во ажурираните листи на кои Владата објави дека ги распределила во банки кои нудат можност за отворање наменски сметки. Оние, пак, кои имаа блокирани сметки, но во банки кои нудат можност за отворање наменски сметки, ги ажурираа податоците и можеа да си ги подигнат парите.

Генералниот секретаријат до моментот на исплатата на помошта немал, и како што нагласуваат од Влада, не можел да има увид, кој од корисниците е со блокирана сметка.
„Владата прави сѐ парите да стигнат до сите на кои им беше наменета. Од таа причина, претходно, со амандмани, беа отстранети сите административни процедури. Апелиравме и до банките за толеранција во деновите до крајот на годинава додека целосно да заврши исплатата, затоа што се работи за категории граѓани кои се најпогодени од кризата предизвикана од пандемијата. Целта е никој да не биде изоставен, ова се финансиски средства наменети за ранлива категорија граѓани кои треба да им помогнат да ја пребродат кризата и тоа е најважно. Тоа што доцнеше донесувањето на Законот за финансиска поддршка на ранливи категории граѓани во Собранието  ги предизвика овие непријатности“, објаснуваат од Владата.

Самохраните родители и уметниците, пак, кои последни беа додадени на листата, немаа можност за поднесување приговори. Од Владата велат дека тие можеле да проверат дали ги има во евиденцијата на Центрите за социјална работа и да се регистрираат за да бидат дел од листата приматели. За разлика од нив, уметниците и другите под надлежност на Министерството за култура поднесувале апликации за да бидат дел од програмата за поддршка од 6000 денари.

Помош од 6.000 денари за справување со последиците од пандемијата Владата подели на 283.000 граѓани, за што беа одвоени 27,3 милиони евра.

Би можело да ве интересира

Железници добија нова помош за исплата на плати: Само советниците на директорот чинат 20.000 евра

Орце Костов

Левица: Приходите на банките од камати изнесуваат 267 милиони евра

А1он

Ѓорѓе Давид не ја напуштил Македонија: Утрово се јавил во кумановскиот суд поради мерката за претпазливост

Црната листа на САД ќе биде основа за воведување на мерки од државата врз лица и фирми

А1он

Банкарскиот сектор и натаму е сигурен и стабилен, донесена е одлука за натамошно зајакнување на отпорноста

Орце Костов

Апел за помош: Да го помогнеме лекувањето на Леонид