Градбите ќе се категоризираат според комплексноста, почна дебатата за нов закон за градење

Од:

Со нов закон за градење ќе се уредува категоризацијата на градбите и таа треба да биде според нивната комплексност и ќе се подобрат условите за инспекцискиот надзор со цел негово поефикасно работење. Ќе се подобри регулацијата на целиот процес во градежништвото, најави денеска министерот за транспорт и врски Благој Бочварски.

Дебатата за новиот закон стартуваше денеска со дел од општините и со претставниците на градежните комори кои велат дека примената на честите измени на Законот за градење во изминатиот период не можеле да ги следат ниту адвокатите во градежните фирми, како и дека постоечкиот закон има пропусти во делот на обединување на постапки што пак ја забавува реализацијата на сите проекти.

Со новиот закон, прецизираше Бочварски, ќе бидеме целосно фокусирани да ги подобриме условите за инспекцискиот надзор, постапки што денес, пред се, се водат преку Државниот инспекторат за градежништво и урбанизам (ДИГУ), а еден дел за градбите од прва категорија преку општинските градежни инспектори. Целта е сите инспекциски служби да се стават под ДИГУ, со поставување регионални канцелариии што ќе работат на отстранување на сите постапки што се спротивни на законот. Тие ќе можат полесно и поефикасно да работат без притоа да имаат какви било општински стеги.

Ќе имаме, најави Бочварски, разработка на уредувањето на категоризацијата на градбите нешто што денес е хаотично поставено во законот. Сметаме дека категоризацијата треба да биде според комплексноста на градбите, а не според тоа кој издава одобрение за градење.

– Не може една ограда на објект на универзитет да биде објект од прва категорија, а еден цел комплекс на пример на градинка да биде од втора категорија и понизок ранг. Ќе поставиме принципи на целосно регулирање на овој сектор на градежништвото. Од друга страна, многуте погрешни и ненадлежни нормативни упади во процесот на издавање одобренија за градење исто така ќе се обидеме да го регулираме на најдобар можен начин. Издавање на одобрение за градење, на пример на старите градски јадра што се исклучително значајни и за коишто постапките ги враќаме во институциите кои се надлежни за давање одобренија за градење – општините или Министерството за транспорт и врски, а секако ќе прибираме мислење и од култура и од сите надлежни институции, а не по некој обратен ретрограден процес којшто се случува во моментов, а реално прави проблем на секој инвеститор, рече Бочварски.

Според претседателот на Градежната комора при Сојузот на стопанските комори Ивица Јаќимовски, постоечкиот закон има одредени пропусти во делот на обединување на одредени постапки.

-На Законот за градење од 2013 година имаме 30-ина пати дополненија и изменувања, а тоа го отежнува работењето. Кога веќе се направени измени и дополни, значи имало одредени недостатоци што ја ограничувале самата постапка на примена на законот, така што целта на новиот закон е сите постапки да се обединат во еден закон кој ќе биде лесно применлив, изјави Јаќимовски.

Како што посочи Андреа Серафимовски, претседател на Здружението за градежништво при Стопанската комора на Македонија, во примената на измените на Законот во изминатиот период не се снаоѓале ниту правниците во градежните компании затоа што промените биле наменски и не биле во интерес на фирмите.

– Ние сега бараме олеснување на процесите во кои фирмите би се препознале и побрзо би ги граделе објектите. Голем проблем што ќе го дискутираме особено е категоризацијата на објекти. Во делот на законот што се однесува на Комората на овластени инжинери и архитекти имаме големи заблалешки, ние сме една од ретките држави каде што насоките на факултетот се поклопуваат со овластувањата на техничките лица. Имаме проблем и со член 4 кој создава толкување од различни страни, но и многу други постапи кои треба на некој начин да се олеснат со цел капиталните проекти да можат побрзо да се градат. Јавните претпоријатија се тука, имаме објекти кои се уште и покрај изградбата не се пуштени во употреба и знаеме кои беа административните пречки. Затоа инсистиравме како комора јавните претпријатија да ги напишат сите забелешки и да ги достават со цел да видиме што е она што не кочело, со цел да го подобриме, изјави Серафимовски, наведувајќи го како пример патот Сончев град кој е изграден пред три години, но се уште не е пуштен поради проблем од административна природа.

Начинот на категоризација на објектите, појасни, предизвикува неусогласености кои мора да се решат. На пример категорија А е ограда на Влада и мора да ја изведува фирма која има А лиценца, а основно училиште каде учат над 100 деца на пример е Б категорија, помала категорија и за тоа не треба да се лиценцирани од А категорија туку треба да имаат инженери со помалку знаење и искуство што е недозволиво. Мора и да ги разграничиме капиталните и големите објекти, дополни Серафимовски.

Професорот од Архитектонскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје Мирослав Грчев оцени дека постојниот закон со честите и наменски измени го нормализирал несистемското и партикуларното и со него не се опфатени сите објекти и видови на градби. Во овој момент, укажа, практично во градењето се инволвирани пет министерства со издавање на акти и нема систем кој ќе ги обединува.

– Денес инвеститорите и сите на некој начин со овој закон се оставени во неизвесна ситуација затоа што постапките се отворени. Кога ќе почне еден инвеститор да ги остварува своите права, да добие одобрение за градење, тој го поднесува она што законот од него го бара- доказ за сопственост, проект, ревизија итн, но потоа законот го пушта тој да оди налево надесно, да бара согласности и мислења од разни правни лица коишто со други закони влегуваат во постапката, рече Грчев.

Како што дополни, сегашниот закон приозведува диви градба заради закочените постапки и затоа што ги нема затворено постапките за експропријација. Во текот на работата на овој закон кој треба да се спои со Законот за урбанистичко планирање што е донесен оваа година и стапи во примена летоска, треба да се донесат и осовременат законите за градежно земјиште и за експропријација, смета професорот Грчев.

Би можело да ве интересира

Бочварски: До 10 јули ќе се вози по патот Подмолје-Охрид, има силна градежна офанзива

Орце Костов

Пуштен сообраќајот за лесни возила на магистралата А3 кај Делчево

Ана Ололовска

Бочварски: Владата ќе помогне за санација на штетите од невремето во Делчево

Ана Ололовска

Се укинуваат дозволите за превоз на товар и патници меѓу Србија и Северна Македонија

Горан Наумовски

Саем за транспорт во комплексот „Борис Трајковски“

Ана Ололовска

Бочварски: Сите постапки ќе се реализираат со цел да се изградат коридорите на време

Ана Ололовска