ФИТР: Голем интерес за новиот повик за брзо економско заздравување – почнуваат онлајн инфо-сесиите

Од:

Околу 1.000 апликациски пакети се досега преземени од домашни компании по објавувањето на јавниот повик за технолошки развој за брзо прилагодување на КОВИД-19 на Фондот за иновации и технолошки развој.

Фондот од денеска, како што соопшти, во соработка со неколку стопански комори ја почнува најавената серија инфо сесии. Согласно новонастанатите услови тие се оддржуваат онлајн, а првата е со Стопанската комора за информатички и комуникациски технологии (МАСИТ).

– Големиот интерес за инструментот навистина охрабрува и реално може да очекуваме голем број на апликации. Но, тоа истовремено покажува и дека на домашните компании им е потребна поддршка. Ова е една од мерките од третиот пакет економски мерки на Владата која е веќе функционална и со која се обезбедува реална поддршка за економскиот сектор. Овој инструмент е наменет за брзо економско заздравување. Воведуваме иновативен механизам на финансирање, преку доделување на средства на конкуретна основа, со однапред познати критериуми, и поврат од остварените финансиски резултати, но не по цена на опстанок на компаниите и работните места, вели директорот на ФИТР, Јован Деспотовски.

Според него, МАСИТ и останатите комори многу придонесоа за креирањето на овој инструмент.

– Ја поздравуваме иницијативата на ФИТР и Светска банка за воспоставување ваков повик на кој голем дел од малите и средните претпријатија се подобни да аплицираат. При дискусиите со Фондот во изминатиот период дојдовме до заклучок дека листата на видови на трошоци кои ќе бидат подобни, треба да се рашири, земајќи во предвид дека дел од компаниите кои ќе аплицираат, ќе аплицираат за имплементирање на дигитални решенија. За ваков тип на решенија, не се потребни средства само за набавка на решението, туку и други видови на трошоци како бруто плати на вработени кои ќе бидат ангажирани на проектот, средства за самата изработка на софтвер, инсталација, локализација или пак за други видови на оперативни трошоци поврзани со прилагодување на решенито, кои исто така ќе бидат подобни во склоп на повикот. Заради сето ова, сметам дека повикот ќе биде многу интересен за голем дел од компании од сите сектори, и ќе допринесе во забрзано опоравување од кризата предизвикана од КОВИД 19, како и долгорочно постигнување на зголемена ефикасност, а во одредени ситуации и зголемен извоз, истакнува извршниот директор на МАСИТ, Анита Никова Бундовски.

Фондот обезбеди и бесплатна техничка помош за потенцијални апликантни со надворешни експерти во неколку области, меѓу кои дефинирање на бизнис можностите и изработка на квалитетен предлог проект. Консултантските сесии исто така се одвиваат онлајн.

Јавниот повик за технолошки развој за брзо прилагодување на КОВИД-19 е наменет за микро, мали и средни компании со потенцијал за успешно работење. Иницијалниот буџет на јавниот повикот е 200 милиони денари. Финансиската поддршка е структурирана по големина на компанијата и тоа до 750.000 илјади денари за микро, 1.5 милиони денари за мали и до три милиони денари за компании со средна големина и не може да надмине 70 отсто од вкупниот буџет на инвестицијата. Останатите 30 проценти се средства кои ги обезбедуваат самите компании.

Средствата може да се наменат за инвестиции во дигитализација и ИТ системи, реорганизација на работата, унапредување на производите и услугите, набавка на опрема, како и заштитни мерки за работниците. Со мерката се опфатени компании што во последните две години од работењето немаат регистрирано загуба, освен старт-ап компании до три години постоење, кои се изземени од овој услов. Оваа развојна мерка е подготвена во соработка со Светската банка.

Новина во повикот се и критериумите за оценување, во делот на поттикнување на учество на компании со жени во управувачката односно сопственичката структура. Исто така, посебен систем за бодување е предвиден за компании што доаѓаат од помалку развиените региони, кои ќе имаат и предност при селекцијата. Повикот е отворен до 29.06.2020 година.

Би можело да ве интересира

ФИТР го запира финансирањето на фирми што ја злоупотребиле државната помош

А1он

ВИДЕО: Дуалното образование и мерката „младински додаток“ даваат резултати, вели Царовска

Ана Ололовска

Царовска: Ќе има санкции за компаниите, се испитуваат правните можности

Ана Ололовска

Последен ден за барања за поддршка на фирмите што инвестираа во пандемија

Ана Ололовска

Пандемијата ја кутна американската економија – рекорден квартален пад на БДП од 32.9 отсто

А1он

Последен рок за аплицирање за финансиска поддршка за компаниите што инвестираа во тек на пандемијата

Ана Ололовска