Од полноќ дизелот поскап за 10, бензинот за 5 и пол денари

Од:

Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги ја информира јавноста дека во изминатиот седумдневен период референтните цени на сите нафтени деривати на светските берзи бележат до сега незабележан рекорден раст кај сите нафтени деривати и тоа : кај бензинот за 10,990 %, кај дизелот за 21,147% , кај екстра лесното масло за 18,278% и кај мазутот зголемување за 13,830%. Паралелно, во истиот период курсот на доларот во однос на сите светски валути зајакнува и во однос на денарот е зголемен за значителни 1,401 %. Согласно овие податоци, РКЕ донесе одлука со која се вкалкулирани сите овие трендови, со што се врши зголемување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 10,21 % во однос на Одлуката од 28.2.2022 година.

„Од ден во ден драстично се зголемуваат цените на нафтените деривати на светските берзи, а дополнително на тоа и курсот на доларот расте, овие се клучни фактори кои влијаат врз крајната цена. Поради сложената геополитичката состојба која се одразува врз цената на енергенсите, а со цел да се обезбеди сигурност и стабилност на пазарот со нафтените деривати и да се заштитат потрошувачите од големи ценовни осцилации, од сега натаму РКЕ ќе носи одлуки на дневно ниво за цени на нафтени деривати, доколку берзанските цени имаат значителни промени. Овој принцип ќе се применува секогаш во состојби на екстремни дневни промени на берзанските цени. За состојбата во нафтениот сектор, РКЕ ја информираше Владата детално и анализите им се ставени на располагање со цел да се носат соодветни одлуки за да се заштити стандардот на граѓаните. Нафтени деривати има во доволни количини, проблем е високата цена, но не само кај нас, туку во цела Европа. Неопходно е сите да се однесуваат рационално во ваква вонредна и непредвидлива состојба, за која не се знае колку ќе трае и со каков епилог“ изјави Марко Бислимоски, претседател на РКЕ.

Поради енормниот раст на берзанските цени на нафтените дериват и јакнењето на курсот на доларот во однос на денарот, а согласно одлуката, од вечерва на полноќ, малопродажните цени на бензините ЕУРОСУПЕР БС-95 и ЕУРОСУПЕР БС-98 се зголемуваат за 5,50 денари/литар, додека малопродажната цена на ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) се зголемува за 10,00 денари/литар.

Малопродажната цена на Екстра лесното масло за домаќинство (ЕЛ-1) се зголемува за 9,00 денари/литар.

Малопродажната цена на Мазутот М-1 НС се зголемува за 6,149 денар/килограм и сега ќе изнесува 54,319 ден/кг.

Од 8.3.2022 година од 00:01 часот максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:

Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 95 89,50 (денари/литар)
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 98 91,50 (денари/литар)
Дизел гориво ЕУРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) 85,50 (денари/литар)
Масло за горење Екстра лесно 1 (ЕЛ-1) 83,50 (денари/литар)
Мазут М-1 НС 54,319 (денари/килограм)

Споредбено со регионот, согласно последните достапни податоците од 6.3.2022 година (недела) во земјава Еуродизелот е со најниска цена и изнесува 1,388 евра/литар, додека во Србија изнесува 1,552 евра/литар, во Бугарија е 1,457 евра/литар во Албанија 1,616 евра/литар, во Грција 1,678 евра/литар и во Хрватска 1,497евра/литар. И Еуросупер БС 95 исто има најниска цена во земјава од 1,453 евра/литар (цена актуелна од полноќ), за разлика од Србија каде цената на Еуросупер БС 95 изнесува 1,482 евра/литар, во Албанија 1,632 евра/литар, во Грција e 1,951 евра/литар и во Хрватска 1,507 евра/литар. Само во Бугарија е пониска и изнесува 1,427 евра/литар.

Напоменуваме дека ова се максималните цени на нафтените деривати од 00:01 часот на 8.3.2022 година. Трговците на големо и трговците на мало со нафтени деривати и горива за транспорт можат да ги формираат цените на одделни нафтени деривати и горива за транспорт и пониско од највисоките утврдени цени.

Малопродажните цени на ЕУРОДИЗЕЛ и ЕУРОСУПЕР БС – 95 во Северна Македонија и неколку земји од ЕУ (https://ec.europa.eu/energy/data-analysis/weekly-oil-bulletin_en од 28.2.2022) се дадени во табела на веб страната на Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги на РСМ www.erc.org.mk.

Би можело да ве интересира

Доларот на највисоко ниво во последните пет месеци, раст на цената на нафтата

Катерина Ѓуровски

Цените на нафтата на највисоко ниво во последните пет месеци

Скок на цената на нафтата, се намали вредноста на златото

Катерина Ѓуровски

Паднаа цените на нафтата

Поевтинува дизелот

Поскапува Еуросупер БС-98, цените на другите горива не се менуваат

Горан Наумовски