До Агенцијата за вработување досега поднесени 816 барања од стечајни работници

Од:

До Агенцијата за вработување до денес се пристигнати 816 барања од стечајни работници за исплата на надоместок согласно неодамна донесениот Закон за материјално обезбедување на невработени лица поради приватизација на претпријатијата со доминантна државна сопственост.

Директорката на Агенцијата за вработување, Билјана Јовановска, денеска на прес-конференција соопшти дека досега не е донесено ниту едно решение, бидејќи се уште во тек е аплицирањето.

Рокот за поднесување на барањата е една година, а барањата се поднесуваат електронски. Стечајните работници треба да понесат само лична карта за идентификација, а останатите документи Агенцијата ќе ги обезбеди по службена должност. Доколку барањето не може да се поднесе електронски, стечајните работници тоа може да го сторат во архивата на центрите за вработување.

– Олеснување во овој закон е тоа што не е потребно стажот да биде платен. Доволно е лицата да биле во работен однос, односно како доказ во прилог на барањето се само М1 и М2 обрасците, појасни Јовановска.

На прес-конференцијата, на која присуствуваше и претседателката на здружението на стечајни работници УНИТ, Лилјана Ѓорѓиевска беше посочено дека околу 300 до 400 стечајни работници на ниво на државата не ги исполнуваат условите за добивање надоместок, односно немаат доволно години работен стаж.

– Тоа е најголем проблем затоа што знаеме дека раната транзиција од 90-тите години на некои не им дозволи да имаат 15 години работен стаж во државна фирма. Тоа е многу мала бројка на ниво на држава, рече Ѓорѓиевска, додавајќи дека ќе се бара решение и овие лица да бидат обештетени.

Со законот за стечајните работници се очекува околу 3.500 лица да добиваат месечен надомест во висина од 34 проценти од просечната исплатена месечна нето плата од минатата година, односно по 7.596 денари. За оваа намена со ребалансот на Буџетот веќе се обезбедени дополнителни средства и директорката на Агенцијата за вработување најави дека надоместокот ќе биде редовно исплаќан.

Надоместот може да го користат невработени на возраст од најмалку 52 години (жени) и 55 години (мажи) со најмалку 15 години стаж во претпријатија со доминантна сопственост на државата, а таму работниот однос да им престанал по основ на стечај, ликвидација или технолошки вишок, заклучно со 30 јуни годинава.

Законот за стечајни работници стапи во сила на 20 овој месец, а ден претходно беше донесен од страна на Собранието на Република Македонија.

Би можело да ве интересира

Влада: Оперативниот план за вработување вреден 1,8 милијарди денари ќе опфати речиси 15.000 лица

А1он

Шахпаска: До ноември реализирани 85% од Оперативниот план на активни програми и мерки за вработување

А1он

Владата усвои стратегија за вработување која предвидува стапката на невработеност да падне на 11%

А1он

(ВИДЕО) Шахпаска: Законот за стечајците е усвоен, обезбеден е надомест од 9.242 денари, стечајците кои ги исполнуваат условите да се пријават во АВРСМ

Ана Ололовска

МТСП: Стечајните работници кои ги исполнуваат условите за надомест со новиот Закон да се пријават во АВРСМ

Ана Ололовска

Шахпаска: Ги намалуваме критериумите за поголем број стечајци да добиваат месечен надомест од 9.242 денари

Ана Ололовска