Данокот на доход и персоналецот остануваат на 10 отсто, Владата не се откажува од прогресивното оданочување

Од:

Новата Влада го почна својот четиригодишен мандат. Првата седница ја одржа неделава и ги донесе првите одлуки. Во Програмата, која треба да ја исполни во добиениот мандат, на 57 страници се наведени приоритетите. Фокусот во економијата планира целосно да се насочи во спроведување на клучниот процес на трансформација на нашата економија. Ќе гарантира предвидливост во делот на даночната политика.

Данокот на добивка, новата Влада, го остава на ниво од 10 отсто во целиот период 20-24, а предвидува ослободување од овој данок при реинвестирање на добивката во 2021 како одговор на влијанието на ефектот од ковид пандемијата.

Персоналниот данок на доход ќе се намалува на 0 отсто во 2023 година за ИТ индустријата и тоа скалесто: 5 отсто во 2021, три отсто во 2022 и 0 отсто во 2023.

Нема да се променува данокот на личен доход и тој останува на 10 отсто, но Владата, како што наведува во програмата, останува доследна на воведувањето прогресивно оданочување преку инклузивен процес на разговори и креирање консенсуз за воведување на иститот. Исто така, ќе се отвори процес на разговори за даночниот систем во поглед на соодносот меѓу директните и индиректните даноци, односно за соодносот на оданочување на имотот, доходот и потрошувачката според примерот на развиените земји и спецификите на нашата економија.

-Остануваме посветени на праведноста во оданочувањето, со понуда на осмислен систем на прогресивното оданочување на вкупните лични приходи, по претходно сериозна и детална анализа и јавна дебата, со фокус на реконфигурирање на концептот на личен доход (семеен доход) и воведување данок на луксуз, наведуваат во програмата.

Во овој мандат Владата предвидува реконфигурација на ДДВ преку воведување нов Закон за данок на додадена вредност преку кој ќе се овозможат даночни бенефиции за претпријатијата што се извозно ориентирани на тој начин што при увозот нема да плаќаат ДДВ за суровините и машините што се наменети за извоз. На тој начин, смета Владата, тие ќе бидат поконкуретни и ќе располагаат со значително повисоки парични средства.

За сите ресторански услуги се предвидува единствена стапка од 10 отсто ДДВ, ревидирање на стапките на данок на додадена вредност за суровините за домашните производители и намалување на стапката на ДДВ за земјоделските производители и намалување на стапката на ДДВ за суровините за извозно ориентираните компании. Ќе се намали од 18 на пет отсто стапка за занаетчиски услуги, подигнување на прагот за плаќање ДДВ од 2 милиони на 3 милиони годишен промет од  1 јануари 2022 и изедначување со прагот на ослободување на данок на добивка до три милиони денари годишен промет.

Се планира продолжување на, како што наведуваат успешниот проект „Мој ДДВ“ со тоа што во овој мандат ќе го зголеми лимитот по поединец на 2300 денари за тромесечие и 9200 денари годишно, односно на 36800 денари за просечно четиричлено семејство, а најавува и продолжување со навремено, редовно и неселективно враќање на ДДВ кај правните лица.

Со нов Закон за царинска тарифа и укинување и елиминирање и намалување на висината на царинските стапки ќе се обезбедат пониски цени за домашните компании за суровините и репроматеријалите, правејќи ги компаниите поконкурентни за извоз.

Владата планира и воведување нов данок на промет при уплата на игрите на среќа во висина од 4 отсто од бруто уплатената вредност. Данокот ќе го плаќаат организаторите на игрите на среќа, а нема да се трансферира на корисниците. Овие средства ќе бидат наменети за поддршка на растот, развојот и општествената одговорност.

На средбите со бизнис заедницата премиерот им најави дека следува стабилен период во даночната политика и дека очекува заедничка борба со коморите против сивата економија.

– Ако се случи промена на данок, таа треба да биде навреме најавена. Немаме такви најави и нема таква потреба, порача Заев на средба со стопанственици од Сојузот на стопански комори.

Исто така порака со стабилна даночна политика испрати и на средбата со Стопанската комора на Македонија и со Стопанската комора на Северозападна Македонија.

– Даноците остануваат стабилни,  за секоја промена ќе има дискусија, потенцира Заев, наведувајќи дека промените ќе бидат во насока на намалување и оти за тоа се остава период од година до година и половина.

Владата на Заев во претходниот мандат го воведе прогресивното оданочување од почетокот на 2019 година. Целта како што образожуваше тогашниот министер за финансии Драган Тевдовски беше обезбедување поголема праведност на даночниот систем.

Освен даночната стапка од 10 проценти се воведе и стапка од 18 отсто која  се однесуваше на даночна основа што надминува еден милион и осумдесет илјади денари на годишно ниво, односно 90 илјади денари на месечно ниво. За даночната основа до еден милион и осумдесет илјади годишно и до 90 илјади месечно се применуваше постојната даночна стапка од 10 отсто.

Со таа измена доходот од закуп, подзакуп, дивиденди, капитални добивки, игри на среќи и друг доход се даночеа со даночна стапка од 15 отсто.

Прогресивното оданочување по една година беше ставено во мирување за 36 месеци поради непостигнување на целите.

Анализата направена и претставена тогаш покажа дека  приходите кои можеле да се приберат од прогресивното оданочување и повисоката стапка на личен доход се помали за 51,2 отсто во однос на потенцијалот. Вкупно изгубените приходи што можеле да се приберат, а не се прибрале, се оценети на 6,5 милиони евра, односно средства што не се слеале во буџетот поради промената на однесувањето на даночните обврзници.

Ставањето во мирување го најави тогашната министерка за финансии Нина Ангеловска која рече дека не станува збор за укинување туку за ставање во мирување на прогресивното оданочување.

Тие 36 месеци, според укажувањата Министерството ќе се посвети на утврдување соодветно решение за ефикасна и ефективна примена на прогресивното оданочување, со разгледување на различните мислења, со подигнување на даночниот морал и со јакнење на механизмите за минимизирање на сивата економија.

-Владата верува во праведно општество и верува во придобивките на прогресивниот данок на доход. Владата останува на ставот дека прогресивен данок може да ја подобри распределбата на доходот во  системот, дека може да даде добри општествени ефекти и да резултира со поправедно и поразвиено општество. За да се постигне ваков ефект, прогресивниот данок треба да има оптимален дизајн, да биде донесен во консултативен процес со сите засегнати страни, да постојат ефикасни механизми за елиминирање на сивата економија и да има зајакната доверба во институциите кај сите нас, истакна тогаш поранешната министерката за финансии.

Во мирување е ставена и стапката од 15 отсто за оданочуање на доходот од права на индустриска сопственост, закуп и подзакуп, капитал, капиталните добивки, од осигурување и друг доход.

Би можело да ве интересира

Влада: Одлука за кадровското решение во ЦУК на наредната седница

Студентите и вработените на ФИНКИ на протест пред Владата

Зошто се одложува изборот на нов универзален снабдувач на струја за домаќинствата?

А1он

Тошковски за поништувањето на неговите наредби: Во влада се тотално неинформирани, како не им е срам

Орце Костов

Џафери за новите автомобили: Лизингот е поевтино решение, ако останат во Владата одржувањето ќе биде скапо

Орце Костов

Битиќи за владината набавка на 45 нови возила: Подобро е на лизинг, трошоците се помали

Орце Костов