Хоџа: Откупот на тутунот не смее да запре, двете страни да бидат флексибилни

Од:

Сакам да разјасниме дека ако некоја земјоделска гранка во мојот мандат очекува само да гаснеме пожари и субвенционирањето да биде сфатено единствено како помош што нема долгорочона стратегија – нема да биде така, или сакаме да имаме развој на земјоделството или секоја година ќе гасиме пожар. Точно е, откупот на тутунот почна лошо, но веќе е постигнат напредок и има подобрување. Просечната цена е зголемена од 162 на 167 денари. Преземањето на договорените количини не смее да запре, процесот мора да продолжи, а за тоа е неопходна флексибилност од двете страни. Ситуацијата постојано ја следиме, разговараме и со производителите и со откупувачите, постојано комуницираме и нашата интенција е да најдеме најдобри решенија за двете страни, рече вечерва министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Арјанит Хоџа.

Во гостувањето на „Топ тема“, Хоџа нагласи дека е можно до крајот на откупот да се достигне и ланската цена од 220 денари за килограм.

Тој на тутунарите им порача дека битката треба да ја водат на откупните пунктови и на вагите, а не пред Владата и на улиците со блокади. Сепак, се согласи дека имаат право да се лутат зашто, како што посочи, скоро 65 отсто од проценката е лоша и тоа е докажано преку Второстепената комисија.

Тутунарите, пак, чии претставници се вклучија во емисијата, уште еднаш се пожалија дека проценката на тутунот не е реална, а од средбата со премиерот Зоран Заев во среда очекуваат решение. Доколку тоа не биде постигнато, дополнително, како што истакнаа, ќе се договараат какви чекори ќе преземат.

– На почеток сме на откупот и не би се согласил дека ситуацијата е катастрофална. Правиме максимални напрои за да се одблокира процесот. Владините политики не се лоши и тоа апсолутно не држи. Но, не може секоја производна година да биде иста. Лани беа постигнати одлични цени и за тутунот и за оризот. Сега не е така. Сепак, не ги оставаме земјоделците сами. Од петокот има подобрување во откупот на тутунот и постигнатата цена. Од денот, пак, кога ги одржувавме состаноците со производителите и откупувачите, просекот е над 175 денари. Максимумот на Владата е ова – една третина Буџет да даваме за тутунарите. Но, можеме и заеднички да седнеме со откупувачите и да најдеме решение, потенцира министерот.

Досега се откупени скоро 2.000 тони или помалку од 10 отсто од вкупно договорените 23.000 тони. Лани, пак, ова време беа откупени 40 отсто.

-Во петокот постигнавме договор – окупот да биде флексибилен, но во тој договор не се вклучи најголемиот откупувач „Сокотаб“. Тука настануваат проблемите. Но, напредок секако има. Ако пред петокот од десет, девет тутунари пријавуваа проблеми, денес има и задоволни тутунари. Процесот мора да тече, а алатката за нивна заштита е Второстепната комисија. Од четири отворени постапки, од 54 оспорени кутии, 17 се потврдени, а 37 имаат нова проценка. Годинава не е најлоша во последните 10 години. Лани беше рекордна, со 220 денари откупна цена, плус субвенции – доѓаше од 4,8 до 4,9 евра за килограм тутун. Но, имало и многу покататсрофални години од оваа. Точно е, почна лошо, но има подобрување и зголемување на просечната цена од 162 на 167 денари, рече министерот и додаде дека ако треба заедно со Иницијативниот одбор на тутунарите ќе оди пред „Сокотаб“.

Тој најави дека догодина ќе се разгледа можноста за укинување на четвртата класа, а во однос на обвинувањата околу увозот, објасни дека тој тутун воопшто не влијае врз откупот на домашните количини, и затоа што се работи за само 1.800 тони, но и затоа што е сосема друг тип.

Претседателот на Сојузот на тутунските здруженија, Менде Стомнароски потврди дека има напредок во откупот. Тој ги повика откупувачите на поголема флексибилност.

-На почетокот ситуацијата беше катастрофална. И сега е лошо, но има подобрување од одредени компании. Други не сакаат да го проценуваат тутунот реално. Сите компании треба да ја разберат маката на тутунарите и да прифатат дека ако тутунот пред три до четири години се купувал по поблага линија, тоа и сега треба да се прави. И нас не погоди КОВИД-то, и ние имаме дополнителни трошоци. Откупувачите треба да го ценат тутунот реално, не бараме плус класа. Лани ова време беа откупени над 10 милиони килограми, а годинава само околу два милиона. Мислам дека на средбата со премиерот Заев ќе се најде заедничко решение. Времето не гази, верувам дека сите ќе најдат разбирање. Ги повикувам откупувачите да ја олабават линијата, рече Стомнароски.

Игор Мирчевски, пак, од Иницијативниот одбор на тутунарите изјави дека на терен ситуацијата не е завидна.

-Повторно проценката е нереална. Не бараме нипто специјално, секоја класа да оди каде што припаѓа, а скапаниот тутун да биде отстранет. Министерот е на наша страна. Одиме до крај, очекуваме негова поддршка. Очекуваме и на средбата со премиерот проблемите да бидат решени. Ако тоа не се случи, ќе заседаваме и ќе утврдиме какви чекор ќе преземаме, истакна Мирчевски.

Министерот Хоџа во разговорот оцени дека ситуацијата со оризот не е алармантна иако производителите најавуваат протести доколку откупната цена не се зголеми. На најавената средба со нив во среда, ќе ги соопшти конкретните мерки. Не сакаше, како што рече, да прејудицира, без претходно да ги слушне нивните ставови и барања.

Во врска со субвенциите, рече дека ќе бидат исплатени според предвидената динамика. Мал застој имало поради промената на директрксите позиции во Платежната агенција,

-Вкупно 1,8 милијарди денари се предвидени со ребалансот на Буџетот. За жал, лани и годинава се покриваа заостанатите субвенциите од претходната Влада. Следната година ќе бидат чисти, само за 2020 година, објасни Хоџа.

Би можело да ве интересира

Бектеши: За уште 35 денари се зголемува откупната цена на тутунот, носиме одлуки во интерес на тутунарите

Талески: Ново зголемување на откупата цена на тутунот за 35 денари, досега имаме просечна цена од 365 денари

Николовски: Тутунарите утре добиваат анекси на договорите, со зголемена цена од 365 денари на целокупната предадена количина тутун

Земјоделски инспекторат: Тутунарите да не прифаќаат усни најави, откупувачите да испратат писмени анекси за зголемени откупни цени на тутунот

За тутунарите дополнителни 20 – 30 денари субвенција, а од 2024 година и „зелена нафта“, како и 6.000 денари поддршка за хектар површина

Станкоски: Откупните фирми може да ги зголемат цените со анекс, а не да ги условуваат тутунарите